Како две „забранети“ руски слики завршија во Белата куќа

Robert Knudsen. White House Photographs. John F. Kennedy Presidential Library and Museum; Corcoran Gallery
Се зборува дека две слики на познат руски уметник се забранети во Русија уште од времето на Александар Трети до денешен ден.

Во 1963 година, за време на претседателот Џон Ф. Кенеди, две слики висеа на ѕидот на Рузвелтовата соба. На едната беше прикажан брод на брегот на Руската Империја, а на другата руски селанец кој мавта со американско знаме. Се зборуваше дека тоа се слики на познатиот уметник Иван Ајвазовски, забранети во Русија во обид да се избрише темната страница од историјата на земјата.

Трагични слики

Првата слика прикажува американски брод кој се вкотвува во руското пристаништа во Балтичкото море. Купишта луѓе мавтаат за да ги поздрават американските морнари.

Брод на Помошта. Иван Ајвазовски

Другата слика прикажува руска тројка, традиционална комбинација од три коња кои влечат кочија. Во кочијата има двајца мажи. Едниот ги насочува коњите, додека другиот виори американско знаме пред купот набљудувачи кои мавтаат од двете страни на патот. Руски знамиња се гледаат на една од дрвените куќи изградени по должината на патот.

Дистрибуција на храна. Иван Ајвазовски

И двете слики документираат еден мрачен миг во руската историја. Потресен од страдањата на сиромашниот руски народ од гладот што ја зафатил земјата помеѓу 1891 и 1892 година, Ајвазовски бил длабоко трогнат од приватните напори на некои Американци кои испратиле хуманитарна помош на Руската Империја во обид да ги ублажат страдањата на луѓето во далечната земја.

Патот до Белата куќа

Во 1892 година Иван Ајвазовски патувал во Соединетите Американски Држави. Во тоа време тој веќе бил признат уметник во својата родна Руска Империја и во странство.

За време на престојот во САД, Ајвазовски одржал изложба во Њујорк. Уметникот изложил 24 слики. Меѓу нив биле и двете гореспоменати слики, под назив „Бродот на помошта“ и „Дистрибуција на храна“.

Познат по својата великодушна природа, Ајвазовски често ги делел своите слики како подароци. „Бродот на помошта“ и „Дистрибуција на храна“ отишле во Галеријата на уметноста Коркоран во Вашингтон.

Кога во 1961 година Кенеди стана претседател, платната беа преселени во Белата куќа на иницијатива на Џеклин Кенеди.

Сликите беа надвор од видокругот на јавноста сѐ до 1979 година, зашто некако завршиле во приватна колекција, но повторно се појавија во 2008 година на аукција во Сотби. Таму беа продадени за 2,4 милиони долари на еден филантроп кој ги врати назад во галеријата Коркоран во Вашингтон.

Забранета уметност?

Откако дознале за гладот во Русија кој брзо се ширел на територијата меѓу Урал и Црното море, како и за неадекватните мерки на владата да го запре гладот, поединци од САД го формирале таканаречениот „Комитет на Соединетите Американски Држави за помош на гладните во Русија“.

Со оглед на тоа што не бил одобрен од страна на американската влада, оваа добротворна организација главно се самофинансирала со приватни донации под водство на Вилијам Едгар, уредник на неделникот „Норт вестерн милер“.

На 16 март 1892 година првиот брод кој ја превезувал американската хуманитарна помош – храна, живо и пченкарно брашно – стасал на руското пристаниште во Балтичкото море. Набргу следувале и други бродови. Од почетокот на пролетта до средината на летото 1892 година во Русија стасале пет бродови со околу 10.000 тони храна во вредност од околу еден милион американски долари.

„Сите бевме длабоко трогнати од фактот дека од Америка доаѓаат бродови полни со храна“, изјавил идниот цар Николај Втори, кој тогаш го надгледувал пристигнувањето на помошта.

Меѓутоа, се зборува дека неговиот татко, царот Александар Трети, не го ценел овој гест, зашто на тој начин била доведена во прашање неговата способност да ја ублажи кризата во царството и неспособноста на царската влада решително да се занимава со горливото прашање.

Кога првите американски бродови со храна стасале во Русија, Ајвазовски бил инспириран од великодушниот гест на обичните Американци. Така настанале двете слики кои го документираат доаѓањето на првиот брод во руското пристаниште и процесот на дистрибуција на храна од САД во Руската Империја.

Некои извори велат дека, со оглед на тоа што целата приказна имала потенцијал да го поткопа имиџот и наследството на рускиот цар Александар Трети, сликите биле забранети за изложување во Русија. Иако никогаш не постоел напишан декрет за забрана на овие две слики во Руската Империја, некои извори одат толку далеку што тврдат дека платната се забранети во Русија до денешен ден.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња