Russia Beyond (Alex 'Florstein' Fedorov (CC BY-SA 4.0); Paul Delaroche, 1838/Hamburger Kunsthalle/Public Domain; Музей антропологии и этнографии им. Петра Великого (Кунсткамера) РАН
http://collection.kunstkamera.ru/Џуџето Фома Игнатјев од Иркутската област висок 126 сантиметри со монструозни прсти слични на клешти на рак, бил ложач во Кунсткамера и истовремено „жив експонат“. Основачот на Кунсткамера царот Петар Први сакал да се ракува со него. Фома на оваа должност поминал 16 година, а по неговата смрт царот наредил да се направи кукла, да се преслече со неговата кожа и да се изложи во музејот.
Французинот Никола Буржо висок 2 метри и 26 сантиметри царот го примил во служба како лакеј, го оженил со Финка „за да добие крупно потомство“, а по неговата смрт во 1724 година наредил неговиот скелет да биде изложен во музеј, органите да се конзервираат во алкохол, а исто така да се направи кукла преслечена со негова кожа, како во случајот на Фома Игнатјев.
Кунсткамера, првиот универзален музеј во Русија, требало, според замислата на Петар Први, да ги едуцира посетителите и да се бори против незнаењето. Според неговата идеја, за таа цел не биле погодни само книги и необични артефакти, ами и вакви живи експонати или нивни кукли по смртта.
Таканареченото „Големото патешествие на Петар Први“, првото патување на рускиот цар во странство, не беше само дипломатска мисија, ами и научна експедиција. За време на посетата на Ливонија и Курландија, како и на Прусија, Саксонија, Холандија, Англија и Австрија во текот на 1697-1698 година Петар Први ги посетил приватните анатомски, ботанички и зоолошки колекции, библиотеки, збирки на антички и источни артефакти, природни кабинети.
Се среќавал со научници, се договарал со нив за купување колекции, ги викал во своја служба. За време на патувањето царот за првпат на памет паднал на идеја за основање на сопствен кабинет на реткости – Кунсткамера.
Најпрво сите нешта што Петар ги набавил во странство биле предадени на Аптекарската управа во Москва. Но, со развојот на новата престолнина, Санкт Петербург основан во 1703 година, царот во 1714 година наредил таму да се префрлат сите негови лични колекции, библиотеки, како и колекцијата од Аптекарската управа. Реткостите првобитно биле сместени во царската резиденција – Летниот дворец. Како што се зголемувал бројот на експонати, кабинетот во 1718 година бил префрлен во Кикиновата вила, дворец конфискуван од Петровиот соработник Александар Кикин, уапсен во врска со случајот на синот на царот Алексеј.
Колекциите за просветителски намени биле достапни за јавноста. И покрај предлозите на велможите, царот одбил да наплатува влез за посетителите на царската библиотека и во Кунсткамера. Имено, сакал да пробуди интерес за науката и да предизвика кај луѓето желба за знаење.
„Кој би се заинтересирал за моите природни реткости или би посакал да ги погледне доколку за тоа би морал да плати? Исто така налагам не само што секому да му се дозволи бесплатен влез, ами и, ако некој дојде со група да ги разгледа реткостите, биде послужен на моја сметка со шолја кафе, чаша вино или вотка, или со нешто друго, во самите простории“, се сеќава конференц-секретарот на Академијата на науките Јаков Штелин на царевите зборови во својата книга „Вистински анегдоти за Петар Велики“ (1785).
Специфичната колекција ги воодушевила не само руските посетители, ами и странците кои биле во состојба да ја оценат вредноста на изложените реткости.
Хановерскиот дипломатски претставник при рускиот двор, претставникот на англискиот двор во Петербург Фридрих Христијан Вебер во дваесеттите години од 18 век има запишано: „Доколку постојаниот пораст на и денес скапоцената библиотека продолжи, за неколку години таа ќе стане достоен пандан на европските библиотеки, ако не според бројот, тогаш според вредноста на книгите што во неа се наоѓаат. Исклучителните слики што ги поседува царот не можат да се купат за какви и да е пари. Работите што го има наследено од предците и ги има добиено од азиските области, грижливo се чувани во Петербург, сочинуваат исклучителен кабинет на реткости <...> хемиски и други раритети од билното царство, голем број накази, Готропски глобус што го прикажува Коперниковиот систем, математички инструменти и голем број други нешта, за кои претходно се грижеше покојниот дворски лекар Арескин, вистински предизвикуваат восхит поради фактот што толку огромна, скапоцена колекција можела да се појави тука во толку кус рок“.
На 28 јануари (8 февруари) 1724 година Петар Први го потпишал указот за основање на Академија на науките. Кунсткамера и Библиотеката на Петар Први станаа јадро на научната и на материјалната база на Академијата.
По смртта на Петар Први, од крајот на 1726 година скапоценостите се префрлени во нова зграда на Василевскиот остров, која од 1718 година е специјално изградена за да се сместат реткостите и библиотеката. Тука се чуваат и денес.
Колекцијата на Петровата Кунсткамера може да се подели на шест теми: „Анатомија“, „Натуралии“, „Инструменти“, „Раритети“, „Артификалии и куриозитети“, „Минерали и палеонтологија“.
Анатомската колекција во 1714 година опфаќала само „неколку стотини тегли со риби, птици и влекачи“, коишто Петар во 1698 година ги купил во Холандија, како и „неколку накази и анатомски предмети“.
Во 1716 година додадени се „колекција на четириножни животни, птици, риби, змии, гуштери, школки и други необични суштества на природата од Источна и Западна Индија“ на холандскиот аптекар Алберт Себе, а во 1717 година и познатата анатомска колекција на холандскиот лекар Фредерик Рујш. По внатрешната страна на салата се наоѓале ормани со зоолошки препарати, меѓу другото и човечки скелети.
Петар бил заинтересиран не само за анатомијата, ами и за медицината. Научил како да препарира трупови, да пушта крв, да отвора апцеси, да превива рани и да прави протези, а ја совладал и забарската техника. Често самиот извршувал операции и вадел заби. Во Кунсткамера е изложена и колекција заби што царот лично ги извадил.
Ваквото хоби (задно со воените кампањи на Петар) придонело за развојот на медицината во земјата. Од 1706 до 1717 година во Русија се отворале болници, хируршки школи, ботанички градини, анатомски театри. Од 1728 до 1747 година (пред пожарот) Анатомскиот театар се наоѓал во зградата на Кунсткамера.
Тука спаѓаат хербариуми, гравури на билки, како и препарирани животни и „мокри“ препарати на конзервирани животни од сите континенти. Во 18 век се сметало дека колекцијата на Петар Први е најбогата во Европа. Зоолошката колекција била составена од седум дела: животни со четири нозе, птици, водоземци, риби, зглавари, мекотели и инсекти. Покрај тоа, во салите биле поставени скелет на слон и препариран слон, додека од таванот висела голема риба и препариран крокодил.
Во овој дел од изложбата се чувале археолошки и палеонтолошки пронајдоци, собрани по налог на Петар во европскиот дел на Русија и во Сибир. Првите ископини – предмети за секојдневна употреба и предмети на култот – пристигнувале од сибирските кургани и од остатокот на утврдувањата на Златната Орда во близина на Астрахањ. Од други експедиции стигнувале облека на сибирските народи и предмети на шаманскиот култ.
Петар Први собирал предмети од странство од злато, од сребро и од скапоцени камења, антички артефакти, нумизматички колекции, воени трофеи (вклучувајќи и клучеви од различни градови), подароци од европските владетели, парадно оружје, сликарски дела, цртежи и скици.
Особено ги ценел кинеските раритети што ги добивал од руските дипломатски мисии во Кина или ги купувал од западноевропските колекционери.
Во Кунсткамера во 1736 година стасувале скапоцености од царевиот доглавник генерал-фелдмаршалот Јаков Брјус. Неговата колекција содржела предмети од резбан камен, бронза, коски, рогови од носорог, порцелан и керамика, механички играчки.
За време на пожарот во Кунсткамера во декември 1747 година кинеската колекција била делумно оштетена, но обновена е благодарение на експедицијата во Кина на лекарот со хрватско потекло Франц-Лука Јелачиќ по налог на Академијата на науките.
Во Петровата Кунсткамера изложени се минерали како од руско потекло (алуми, жива, смола, железна, бакарна и златна руда), така и од странско. Покрај тоа, прикажани се фосили, школки, коски на праисториски животни – мамути, бизони, рунтав носорог.
Петар Први ги собирал изумите, ги нарачувал и ги купувал во текот на целиот живот.
Во 1721 година набавил физички и математички инструменти од лајденскиот физичар Питер Мушенбрук, кој подоцна станал доставувач за Академијата на науките. Во 18 век во рамките на Академијата основано е Инструментално одделение кое со опрема ги снабдувал кабинетите и лабораториите.
Во Кунсткамера се чуваат астролаб (инструмент за определување на должината и на ширината на небесните сфери, траењето на денот и ноќта) на холандскиот мајстор А. Арсениус (17 век), меридијански круг на Т. Ертел (1828), армиларни сфери, телескопи, артилериски нишани од времето на Седумгодишната војна (1756-1763), леќа од инструмент за палење оган на Е.В. Чиргнаузер (1699), голем број оптички, механички, физички, геометриски и математички инструменти.
Од 18 век во кулата на Кунсткамера се одржувале набљудувања на ѕвезденото небо. Низ неа поминувал петербуршкиот меридијан, кој станал основа за картографирање на Русија и за планирање на градот. Во 1730 година на кулата на зградата на Кунсткамера поставена е армиларна сфера – симбол на запознавањето со Универзумот (онаа што денес може да се види на зградата на музејот е трета по ред).
Меѓу првите експонати бил и Големиот Готропски глобус, направен во 1650-1664 година во Холштајн (историска област на Германија), Пречникот на овој изум достигнува 3,11 метри, а го прикажувал целиот универзум: однатре галаксијата со соѕвездијата, а однадвор картата на Земјината површина која во тоа време била позната. Глобусот се вртел со помош на водно тркало и можел во текот на 24 часа да изведе цел круг околу својата оска, подражавајќи го вртењето на планетата – што значи дека служел и како часовник. Петар овој глобус го „измолил“ во 1713 година од малолетниот војвода Карл Фридрих, кој подоцна се оженил со ќерката на Петар Ана и бил татко на царот Петар Трети.
Превозот на овој инструмент во Русија траел четири години: до Ревал (Талин) по море, а потоа со запрежна кола и санка. Во Петербург стасал во 1717 година на две санки, што ги влечеле 800 селани и ги следеле 300 драгуни (припадници на коњицата). Тие го расчистувале патот низ шумата. Најпрво бил поставен на Марсовото поле во близина на Летниот дворец, а во 1726 година на вториот кат од кулата на Кунсткамера, за подоцна над него да бидат изградени повисоките катови.
Оригиналниот Готоропски глобус речиси целосно изгорел во големиот пожар што ја зафатил Кунсткамера во 1747 година. Негова копија е направена во 1748-1752 година, и тоа е Големиот академски глобус кој денес е изложен во музејот.
Многу од првите експонати на колекцијата се претставени на постојаната изложба „Петровата Кунсткамера или Кула на знаењето“, отворена во 2022 година во чест на одбележувањето на 350-годишнината од раѓањето на царот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче