Пет факти за Георгиј Чичерин, првиот советски министер за надворешни работи

Public domain
На 24 ноември се навршија 150 години од раѓањето на Георгиј Чичерин. Потомокот на стар благороднички род го постигна речиси невозможното – стана советски народен комесар. Благородничкото потекло не влијаеше на неговата советска кариера.

Имал „незгодна“ биографија за еден болшевик

1926, Москва. Во работниот кабинет.

Татко му потекнувал од стариот благороднички род Чичерин, познат од крајот на 15 век, а неговата мајка баронесата Маендорф била потомок на познати дипломати кои ѝ служеле на Русија. Богатото семејство Чичерин припаѓало на благородничката елита на Руската Империја. Би се рекло дека човек од такво семејство нема да оди против царската власт. Звучи парадоксално, но Чичерин станал комунист токму благодарение на воспитувањето.

Имено, неговиот татко во зрела доба стана приврзаник на евангелистичкото движење на пиетизмот, што во Русија го промовирал англискиот лорд Гранвил Редсток. Доброчинството било едно од постулатите на ова учење. Вистинскиот верник бил должен својата вера да ја потврдува со дела, односно со грижа за сиромасите. Евангелистите се занимавале со просветување на селаните и финансирале отворање училишта и болници. Со тоа се занимавале и родителите на Георгиј, а мајката го носела сина си на евангелистички собири. Сето она што таму го слушал било во целосна спротивставеност со строгиот патријархален начин на живот во царска Русија кон крајот на 19 век.

Во Министерството за надворешни работи се вработил за време на рускиот цар

Георгиј Чичерин, 1900.

Таткото на Георгиј бил висок службеник во Министерството за надворешни работи, иако во последните години од животот се посветил на добротворна работа, во согласност со идеалите на пиетизмот. Починал кога Георгиј имал 10 години, но синот, благодарение на семејните врски, подоцна го завршил Историско-филолошкиот факултет на Петербуршкиот универзитет и на свои 27 години се вработил во Министерството за надворешни работи, и тоа веднаш на прилично висок чин колешки секретар.

Во 1904 година Чичерин заминува во Европа од здравствени причини, и таму се запознава со социјалистичките идеи. Веќе во 1905 година станува член на Руската социјалдемократска работничка партија и одлучува да не се враќа во Русија, која е зафатена со пламенот на револуцијата. Неговата материјална состојба му овозможувала финансиски да ги поддржува руските социјалдемократи, што не можело да помине незабележливо кај британската разузнавачка служба, како ни тоа дека во 1914 година станал член на Британската социјалистичка партија. Британските власти го уапсиле во август 1917 година, по падот на царската власт, зашто ги загрозувал безбедноста и одбранбената моќ на Британија, која во тоа време војувала против Русија. Ослободен е дури по втората нота на Лев Троцки, тогашен народен комесар за надворешни работи на Руската Советска Федеративна Социјалистичка Република (РСФСР). Штом се вратил во Петербург, Чичерин веднаш бил поставен за заменик на Троцки, а во февруари 1918 година на иницијатива на Владимир Ленин поставен е за вршител на должноста министер за надворешни работи.

Учествувал во потпишувањето на Брест-Литовскиот мировен договор

На новата функција Чичерин веднаш се соочил со крајно тешка задача. Требало да склопи мир со сите сили против кои војувала царска Русија во Првата светска војна. Во тој момент РСФСР била тукушто формирана како суверена држава и во неа беснеела граѓанска војна, така што прекинот на борбените дејствија на фронтовите од Првата светска војна веројатно бил единствениот начин да се зачува државниот суверенитет.

Чичерин бил член на руската делегација која на 3 март 1918 година во Брест-Литовск го потпишал Брест-Литовскиот договор според кој Русија ја демобилизираше армијата и морнарицата, а на други земји им препушти една четвртина од својата европска територија и една третина од своите жители. За советска Русија Брест-Литовскиот договор беше политичко фијаско. Кога на 14 март на 4 Сесојузен конгрес на Советите зборуваше за условите на Брест-Литовскиот договор, Чичерин својот говор го заврши со зборовите: „Ни ставија пиштол на челото и нѐ принудија да потпишеме“. Статиите во советскиот печат отворено го карактеризираа овој договор како „самоубиство“, но беше јасно дека само со откажување од воените дејствија може да се обезбеди пауза на советската република, која беше толку неопходна за опстанок на државата. И покрај сите критики, Чичерин ја продолжи својата работа и во мај 1918 година стана народен комесар за надворешни работи на РСФСР.

Во овој статус имаше задача да воспостави дипломатски односи помеѓу СССР и цела низа земји. Триумфот на Чичерин беше на Конференцијата во Џенова во април 1922 година, на која РСФСР за првпат беше претставена како суверена земја.

Неговиот стил на работа воопшто не бил авторитарен

Портрет на Г.В. Чичерин, Москва (?), 1926. Ф.А. Модоров. Картон; масло.

Чичерин немал семејство, па и покрај високата функција можел да ги користи сите привилегии на народен комесар и фактички живеел во комесаријатот. „Револуцијата нему не можеше да му донесе материјална корист. Тој беше еден од малобројните револуционери кои имаа сѐ – и материјална благосостојба, и власт, и положба во империјалистичката хиерархија“, има напишано американската новинарка Беси Бити, која лично го познавала Чичерин.

Како перфекционист којшто самиот сакал сѐ да провери, Чичерин ги поставил темелите и насоките на работа во својот комесаријат (министерство). Не само што седел на работа до доцна во ноќта, ами најчесто работел ноќе, поради што негодувале останатите службеници. Подоцна Чичерин се сеќаваше дека во периодот на формирање на советската власт понекогаш работел и по 18 часови дневно.

„Чичерин е одличен работник, совесен, паметен и упатен. Ваквите луѓе треба да се ценат. Недостаток му е тоа што нерадо 'командува', но тоа не е проблем. Зарем на светот има малку луѓе со спротивен недостаток„“, велел Владимир Ленин.

Бил префинет познавач на музиката

Георгиј Чичерин во монголска носија.

Георгиј уште од мал свирел на клавир. На тамбовскиот имот на неговиот стрико, историчарот Борис Чичерин, семејството често се собирало за да слуша како свири идниот дипломат. Чичерин сметал дека љубовта кон музиката е една од основните компоненти на неговиот живот. Во писмо до својот брат има напишано: „Ги имав Револуцијата и Моцарт. Револуцијата е сегашност, а Моцарт е претчувство за иднината, но тие две нешта се неразделни“. Пред да се повлече од функцијата народен комесар за надворешни работи во 1930 година, Чичерин ја завршил книгата за творештвото на Моцарт.

Поклон на делегацијата на Бухарскиот емир, 1920 година.

Како припадник на интелигенцијата од царскиот период тој не личел на поголемиот дел од народните комесари на Сталин. Во Џенова, на пример, ги фасцинирал странците, но не со моќниот и остар настап, ами со енциклопедиското образование и со фактот што течно зборувал француски и англиски, без помош од преведувач. Наместо кожен мантил и чизми можел да облече узбечки или монголски народен костим кој го имал добиено како подарок од источните дипломати (сега познатите намети на Чичерин се чуваат како експонати во Музеите на московскиот Кремљ). Поради тоа за него на шега велеле дека е „шеф на источната фракција“. Но, овие наметки си ја вршеле својата работа. На пример, делегацијата од Бухарскиот емират ја пречекал во бухарска наметка, и така ја демонстрирал својата отвореност и тежнеењето кон дијалог.

Првиот советски министер за надворешни работи се повлече од функцијата поради несогласувањето со тогашната политичка линија на Сталин која подразбирала со државата да не управуваат државните структури, ами комунистичката партија. „Приматот на партијата над државната дејност означува парализа на државната власт“, има напишано Чичерин.

По заминувањето од функцијата живеел осамено. Летата ги минувал во својата викендичка надвор од градот, а поголемиот дел од годината во московскиот стан каде и починал во 1936 година.

Изложбата „По повод 100-годишнината од формирањето на СССР: Чичерин и советската дипломатија“ се одржува во Музеите на московскиот Кремљ до 8 јануари 2023 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња