„Плачеше и врескаше кога митрополитот во манастирот ѝ ја отсече косата; а кога ѝ даде монашка капа, ја фрли на земја и ја изгази. Иван Шигона, еден од најблискиот советници, негодувајќи поради таа постапка, не само што ја караше, туку и ја удри со камшик, додавајќи: „Како се осудуваш да се спротивставиш на волјата на господарот и да го одложуваш исполнувањето на неговите наредби?“ Кога Соломонија праша со кое право ја тепа, тој одговори: „По наредба на господарот!“ Тогаш таа со тешко срце изјави пред сите дека монашката одора не ја прима по своја желба, туку поради принуда и го повика Бога да се освети поради оваа неправда“.
Вака Зигмунд Херберштајн го опишува замонашувањето на Соломонија Сабурова, жената на великиот московски кнез Василиј III (1479-1533). Меѓутоа што всушност згрешила кнегињата?
1505 година била време 26-годишниот велики московски кнез Василиј да се ожени. Според обичајот, биле собрани 500 најубави благороднички ќерки од земјата. „Меѓу нив беа избрани 300, потоа 200, и конечно 10, кои бабиците внимателно ги прегледуваа да проверат дали се навистина девици и можат ли да имаат деца, како и дали имаат некои други недостатоци. Конечно, од овие десет беше избрана сопругата“, запиша италијанскиот дипломат Франческо да Коло (1480-1571).
Меѓутоа, по дваесет години брак Соломонија не родила дете, а тоа било многу важно за продолжение на династијата. Василиј, сепак, не можел толку лесно да се разведе, затоа што Православната црква била против разводи.
Соломонијa Сабуровa
Public domainМосковскиот митрополит Варлам, кој одбил да ги разведе, бил разрешен од чинот, па дури митрополитот Данил, кој дошил на негово место, во 1525 година го објавил разводот. Соломонија била замонашена како Софија и испратена во Покровскиот манастир во Суздаљ, каде што починала 1542 година.
Василиј III наскоро се оженил со 18-годишната Елена Глинскаја (1508-1538), чиј син ќе стане познат како Иван Грозни (1530-1584).
Василиј III
Андре ТеветПред Василиј III жените на московските кнезови заминувале во манастир како вдовици, што било нормална пракса во 14 и 15 век. Но, во 16 век Иван Грозни вовел поинаков обичај.
Откако неговата трета жена Марфа Собакина умрела кон крајот на 1571 година, Иван се оженил по четврти пат. Во мај 1572 година за жена ја зел Ана Колтовскаја (1556-1626), но таа не се задржала долго во бракот. Иван ја испратил во манастир и таа како монахиња Дарија завршила во истиот Покровски манастир во Суздаљ.
„Царот, кој повеќе не се грижеше за пристојност, без да бара благослов од свештеник, без дозвола на црквата, се ожени со Ана Василчиковаја некаде околу 1575 година. Тоа му беше петти брак“, запишал рускиот историчар Николај Карамзин. Ана била замонашена околу една година подоцна.
Дури Ивановата последна жена Марија Нагаја (1553-1608) останала покрај царот до неговата смрт, но ни таа не го избегнала монаштвото. Била мајка на принцот Дмитриј (1582-1591), кој умрел под мистериозни околности во градот Углич, седум години по татковата смрт. Марија тогаш била замонашена.
Во 17 век праксата на присилно замонашување продолжила. Последниот цар кој интензивно го користел овој метод бил Петар Велики. Првите години од неговото владеење морал да се бори за власт со својата постара полусестра Софија Алексеевна (1657-1704), која била регент од 1682 година.
Софијa
Public domainВо 1689 година тензијата меѓу Петар и Софија избила во вооружен конфликт, но приврзаниците наскоро ја напуштиле Софија и таа била лишена од власт. По наредба на Петар, била затворена во Новодевичкиот манастир во Москва, но без замонашување. Софија била замонашена речиси десет години подоцна, 1698 година, заедно со сестрите Марта (1652-1707) и Феодосија (1662-1713), по големото востание на „стрелците“ (царевата гарда).
Марта
Public domainПетар исто така бил последниот руски цар кој присилно ја испратил сопругата в манастир. Тоа била неговата прва жена Евдокија Лопухина (1669-1731) која била обична руска жена од народот и за која Петар набрзо го загубил интересот. Евдокија притоа била целосно здрава и верна сопруга, која на Петар му го родила синот Алексеј (1690-1718). Сепак 1698 година била замонашена. Евдокија, во монаштво Елена, била испратена во истиот Покровски манастир во Суздаљ (но подоцна живеела во него како мирјанка).
Евдокија Лопухина
Public domainЗамонашувањето на Евдокија било последното присилно замонашување во руското владетелско семејство. Великата кнегиња Александра Петровна (1838-1900) и великата кнегиња Елисавета Фјодоровна (1864-1918) исто така се замонашиле, но дури по смртта на своите мажи, според средновековниот обичај.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче