Како тоа Сталин имал два датума на раѓање?

Сталин (Јосиф Висарионович Џугашвили)

Сталин (Јосиф Висарионович Џугашвили)

Culture Club/Getty Images
Сè уште нема одговор на ова прашање, но ќе ви ги претставиме најважните верзии, вклучувајќи ја и онаа окултната.

Сталин е можеби единствениот шеф на држава во ХХ век чиј точен датум на раѓање сè уште не е познат. Секој советски граѓанин знаеше дека Сталин е роден на 21 декември 1879 година.

Сталин на прослава.

Тој датум стана „канонски“ уште во 1929 година, кога целата земја свечено го прослави роденденот на Сталин. Подоцна, неговиот 60-ти роденден во 1939 година не беше формално прославен, но весниците беа полни со честитки и фалоспеви. Празнувањето на овој датум го достигна својот врв во 1949 година, кога 70-тиот роденден на Сталин беше одбележан со луксузни подароци, странски делегации, свечена седница во театарот Болшој и други „пригодни“ атрибути на величење на „водачот на народот“.

Намерно внесување забуна

Матичната книга на Горискиот соборен храм „Успение на Пресвета Богородица“.

Весникот „Известија ЦК КПСС“ во 1990 година го објави следново соопштение: во матичната книга на Горискиот соборен храм „Успение на Пресвета Богородица“ е запишано дека на 6 декември 1878 година, во семејството на Висарион Иванович и Екатерина Гавриловна Џугашвили се родил синот Јосиф. Но, 6 декември според новиот календар е 18 декември. Година и три дена разлика во однос на официјалниот датум!

Истиот тој датум на раѓање (6 декември 1878 година) се наоѓа и во уверението дека Јосиф Џугашвили ја завршил  Гориската богословија, и во известувањето на Санктпетербуршката губерниска жандармериска управа од 1911 година за Сталин како „несигурна личност“. Понатаму, во 1920 година, Сталин лично пополнил прашалник од шведското списание Folkets Dagblad Politiken („Секојдневен народен политички весник“) што излегувал во Стокхолм. Годината на раѓање тука е исто така 1878 година.

Во веќе споменатата публикација на весникот „Известија ЦК КПСС“ се наведува дека во 1922 година Сталин лично ги коригирал своите биографски податоци, кои неговиот секретар Иван Товстуха ги испратил до историчарите на партијата. Таа информација Товстуха ја проследил со забелешка: „Приложените биографски податоци беа лично преконтролирани и исправени од другарот Сталин“. Во таа потврда е наведена 1879 година. Покрај тоа, во многу формулари, кои секретарите ги пополнувале во име на Сталин како делегат на сите партиски конгреси, почнувајќи од 1921 година, пишува дека неговата година на раѓање е 1879 година.

Случајна или намерна грешка? Или можеби окултизам?

Првата верзија што обично паѓа на ум е дека Сталин уште во младоста намерно „избришал“ една година за да не служи војска. Меѓутоа, познато е дека Сталин бил единственото дете на неговите родители, а по раната смрт на татко му бил и хранител на мајка му, што било таканаречено олеснување од прв ред и подразбирало ослободување од служење воен рок.

Од друга страна, промената на датумот на раѓање била вообичаена за револуционерите во илегала. Кога во 1910 година Јосиф Џугашвили бил уапсен во Баку како член на Руската социјалдемократска работничка партија и осуден на пет години затвор во Сибир, во тоа досие било запишано дека е роден во 1880 година. Но, како што видовме, Сталин почнал свесно да ја менува годината на своето раѓање многу подоцна, дури во текот на 1920-тите, кога веќе бил еден од раководителите на земјата и никој не можел да го гони.

Ако се претпостави дека во книгите се поткрала некаква грешка, тогаш не може да се објасни зошто Сталин во 1920 година во прашалникот на шведскиот весник ја внел 1878 година, а веќе во 1922 година во потврда повторно ја внел 1879 година.

Александар Бурдонски

Внукот на Сталин Александар Бурдонски во 2007 година, во интервју за украинскиот весник „Буљвар Гордона“, ја демантираше легендата дека Сталин наводно е син на Николај Пржевалски: „Мислам дека не е точно. Повеќе е дека се работи за нешто друго. Сталин бил многу заинтересиран за учењето на религиозниот мистик Гурџиев, а тоа подразбира дека човекот треба да го скрие своето вистинско потекло, па дури и датумот на раѓање треба да биде обвиен со превезот на тајната. Легендата за Пржевалски, се разбира, ја насочувала водата на таа воденица“.

Г. И. Гурџиев

Нема никакви веродостојни информации за контактите на Јосиф Сталин и Георги Гурџиев, освен дека оделе во истата Тифлиска богословија, но не е сигурно дека тоа било во исто време. Покрај тоа, не е познат ни точниот датум на раѓање на Гурџиев (и во неговиот случај постојат најмалку три различни верзии).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња