Како настана во Германија социјалистичкиот град Сталинштат

Santner/ullstein bild/Getty Images
Во раните педесетти години во Источна Германија беше изграден Металуршкиот завод „Јозеф Сталин“. Постепено во неговата близина почнаа да никнуваат градски квартови. Така настана првиот социјалистички град во Источна Германија, кој го носеше и името на советскиот водач.

„Во име на владата на Германската Демократска Република, свечено објавувам: првиот социјалистички град во Германската Демократска Република ќе го носи името Сталинштат“, изјави генералниот секретар на Централниот комитет на СЕПГ (Единствена социјалистичка партија на Германија) Валтер Улбрихт на 7 мај 1953 година.

Првично градот на металурзите требаше да биде именуван во чест на „големиот син на германскиот народ“ Карл Маркс, но по смртта на „водачот на народите“ на 5 март 1953 година намерата на раководството на СЕПГ се промени. Новиот град го доби името Сталин, додека Хемниц го промени името во Карл-Маркс-Штат.

„Челик-леб-мир“

По поделбата на Германија на окупирани зони, Рурската област, која беше центар на тешката индустрија во земјата, стана дел од Западна Германија. Така, Источна Германија остана без ниту еден металуршки концерн.

На третиот конгрес на СЕПГ во јули 1950 година беше донесена одлука да се изгради сопствен металуршки завод. Беше усвоен и закон за изградба и обнова на градовите во Источна Германија. Во документот беа пропишани „16 принципи на урбанизмот“, каде во третата точка се наведува дека „градовите во значителна мера ги гради индустријата заради индустрија“.

Така во Источна Германија е изграден Металуршкиот завод „Јосиф Сталин“, а потоа и градот Сталинштат.

Како место за изградба на институтот беше избрана локација на брегот на реката Одра, на границата со социјалистичка Полска. Во случај студената војна да премине во „огнена“ фаза, претпријатието така би се нашло во длабината на Источниот блок.

На 1 јануари 1951 година министер за тешка индустрија на Источна Германија Фриц Зелбман го положи камен-темелникот на првата висока печка. Паролата на изградбата беа зборовите „челик-леб-мир“. И веќе на 19 септември заводот почна со работа.

Модел на светлата иднина

Сталинштат беше првиот плански град во Источна Германија. Изграден е од ништо на територијата јужно од фабриката. Тоа беше еден од најважните градежни проекти во Источна Германија, кој требаше да стане модел на новата социјалистичка ера.

„Целта на урбанизмот е хармонично задоволување на потребата на човекот за работа, домување, култура и одмор“, се наведува во „16 принципи на урбанизмот“. Во Сталинштат беше искомбинирано сè: зони за рекреација со ресторани и кафулиња, градинки и училишта, спортски терени.

Озеленувањето на станбените квартови овозможи нивно одвојување од заводот. Сталинштат требаше да биде модел на светлата иднина, град-утопија, која ја слави благосостојбата на работничката класа.

Специфичноста на овој град беше целосно отсуство на цркви и приватна сопственост.  

Од сталински ампир до згради од бетонски панели

Во 1952 година генералниот секретар на Централниот комитет на СЕПГ Валтер Улбрихт го посети градот со цел лично да провери како напредува изградбата на станбените згради. Меѓутоа, тоа што го виде не му се допадна. Имено, становите беа мали, а таваните ниски. Главниот проектант беше сменет и улиците почнаа да се полнат со згради во стилот на сталинскиот ампир кои наликуваа на московските градби од тоа време.

Генералниот план на Сталинштат ги задоволуваше сите канони на новоградбата на СССР: во центарот беше главниот плоштад со градското собрание, а од плоштадот се протегаше централниот проспект - Алејата Ленин. Околу центарот се градеа станбени квартови. По изгледот потсетуваше на некој советски град.

Но, веќе во 1955 година, во СССР беше донесена одлука „За отстранување на сè што е излишно во проектирањето и изградбата“. Тоа беше крајот на сталинскиот ампир. Буџетот за изградба на германскиот град беше намален, многу проекти беа поедноставени, па новите реони беа преполни со типични згради од бетонски панели.

На почетокот на 1960-тите во Советскиот Сојуз започна периодот на десталинизација, кој ја зафати и Источна Германија. Во 1961 година Сталинштат го промени своето име во Ајзенхитенштат - град на металуршки завод. Локалните жители го скратија името во Хите, што може да се преведе како „колиба“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња