Првиот советски манијак: „Шаболовскиот злосторник“, ладнокрвен убиец и психопат

Кира Лисицка (Photo: Sputnik; Public domain)
Василиј Комаров беше еден од најстрашните убијци во историјата на СССР. Со „ѓаволска рамнодушност“ убиваше невини луѓе, а исто толку беше рамнодушен и кон сопствената смртна пресуда.

Во урнатините и во напуштените градилишта на Москва во 1921 година луѓето почнаа да наоѓаат сиви вреќи во кои имаше трупови на голи мажи. Сите убиства беа извршени на ист начин: главата на жртвата беше смачкана со силен удар, а рацете и нозете им беа врзани за стомакот. Жителите на главниот град на Советска Русија ги обзеде голем страв оти, според сѐ, во младата, тукушто основана „социјалистичка држава на работниците и селаните“ се појави првиот манијак.

По трагите на злосторството

Коњски плоштад: Фотографија од книгата на Ј. Лужков „Ние сме твои деца, Москва“.

Милицијата претпоставуваше дека убиецот живее некаде во населбата Замоскворечје зашто жртвите беа најдени токму таму. Освен тоа, тој на извесен начин беше поврзан со Коњскиот пазар. Од 22 убиени лица беа идентификувани седуммина. Сите беа луѓе од село кои имаа дојдено во Москва за да купат коњ, а потоа исчезнале без трага.

Истрагата обрна внимание на мошне вештото врзување на вреќите како што прават луѓето кои често ги запрегнуваат колите. На дното на некои од вреќите беа пронајдени траги од овес. Најверојатна беше претпоставката дека манијакот е некој кочијаш на наемни коли.

Во градот имаше многу луѓе кои се занимаваа со превоз на луѓе и стока, но кругот на осомничени се стесни кога беше пронајден труп што беше врзан со детски пелени. Од тоа можеше да се заклучи дека таинствениот убиец неодамна имал добиено дете.

Милицијата постојано патролираше низ градот и ги испрашуваше продавачите на Коњскиот пазар и работниците по крчмите. Тие на органите на редот им свртеа внимание на извесен Василиј Комаров кој се однесувал мошне необично за еден превозник. Тој никогаш не трчал по муштериите како неговите колеги, ами само стоел и нешто чекал, а секогаш имал пари во изобилство.

Василиј Комаров

Во текот на ноќта на 18 мај 1923 година во домот на 55-годишниот Комаров на улицата Шаболовка влезе милиција под изговор дека трага по казан за печење самогон. Тој сосема мирно ги пушти да влезат, но кога милиционерите се доближија до оставата тој ненадејно скокна низ прозорецот и избега. Во оставата беше пронајден сѐ уште топол труп на нова жртва.

Немилосрдно зло

Манијакот беше фатен истата ноќ во едно подмосковско село. Милицијата набргу ги дозна сите детали за неговите морничави злосторства.

Василиј Комаров (неговото вистинско презиме беше Петров) беше роден во семејство на железничар во кое имало многу деца. Со години талкал низ империјата и заработувал за живот од случајни работи. По завршувањето на Граѓанската војна во која дотуркал до командир на вод на Црвената армија и се истакнал со стрелање заробени бели офицери, Комаров се населил во Москва и почнал да се занимава со приватен превоз со коњи.

Коњската улица на Шаболовка, 1913-1914.

Меѓутоа, по извесно време изгубил интерес за таа работа. Сакал да добие сѐ веднаш, па на крајот смислил начин како тоа да го постигне.

Одел на Коњскиот пазар и чекал да се појави осамен купувач од село (таков не било лесно да се воочи) и му го нудел својот коњ по мошне поволна цена зашто, наводно, итно му биле потребни пари. „Продавачот“ го повикувал израдуваниот купувач во својата куќа за таму да ги договорат сите детали и да „залеат“ за купопродажбата. Таму ќе го нагостел со алкохол додека тој не се напие, а потоа ладнокрвно го убивал несреќникот, му ги земал парите, па дури и крвавата облека.

„Убивал внимателно и необично промислено: секогаш на ист начин, со еден удар со чекан по темето, без бука и без брзање, во тивок разговор“, забележал писателот Михаил Булгаков, кој работел во судот како дописник: „Така се убива стока. Без сожалување, но и без никаква омраза. Имал материјална добивка, но не и некаква фантастично голема, зашто купувачот во џеб секогаш имал само онолку пари колку што отприлика чини еден коњ“.

Михаил Гернет / Криминалниот свет на Москва, 1924 година.

Кај Комаров не беше пронајдено никакво богатство. Тој беше алкохоличар и сите пари што ги имаше грабнато ги пропил.

„Човек-ѕвер“

На крајот „Шаболовскиот злосторник“ беше обвинет за убиство на 29 лица, иако тој лично тврдеше дека убил 33. Поради тоа воопшто не жалел, тврдејќи дека е подготвен да убие уште толку.

Превозникот Василиј Комаров-Петров со сопругата Софија. Списание „Гудок“, 7 јуни 1923 година.

Кога просторот околу неговата куќа почнал да личи на гробишта, „човекот-ѕвер“ (како што го нарекуваше печатот) започнал да ги крие вреќите со трупови во урнатите згради или да ги фрла во реката Москва.

Пред да изврши злосторство, Комаров секогаш наоѓал добра причина за неговата сопруга Софија и децата да ја напуштат куќата. Еднаш таа се вратила порано дома и ја видела крвавата сцена. Наместо да оди во милиција таа му станала предана помошничка на својот сопруг и по секое злосторство ја чистела собата и го триела подот.

На суд манијакот беше „ѓаволски рамнодушен“ и без никакви промени во гласот монотоно раскажуваше за своите злосторства. Му беше апсолутно сеедно дали нешто ќе му се случи, изјавувајќи: „Сите ќе скапеме“.

Судските лекари на Василиј Комаров му поставија дијагноза „импулсивен психопат со симптоми на алкохолна дегенерација“, но проценија дека е пресметлив. Тој и неговата сопруга беа стрелани на 18 јуни 1923 година, а државата ја презеде грижата за нивните деца.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња