Седум докажани вонбрачни деца на руските цареви

Алексеј Бобрински и децата на царот Александар II и Екатерина Долгорукова

Алексеј Бобрински и децата на царот Александар II и Екатерина Долгорукова

Ермитаж/Konstantin Makovsky/Privat collection
Имало десетици наводни престолонаследници, узурпатори на престолот и измамници кои тврделе дека потекнуваат од царевите од династијата Романови, но само за седум од нив е докажано дека навистина биле деца на руски владетели.

Петар Велики имал голем број љубовници и дефинитивно имал деца од тие врски. Неговата љубовница Марија Хамилтон абортирала два пати, но таткото бил непознат. Друга љубовница, Марија Кантемир, наводно донела на свет мртвородено дете на Петар.

Во секој случај, за чудо, Петар официјално немал признати вонбрачни деца. Иако општеството верувало дека исклучителниот војсководец грофот Петар Румјанцев бил син на Петар, со оглед на тоа дека Марија Румјанцева, мајката на грофот, била позната љубовница на царот.

Ана Петровна

Првото „официјално“ вонбрачно дете во руската царска историја го родила Екатерина Велика, но тоа се случило пред да стане царица, додека сè уште била велика кнегиња.

„Господ знае од каде ѝ е бременоста на мојата сопруга, воопшто не знам ни дали е мое бебето и дали треба да го сфатам сериозно“, рекол великиот кнез Петар Фјодорович, идниот цар Петар III, кога дознал дека неговата жена е бремена. И тоа јавно го кажал тоа, барем така наведува Екатерина во своите мемоари.

Портрети на Екатерина II и Станислав Поњатовски

Девојчето Ана е родено во Санкт Петербург на 9 декември 1857 година. Кога на 17 декември бебето било крстено во дворската црква, немало официјален прием за странските пратеници. Меѓутоа, царицата Елисавета сепак дошла во црквата неофицијално за да ѝ биде кума на Ана.

Бебето било признаено како ќерка на великиот кнез Петар Фјодорович. Меѓутоа, според гласините, таа била дете на Станислав Поњатовски, идниот крал на Полска. Ана Петровна починала во втората година од животот, во март 1759 година.

Алексеј Бобрински 

Портрет на Алексеј Бобрински

Алексеј Бобрински е роден во тајност на 11 април 1762 година. Тој бил син на царицата Екатерина и нејзиниот љубовник Григориј Орлов. Овој пат Катерина успеала да ја сокрие бременоста од својот сопруг, царот Петар III. Морала постојано да носи корсет со детето во стомакот.

Портрети на Екатерина II и Григориј Орлов

Кога се родил Алексеј, бил многу слаб и веднаш му бил предаден на Василиј Шкурин, слугата на Екатерина. Алексеј бил израснат во семејството на Шкурин до својата дванаесетгодишна возраст, кога бил испратен во Првиот кадетски корпус. По завршувањето на военото образование, кое го завршил со почести, заминал на големо патување низ Русија и Европа.

Царицата не го криела нешто особено вонбрачниот син, купувајќи му имоти и замоци. А неговиот брат по мајка Павел I подоцна дури му дал и титула гроф.

Семјон Велики 

Семјон бил син на великиот кнез Павел Петрович, кој во 1772 година го родила дворската дама, вдовицата Софија Ушакова. Историчарката Изабел де Мадарјага пишува дека „за да се провери дали може да добие наследник, Павел беше охрабрен да стапи во врска со извесна вдовица“, односно Ушакова. Екатерина, која беше до крајност практична жена, сакаше да провери дали нејзиниот син може да си обезбеди наследник.

Портрети на Павел I и Софија Ушакова

Семјон бил израснат во одаите на палатата на Екатерина Велика. Во 1780 година, кога имал осум години, бил испратен во воено училиште, по што го завршил Морнаричкиот кадетски корпус. Првиот брод на кој добил служба бил едреникот со 66 топови наречен „Не гибај ме“. По битката во Виборшкиот залив на 22 јуни 1790 година, Семјон бил испратен со рапорт кај Екатерина. Кога пристигнал во Санкт Петербург, Семјон првпат по 10 години ја видел својата баба.

Во јули 1790 година Семјон бил унапреден во капетан-поручник. Постојат две верзии за тоа што му се случило подоцна. Според првата, Семјон во 1793 година бил испратен во Лондон да служи во британската морнарица. Другата верзија тврди дека Семјон требало да биде член на експедицијата на Муловски (која никогаш не се случила), но ненадејно починал во Кронштат.

Во документите на Министерството за морнарица се наведува дека Семјон Велики загинал на 13 август 1794 година во бродоломот на бродот „Вангард“ во страшна бура во водите крај Антилите, во близина на островите Свети Евстатиј и Сент-Томас. 

Семјон за време на неговиот живот го добил прекарот „Велики“, очигледно поради гласините за неговото потекло. Кога починал, Александар Храповицки, секретарот на Екатерина, забележал: „Ја добивме веста за смртта на Сењушка“.

Марфа Мусина-Јурјева

Второто вонбрачно дете на Павел I е родено по неговото убиство. Една недела пред смртта Павел го повикал највисокиот командант, тајниот советник Александар Куракин. Павел му рекол дека две жени носат негови деца. Ако бидат момчиња, ќе се викаат Никита и Филарет, ако бидат девојчиња, Евдоксија и Марфа. Синот на Павел, Александар, требало да им биде кум.

По смртта на Павел се родило само едно дете, некаде во мај или јуни 1801 година, девојче кое го добила името Марфа. Нејзината мајка, според изворите, била Мавра Јурјева, дворска дама на царицата Марија Фјодоровна, сопругата на Павел.

Според волјата на покојниот император, на 1 август 1801 година бебето Марфа било прогласено за благородничка и добило неколку села со вкупно 1.000 селани. Таа била израсната во Павловск од Марија Фјодоровна. За жал, Марфа живеала малку подолго од две години. Починала на 17 септември 1803 година. Приходот од нејзините села ги добивала нејзината мајка. 

Георгиј Александрович Јурјевски

Георгиј Александрович Јурјевски,1894.

Георгиј и неговите две сестри, Олга и Екатерина, е роден од врската на Александар II и неговата миленичка Екатерина Долгорукова. Од 1866 година тие биле во љубовна врска, додека царицата Марија Александровна не била во царската милост. Кога Николај, нејзиниот најстар син со Александар II, починал од менингитис, таа изгубила интерес за живот. Аферата на Александар им била очигледна на сите на дворот, но царицата не обрнувала внимание на тоа.

„Предодредена да простува, ден по ден, со години, таа никогаш не изусти ниту збор на жалба или обвинување. Тајната на своето страдање и понижување ја однесе со себе во гроб“, напиша за неа дворската дама Александра Толстој.

Георгиј бил роден на 30 април 1872 година во Зимскиот дворец. По наредба на Александар II, во 1874 година ја добил титулата кнез. Тој и неговите сестри го добиле презимето Јурјевски, изведено од едно од наследните имиња на болјарите Романови - Јуриј. Царицата Марија Фјодоровна умрела во 1880 година, а два месеци подоцна Александар II се оженил со Екатерина Долгорукова, која исто така ја добила титулата кнегиња Јурјевскаја. Од таа врска се родило уште едно момче, Борис (1876), но живеело само еден месец.

По убиството на Александар II во 1881 година, Екатерина Јурјевскаја и сите нејзини деца ја напуштиле Русија и заминале во Франција. Георгиј таму студирал на Сорбона, но подоцна се вратил во Русија, каде што учел во Морнаричкиот кадетски корпус. Иако бил негов полубрат, Александар III не му дозволил да служи во руската царска војска. Георгиј сепак успеал да добие дозвола од неговиот друг полубрат, великиот кнез Алексеј Александрович, кој му дозволил да служи во руската морнарица, иако не бил целосно квалификуван за тоа.

Екатерина Михајловна Јурјевскаја (Долгорукова) со синот Георгије и ќерката Олга. 1881-1883.

Георгиј се покажал многу слабо. „И додека е на должност и додека е на палубата во текот на пловидба, тој едноставно не сака да прави ништо; ниту советите ниту примерот на другите немаат никакво влијание врз него. Поради неговата мрзеливост, неуредност и недостаток на самопочит, тој е предмет на потсмев на своите другари и предизвикува незадоволство кај неговите претпоставени кои не знаат што да прават со него“, ѝ пишува кнезот Алексеј на неговата мајка во 1893 година.  „Мислам дека е подобро да премине во копнените сили, бидејќи нема да биде добар морнар!“, додава тој.

Во 1897 година Георгиј бил отпуштен од морнарицата и распореден во царскиот хусарски полк. Александар III тогаш повеќе не бил жив, а неговиот наследник Николај II немал ништо против неговиот вујко да служи во војската.

Во 1900 година Георгиј се оженил со кнегињата Александра Константинова фон Зарнекау. Тие го добиле синот Александар Јурјевски (1900-1988). Живееле во странство, каде што нивниот брак се распаднал. Починал во Марбург во 1913 година.

Олга Александровна Јурјевскаја

Олга Александровна Јурјевскаја

Олга Александровна е родена во 1873 година од истата врска меѓу Александар II и Екатерина Долгорукова.

Од 1891 година живеела со мајка си и сестра си во Ница, во куќата Вила Жорж, именувана во чест на нејзиниот брат Георгиј. Во Франција семејството можело да си дозволи дваесетина слуги и приватни кочии.

Во 1895 година Олга се омажила за грофот Георг-Николај фон Меренберг (1871–1948), внук на Александар Пушкин, станувајќи грофица Меренберг. Николај II, кој во тоа време бил цар, одбил да ја финансира свадбата на неговата тетка бидејќи мајка му Марија Федоровна му забранила да го стори тоа. Олга била многу навредена од тоа.

Поголемиот дел од животот го поминала во Германија. Имала три деца, од кои едното рано починало. Олга починала во 1925 година во Визбаден.

Екатерина Александровна Јурјевскаја

Екатерина Александровна Јурјевскаја

Најмладата ќерка на Александар II и кнегињата Екатерина Јурјевскаја (моминско Долгорукова) е родена на 9 септември 1878 година во Јалта на Крим, еден од имотите кои Александар II ѝ ги подарил на нејзината мајка.

По 1881 година Екатерина отишла да живее во Ница со нејзината мајка, братот и сестрата. Во 1901 година се омажила за Александар Барјатински, кој бил меѓу најбогатите луѓе во Русија, но во исто време женкар и расипник. Имале две деца, Андреј (1902-1944) и Александар (1905-1992), кои наследиле огромно богатство по смртта на нивниот татко во 1910 година од менингитис.

За време на Првата светска војна Екатерина се вратила во Русија. Живеела многу раскошно, а во 1916 година се омажила за кнезот Серж Оболенски (1890-1978). Меѓутоа, и тоа било несреќен брак. По револуцијата, Екатерина и Серж успеале да побегнат во Европа и едвај живи пристигнале таму. Екатерина дури морала да пее во барови за да заработи нешто. По смртта на нејзината мајка во 1922 година, таа не наследила речиси ништо, бидејќи нејзината мајка потрошила сè живеејќи во луксуз и занимавајќи се со добротворство.

Царот Александар II, Екатерина Долгорукова и нивните деца Георгиј и Олга, околу 1870.

Во 1923 година, Серж Оболенски се развел од Екатерина, која станала професионална пејачка со репертоар од околу двесте песни на англиски, француски, руски и италијански јазик. Таа купила куќа на островот Хејлинг во Хемпшир. Живеела таму од помошта што ја добивала од кралицата Мери, вдовицата на кралот Џорџ V. Меѓутоа, по смртта на кралицата во март 1953 година, останала без средства и била принудена да го продаде својот имот.

Починала во старечки дом на островот Хејлинг на 22 декември 1959 година. Таа е последното преживеано дете на Александар II, како и последната внука на Николај I.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња