Самбо: Како двајца мажи го претворија јапонското џиу-џицу во уникатна советска боречка вештина

Russia Beyond (Photo: Ю. Евсюков/Sputnik; Public domain)
Пред таканареченото самбо да стане меѓународно популарен спорт, овој стил на борење беше строго чуван и користен само за подобрување на вештините за борба гради в гради на советската полиција и војска.

Замислено да биде спој од најефикасните техники на другите боречки вештини, самбо е акроним што значи „самоодбрана без оружје“ (на руски: самозащита без оружия).

Сосема новата боречка вештина е развиена во СССР од страна на Василиј Ошчепков и Виктор Спиридонов, двајца мажи кои дејствувале независно еден од друг. На крајот, двата слични, но конкурентни стила се споиле за да се создаде уникатната советска боречка вештина денес позната како самбо.

Единаесетгодишното сираче Василиј Ошчепков завршило во Јапонија, откако Јужен Сахалин беше припоен кон Јапонија како резултат на Руско-јапонската војна. Таму руската православна мисија во Јапонија му помогнала на младиот човек да добие место во богословијата за свештеници во Кјото, каде, меѓу другото, го изучувал џудото.

Василиј Ошчепков

Руското момче се истакнало во борење и ја добило поддршката од својот тренер за приемните испити во „Кодокан“ институтот за џудо во Токио, основан од легендарниот Џигоро Кано, основачот на џудото.

Статуа на Џигоро Кано, основачот на џудото

На 15 јуни 1913 година Ошчепков ги положил испитите и добил црн појас. Многу подоцна, во 1917 година, тој станал првиот Русин и третиот Европеец кој добил втор дан (црн појас од втор степен) во џудо.

Враќајќи се во Русија во 1913 година, Ошчепков започнал да работи во контраразузнавачката служба. Покрај своето главно занимање, тој ја основал првата школа за џудо во Русија и ја обучувал руската полиција во Владивосток.

Во 1929 година Ошчепков се вработил во Москва како инструктор на Рускиот државен универзитет за физичко образование, спорт, млади и туризам, основан во 1918 година. Таму ги изучувал боречките вештини на народите на СССР и вградил различни елементи во јапонскиот џиу - џицу.

Василиј Ошчепков (1892-1937), основач на советското џудо и еден од основачите на самбото. Уапсен за време на Сталиновите „чистки“ 1937 година, починал во затвор. Рехабилитиран 1957 година.

Во исто време, друг човек работел на создавање уникатна советска боречка вештина базирана на јапонското искуство. Виктор Спиридонов, ранет ветеран од Првата светска војна, им се вратил на тренинзите кои ги напуштил поради војната, бидејќи постепено и делумно закрепнувал здравствено.

Виктор Спиридонов

Во 1923 година Спиридонов започнал курс „напад и одбрана“ во рамките на спортското друштво „Динамо“ во Москва. Со само 14 ученици на почетокот, бројот на учесници на курсот значително пораснал како резултат на предавањата и јавните настапи на Спиридонов.

Спиридонов објавил три книги за развојот на боречките вештини. Во насловите често се користи фразата „самоодбрана без оружје“. Следејќи ја советската традиција на создавање акроними, Спиридонов сковал нов термин „самбо“.

Меѓутоа, тој не ги задржал ексклузивните права на новиот акроним и спортистите набргу почнале да го нарекуваат системот на натпреварување на Ошчепков како самбо.

Се верува дека двете верзии на самбо се разликувале. Системот Спиридонов имал за цел да ги научи курсистите како да му нанесат максимална штета на непријателот за веднаш да го онеспособат. Фактот дека Спиридонов бил воен ветеран ја објаснувала очигледната суровост на методот. 

Тренинг на советски десантно-падобрански трупи

Постепено самбото официјално се подели на борбена и спортска верзија. Борбената верзија мешаше различни техники на боречки вештини и вклучуваше борење со техники на удар. На крајот сето тоа се разви во нешто слично на денешната мешовита борба, таканаречената борба без правила. Спортската верзија на самбото првенствено се фокусираше на техниките на борење.

Со текот на времето, популарноста на самбото растеше експоненцијално и советската боречка вештина се прошири на меѓународно ниво. Во 1968 година меѓународното раководно тело за спортови во аматерско борење наречено ФИЛА го призна самбото како карактеристичен стил на аматерско борење. Меѓутоа, поради вплетканост на политиката, раководното тело на овој спорт се промени во Меѓународна федерација на аматерско самбо (ФИАС).

Иако самбото досега не беше застапено на ниту една од Олимписките игри, Меѓународниот олимписки комитет му даде целосно признание на ФИАС на 20 јули 2021 година. Можеби советската боречка вештина би можела за прв пат да биде претставена како официјален олимписки спорт на Летни олимписки игри 2028 во Лос Анџелес. Само времето ќе покаже!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња