Часовникот што Лазар го поставил во Кремљ. Минијатура во Илустрираната хроника на 16 век
Public domainМонахот Лазар бил родум од Призрен. Ја напуштил својата татковина по тешкиот пораз што Србите го поднеле од Турците на Косово во 1389 година. Извесно време се движел во Хиландра, а потоа се упатил кон Русија и стасал на дворот на московскиот кнез Василиј Први Дмитриевич.
Лазар Хиландарац (или Лазар Србинот, како што го нарекувале Русите) му служел на Бога, а воедно бил и вешт часовничар. Тој по нарачка на рускиот владетел во 1404 година направил механички ѕиден часовник кој ги отчукувал часовите. Бил поставен на една од кулите на московскиот Кремљ.
Првиот јавен часовник во Русија бил вистинско чудо на техниката. Работел прецизно над двесте години, по што наместо него е ставен понов и посовремен часовник. За жал, изумот на Лазар Србинот не е зачуван, така што за него знаеме исклучиво благодарение на хрониките.
Трговец, дипломат, таен агент, воен советник, државен и јавен пратеник – сиве овие улоги успешно ги комбинирал потомокот на херцеговските кнезови, грофот Сава Владиславиќ Рагузински или во руската верзија Сава Лукич Рагузински-Владиславич, еден од најблиските соработници на рускиот цар Петар Први.
Ова талентирано момче успешно се занимавало со трговија во Истанбул, додека тамошниот руски конзулат во 1702 година не му понудил да работи против Турците, заедничкиот непријател на православните Срби и Руси. Владиславиќ Рагузински одлично се разбирал во надворешната и во внатрешната политика на Османлиската Империја и имал исклучително добри врски ширум Европа, така што успешно ги снабдувал руските дипломати со скапоцени тајни податоци.
Потоа во 1708 година се преселил во Москва, каде станал советник на царот за југоисточна Европа и конкретно за неговиот роден Балкан. Сава Лукич често патувал во Црна Гора и ги продлабочувал контактите со Влашкото Кнежевство и со кнежевството Молдавија. За време на Прутската кампања против Турците во 1711 година која се одигрувала токму на молдавската територија, тој во својство на консултант „за советување во врска со тамошните прашања“ се наоѓал во штабот на командантот на руските единици Борис Шереметјев.
Подоцна е испратен во Венеција и во Рим, со цел да ги контролира младите руски благородници кои таму учеле во морнарички и во воени училишта. Во Ватикан водел преговори за развој на билатералните односи меѓу Москва и Светата столица.
Посебна страница во биографијата на Владиславиќ Рагузински била мисијата во Кина во 1727 година, каде го решава прашањето за трговијата и за дефинирањето на границите меѓу двете сили. Истата година Сава го основал Троицкосавск (денес Кјахта) на границата со царството на династијата Џинг, и овој град станал главен центар на руско-кинеската трговија сѐ до втората половина на 19 век.
„Го паметам, го паметам тој мој љубезен соборец, хусарот со мустаќи и коњаник со опасна сабја кој се гордееше со тоа што личи на Петар Велики, со чиј портрет и почина“, олку убаво мислење имаше Александар Суворов за Петар Абрамович Текелија, српски благородник кој направи блескава кариера во Русија.
Првобитно Текелија им служел на Хабзбурзите во единиците на унгарските хусари, но поради притисокот што врз него го вршеле унгарските колеги тој во 1747 година заминал во Руската Империја и во неа стапил во армија во чин на поручник. По 42 години служба се пензионирал во чин генерал-аншеф.
Петар Абрамович учествувал во многу битки против Полјаците, против Турците и против Прусите, каде во повеќе наврати ја покажал својата храброст. Меѓутоа, најмногу останал запаметен по ликвидацијата на Запорошката Сеча, воено-политичка организација на козаците од Днепар.
Императорката Екатерина Втора сметала дека Запорошците се пијаници и груби луѓе, „штетна маса“ и „политичка разнолика и јуродива групација“ која главно се занимавала со разбојништво и со пљачкосување. Во мај 1775 година Текелија бил именуван за командант на корпус, формиран со задача да ја ликвидира Сечата која било тешко да се контролира, а која правела многу проблеми.
Војската на Текелија со молскавичен марш се приближила на местото на кое се наоѓале Запорошците и ги затекнала неподготвени. Војсководецот постигнал договор со старешините и со тоа избегнал крвопролевање. Козаците доброволно ја предале својата тврдина, што руската артилерија потоа ја срамнила со земја откако претходно се изнесени архивите и касата со пари.
Огњеслав Костовиќ немал наполнето ниту триесет години кога одлучил од Австроунгарија да замине во Русија. Овој Србин во 1877-1878 година учествувал во руско-турската воја, и тогаш го добил чинот капетан на флота. Воената кариера, меѓутоа, не го интересирала многу, па решил да се посвети на науката.
Веќе во 1878 година Огњеслав Степановиќ започнал да работи на создавање на подморница. „Рибата-чамец“ со еден бродски пропелер била замислена да прими осум членови на екипажот, па дури и да испукува 12 торпеда, едно по друго. Проектот не се реализирал зашто недостасувал доволно моќен мотор.
Тогаш српскиот изумител се свртел кон изработка на огромниот дирижабл „Русија“ долг 64 метри. Огњеслав Степановиќ ја зел предвид грешката од минатото, па конструирал мотор со внатрешно согорување од 80 коњски сили кој во тој момент немал конкуренција во светот. Моторот бил направен и успешно тестиран.
Костовиќ во Русија, во Велика Британија и во САД го патентирал својот „усовршен мотор кој работи на бензин, на керозин, на нафта, на светлински гас и на други гасови и запаливи супстанци“. Неговиот изум имал широка промена, меѓу другото и во автомобилската индустрија.
Дирижаблот „Русија“, за волја на вистината, никогаш не полетал. Немало доволно финансиски средства. Но, Костовиќ не паѓал со духот. Сѐ до својата смрт во 1916 година работел на нови проекти, меѓу кои биле трокрилен авион (триплан), аерохидроплан, па дури и хеликоптер.
Легендарниот командир на Црвената армија, коњаникот Алекса Дундиќ, или Олеко Дундич, како што е познат во Русија, бил еден од главните протагонисти на граѓанската војна во Русија и веројатно најпознатиот Србин што учествувал во неа.
Русите во 1916 година го заробиле подофицерот на австроунгарската армија Дундиќ. Тој во руско заробеништво одлучил да стапи во Српскиот корпус на доброволци, формиран од поранешни воени заробеници, со цел да се бори на страната на Антантата.
Во Граѓанската војна што набргу потоа избувнала во Русија Дундиќ застанал на страната на болшевиците. Борејќи се во редовите на Првата коњичка армија, една од најважните оперативни единици на „црвените“; тој се прославил покажувајќи исклучителна храброст на бојното поле.
„Тоа е тој, нашиот црвен Дундич, со уште четири другари тргна во безмилосен јуриш на Воронеж неколку дена пред 'белите' да го напуштат градот. Петтемина храбри продреа на Авенијата на Револуцијата (тогаш се нарекувала Голема Дворјанска улица, рус. „Большая Дворянская улица“ – заб. Russia Beyond) и предизвикаа таква паника како во градот да влегол цел полк“, има напишано подоцна Семјон Будјони, командант на Првата коњичка армија.
Дундиќ загинал во борба на 8 јули 1920 година, во советско-полската војна. „Кој може да се мери со овој јунак од бајките по неговата огненост, храброст, добрина и другарско чувство? Тој беше лав со срце на мило дете“, вака познатиот коњаник подоцна ќе го опише Климент Ворошилов, негов соборец од Првата коњичка армија, кој подоцна стана маршал на Советскиот Сојуз.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче