Зошто кралските шкотски драгуни го сметаат рускиот цар Николај II за свој ангел-чувар?

Jeff J Mitchell/Getty Images; Public domain
Шкотските драгуни веруваат дека во вооружените конфликти во последните децении поминале речиси без загуби благодарение токму на небесното застапништво на последниот руски цар.

Името на рускиот цар Николај II за кралските шкотски драгуни не е само мртва буква на хартија. Икона со ликот на монархот, кој беше канонизиран во 2000 година, виси на ѕидот на штабот на полкот во Единбург и ја придружува оваа единица во воените операции, а нејзиниот оркестар ја изведува химната на Руската империја „Боже, чувај го царот“ на свечените церемонии.

Што имаат заедничко рускиот цар и елитните војници на Велика Британија?

Кралски подарок

Кралскиот шкотски драгунски гардиски полк е вистинска елитна единица на Вооружените сили на земјата. Формиран е во 1971 година со обединување на Третиот карабинерски гардиски полк (Драгунската гарда на принцот од Велс) и Вториот драгунски полк (т.н. Кралски шкотски „Сиви“).

Двете воени формации имаат долга историја, почнувајќи од XVII век, и многу познати победи, сепак, токму „Сивите“ воспоставиле посебни врски со Русија.

Кралицата Викторија во 1894 година во чест на веридбата на принцот Николај Александрович (идниот император Николај II) и нејзината омилена внука принцезата Алиса од Хесен (идната императорка Александра Фјодоровна) му ја доделила почесната титула командант на Вториот драгунски полк.

Од лево кон десно: Александра Фјодоровна, велика кнегиња Олга како бебе, Николај II, кралицата Викторија и Алберт Едвард, принцот од Велс.

Таквата практика во тоа време не била ни најмалку невообичаена. Така, принцот од Велс (идниот крал Едвард V) бил командант на Киевскиот деветти хусарски полк.

Николај II во британска униформа

Силни врски

На Николај, кој веќе беше цар, на 19 ноември 1894 година во Санкт Петербург, во присуство на принцот и принцезата од Велс, му беше доделена титулата почесен командант на полкот, а две години подоцна, потполковникот Алфред Велби беше официјален претставник на драгуните на неговото крунисување.

Императорот Николај II на своето прво патување во странство по крунисувањето отиде во 1896 година, и тоа токму во Велика Британија. Со кралицата Викторија се сретна во шкотскиот замок Балтимор во црвен мундир на шкотските „Сиви“, чии војници го придружуваа на патувањето.

Николај II во мундир на полковник на драгунскиот полк

Во 1902 година Николај II нарача кај познатиот сликар Валентин Серов портрет во мундир на полковник на драгунскиот полк и им го подари на своите штитеници. Денес портретот се наоѓа во музејот на „Сивите“ во Единбуршкиот замок.

Вечен спомен

Убиството на Николај II во 1918 година беше шокантно за шкотските драгуни. Во знак на жалост поради неговата маченичка смрт, тие и ден-денес носат црн флор под кокардата на беретката или под реверот.

Во 1998 година претставници на полкот присуствуваа на погребната церемонија на посмртните останки на царското семејство во Петропавловската тврдина во Санкт Петербург, а три години подоцна, претставници на Московскиот Каледонски клуб (организација која се занимава со популаризирање на културно-историското наследство на Шкотска во Русија и културата и историјата на Русија во Шкотска) им врачија на драгуните икона со ликот на Николај II, од која тие не се одвојуваат оттогаш.

„Сивите“ веруваат дека во подоцнежните вооружени конфликти поминале речиси без загуби благодарение на застапништвото на нивниот небесен Ангел-чувар.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња