Битката кај Мир: Како руските козаци ги победиле полските улани на Наполеон

Виктор Мазуровски
Победата на козаците на самиот почеток на француската инвазија во 1812 година имаше огромно влијание врз моралот на руската армија, во текот на целата воена кампања и конкретно врз судбината на братот на Наполеон.

Единиците на Наполеон Бонапарта на 24 јуни 1812 година влегоа на територијата на Руската Империја. Избегнувајќи решавачка битка раздвоената руска армија започна да се повлекува во внатрешноста на земјата со намера подоцна повторно да се спои. Нивното повлекување го покриваа лесновооружени, но мошне мобилни козачки одреди.

Упад на козаците на Платов во заднината на Наполеоновата војска.

Кнезот Пјотр Багратион, командант на Втората западна армија којшто во чекор ги следеа единиците на кралот на Вестфалија Жером Бонапарта, помладиот брат на Наполеон, му нареди на козачкиот атаман Матвеј Платов да ја заземе положбата кај населеното место Мир (денес во центарот на Белорусија) и да го задржи непријателот што подолго, додека главнината не им се измолкне на Французите.

Коњицата на Платов на 9 јули на подрачјето на Мир се фати во костец со претходницата на француските единици, која беше составена од полски улани од 4 дивизија на лесната коњица на генералот Александар Рожнецки. Така започна битката во која руските единици ја однесоа првата победа во оваа војна.

Заседа

Војници на 5 пешадиски полк на војската на Варшавското Војводство

Полјаците биле најпредани војници на мултинационалната „Голема армија“ на Наполеон зашто се надевале на помош од францускиот императорот за ширење на својата држава до границите од 1772 година, кога е завршена првата поделба на Полско-литванската државна заедница.

Козаците пред битката стасале до се запознаат со уланите. Имено, на 23 јуни, наспроти инвазијата на француските единици на Руската Империја, триста Полјаци ја форсираа пограничната река Неман за извидување на теренот. Тука веднаш ги нападнала козачка патрола која се повлекла по судирот.

Овој пат Платов одлучил против непријателот да ја примени омилената козачка тактика на замка. Во пресрет на непријателот испратил помал одред, а неколку стотини војници ги скрил во шумата по должината на патот, додека тој лично со главнината се скрил во близина на Мир.

„Козаците на Платов кај Мир, 9 јули 1812 година“

Забележувајќи го непријателот, козаците кои ја играле улогата на „мамка“ не стапиле во борба, но почнале да се повлекуваат кон населбата, а уланите тргнале да ги бркаат. Таму Полјаците ги дочекала значително побројната војска на Платов. Единиците во заседа ги пропуштиле непријателот, а потоа ја затвориле замката. Така нешто повеќе од илјада полски коњаници морале да се судрат со три илјади козаци.

Кога започнал нападот од сите страни, уланите почнале да паничат и да се збркуваат. На помош им дошле други полски одреди кои му приоѓале на бојното поле, но козаците и нив ги победиле. Непријателот се повлекол од Мир. Убиени и ранети се над три стотини улани. Платов изгубил неколку десетина луѓе.

„Рапортирам дека однесовме победа, не многу голема, но не и баш мала, зашто уште не е завршена, сега ги бркам...“, го извести атаманот Багратион: „Има многу заробеници, во брзина не успеав да ги пребројам и да рапортирам. Кај нас, фала Богу, до овој момент загубите се мали зашто не се препукувавме со непријателот, но сложно тргнавме во борба со џилити (заб. – вака козаците го нарекувале пикетот – копје на долга рачка што го кростела пешадијата) и така брзо го победивме, не доволувајќи им да отворат оган“.

Победа

Портрет на атаманот гроф М. И. Платов

Во текот на ноќта и двете страни добија зајакнување. Платов имал намера следното утро да го потвори својот трик, односно повторно да го намами непријателот во замка, но Полјаците, научени од горчеливото искуство, овој пат биле повнимателни. Рожнецки го зазел Мир кога козаците се повлекле и оттаму внимателно напредувал на југоисток, кон градот Несвиж, односно во насоката кон која замина Втората западна армија на Багратион.

Платов продолжил да го покрива повлекувањето на главнината. Го нападнал Седмиот улански полк кој бил испратен во извидница, и набргу малиот судир прераснал во голема битка, во која обете страни ги фрлале во оган сите расположливи резерви. Покрај козаците против полските улани се бореле и Киевскиот драгунски и Ахтирскиот хусарски полк.

„Полковите толку се измешаа во правта на ораницата што тој куп прав изгледаше како облак кој се вивнал во небо“, напишал подоцна коњичкиот наредник на 7 улански полк Дмоховски: „Противниците не можеа да ги разберат своите и туѓите војници. Сите викаа: ’Ура! Ура!’ На крајот извикаа „Напшуд“ (Naprzód – „напред“ на полски), а другите „Вперјод“ („Вперёд“ – „напред“ на руски) и дури така се препознаа кој каде се наоѓа. Но, во збиените колони не можеше ниту да се пука, ниту да се сече, и затоа, за да не губиме време, го тепавме непријателот по селски, со тупаници во слабините и со дланки по вратот, но дури откако ветрот малку ќе ја растераше правта“.

„Кој кого? Дуел на донските козаци со полскиот улан“

Исходот од битката го одлучи нападот на непријателското крило што го извршила козачката бригада (3.500 сабји) на генералот Дмитриј Кутејников. Не издржувајќи го притисокот, уланите се дале во бегство. Веќе почнало да се смрачува, а им стасало зајакнување, што ги спасило од целосен слом. На бојното поле останале да лежат околу шест стотини полски коњаници, додека во редовите на Платов имало педесет загинати и стотина ранети.

Успешните дејствија на козаците го забавило напредувањето на француските единици, а тоа ѝ овозможило на Втората армија да се измолкне од потерата и понатаму да се движи во насока на Првата западна армија на Баркалај де Толи со цел да се соедини со неа. „Оваа прекрасна битка во определена мерка го разниша моралот на полската коњица и на кнезот Багратион му овозможи поголема слобода во движењето, истакна генералот Александар Бенкендорф.

Наполеон имаше намера руските армии да ги победи една по една и поради тоа беше лут поради поразот кај Мир. Тоа беше единствената причина што братот на императорот набргу потоа беше сменет и вратен во Вестфалија. Од друга страна, успехот на козаците го подигна моралот и борбениот дух на руската армија и ја зацврсти вербата на руските војници во конечната победа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња