Кој е Дмитриј Бивол, боксерот кој ја направи најголемата збрка во поновата историја на боксот?

Russia Beyond (Photo: Sye Williams; Tom Hogan/Golden Boy Promotions; Jerritt Clark/Getty Images)
Овој боксер од Русија ја победи познатата светска боксерска ѕвезда Саул „Канело“ Алварез, а потоа и вториот мексикански полутешкаш Зурдо Рамирез.

На 5 ноември 2022 година рускиот боксер Дмитриj Бивол влезе во рингот во „Етихад“ арената во Абу Даби и го победи Мексиканецот Зурдо Рамирез. Противникот беше повисок, но Бивол доминираше во текот на целиот меч и победи со едногласна одлука на судиите, со што успешно ја одбрани титулата светски шампион во WBA верзијата во полутешка категорија.

Мечот Бивол-Рамирез беше невидена „демонстрација на сила“, но најголемиот триумф Бивол го доживеа пред тоа, кога на 7 мај 2022 година ја победи суперѕвездата на светскиот бокс, Мексиканецот Саул „Канело“ Алварез, кој од суперсредна категорија премина во полутешка категорија за да го предизвика тогашниот актуелен шампион.

Во својата боксерска кариера Бивол има совршен рекорд: 21 победа, од кои 11 со нокаут и ниеден пораз.

Бивол има карактеристичен стил, користи сложени комбинации изведени со голема брзина, одлична работа со нозете и постојан притисок врз противникот во рингот.

Дмитриј Бивол ја претставуваше Русија на аматерски и професионални натпревари, но неговото потекло е „мултинационално“.

Таткото на Дмитриј е роден во Советска Молдавија, а неговата мајка е од корејска националност. По стапувањето во брак, неговите родители се преселиле во советската република Киргистан, каде што се родил Дмитриј на 18 декември 1990 година.

На шест години почнал да тренира бокс. Во детството бил покрупен од своите врсници. Во аматерски мечеви можел да ги победи постарите боксери, што му влевало самодоверба и придонело за напредување во кариерата.

Бивол израснал во градот Токмок, Киргистан, а на 11-годишна возраст се преселил во Санкт Петербург, Русија и таму го продолжил своето образование. Беше победник на државното првенство во аматерски бокс во 2012 и 2014 година. А подоцна победуваше на многу натпревари, за да ја заврши својата аматерска кариера со импозантен рекорд: 268 победи и 15 порази.

Многу од обожавателите на Дмитриј се прашуваат која земја тој всушност ја претставува, со оглед на неговото „мултинационално“ потекло.

„Сега во нашата соблекувална имаме две знамиња - руско и киргистанско. Го држам знамето на Киргистан затоа што таму почнав да се занимавам со бокс, таму сум роден и таму ме поддржуваат [...] и се гордеат со мене. А руското знаме е обележје на земјата чиј државјанин сум. Овде стекнав големо искуство, и тоа е земјата што ја претставувам. Тоа веќе го знаат сите“, изјави неодамна Бивол во едно интервју.

Дмитриј е оженет, има две деца. Ја сретнал сопругата на аеродромот во Санкт Петербург кога и двајцата имале по 16 години. Екатерина Бивол во едно интервју призна дека е претерано суеверна и не може да гледа како се тепа нејзиниот маж, па затоа се потпира на вести од нејзините блиски пријатели.

И покрај тоа што ја носи шампионската титула, Бивол има релативно скромен капитал, кој во 2022 година изнесува 1,5 милиони долари.

Овде запознајте ги 5 најпривлечни, но убиствени руски боксерки

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња