Александар Саичиќ: Србинот кој го уби најдобриот самурај на јапонскиот император

Јавна сопственост
Легендите за големите јапонски самураи се добро познати ширум светот. Но, ова е приказна за еден воин од Балканот кој во двобој пред битка уби еден јапонски самурај. Се викаше Александар Лексо Саичиќ. Тогаш беше само потпоручник на црногорската доброволечка дивизија, но умешноста во ракувањето со сабја го прослави ширум Русија и Јапонија.

Саичиќ потекнуваше од црногорското планинско племе Васојевиќ. Роден е во селото Виницка кај Беран, а по завршувањето на гимназијата во Дубровник замина во Белград каде ја посетуваше Пешадиската подофицерска школа.

Потоа беше поставен за аѓутант на бригадата на Васојевиќ. Со желба за понатамошно усовршување Саичиќ замина во Истанбул и три години служеше во турската војска како поручник на царската гарда. Од Истанбул Лексо замина во Манџурија каде ѝ се приклучи на руската војска и доби чин потпоручник. Тука го затекнала Руско-јапонската војна 1904-1905.

Во 1904 година и Црна Гора како сојузничка на Русија ѝ објави војна на Јапонија, иако значајни црногорски сили никогаш не беа испратени во Русија. Исклучок беа малобројните доброволци како што беше Саичиќ. Во 1905 година беше потпишан Портскутскиот мировен договор со кој формално беше завршена Руско-јапонската војна, но по игра на случајот Црна Гора не е наведена во мировниот договор, па фактички Јапонија и Црна Гора формално останаа во војна уште 101 година. И дури во 2006 година, со признавањето на Црна Гора како суверена држава, Токио со Подгорица потпиша мировен договор со кој е завршена „војната“.

Но, да се вратиме на приказната за Саичиќ. Во близина на Владивосток, каде двете империи – Руската и Јапонската – собираа единици пред големата битка, тој се среќава со доброволци кои само што дошле од неговата татковина. Покрај Саичиќ во оваа војна се имаат прославено уште двајца црногорски доброволци – Анто Гвозденовиќ и Филип Пламенац, исто така учесници во битките во Манџурија.

Командантот на морските и на копнените сили на Далечниот исток генерал аѓутантот Алексеј Николаевич Куропаткин за време на смотрата во пресрет на важната битка рекол дека јапонскиот император го повикува најхрабриот руски војник да излезе на мегдан со најдобриот самурај. Одбивањето на ваквиот повик во тоа време се толкувало како капитулација.

„Нека се јави јунак кадарен за двобој“, повикал адмиралот.

Лексо Саичиќ го прифатил овој предизвик. Подготвувајќи се за борбата храбриот Србин се заблагодарил на својот командант за укажаната чест да се бори со самурај во име на руската војска. Единиците на двете големи империи внимателно го следеле исходот на двобојот.

Се слушнале првите удари на сабјата и на јапонската катана. Тоа бил судар на две традиции, два начина на војување. Самурајот го изгребал со меч челото на Саичиќ. Кога видел крв на лицето на Србинот, Јапонецот тргнал во напад со желба што поскоро да го убие противникот. Но, Лексо Саичиќ со молскавичен удар со сабјата го поразил јапонскиот воин. Самурајот паднал на земја, а неговиот коњ потрчал кон јапонската војска. Смртта на најдобриот самурај за Јапонците била тежок морален пораз. Руската војска ликувала.

Напуштајќи го местото на двобојот, Лексо како вистински витез достоинствено им се поклонил на Јапонците. Руските единици го дочекале во став мирно. Воениот оркестар засвирел победнички марш. Командантот на руската војска заедно со генералите излегол лично да го пречека Саичиќ. Полесно ранетиот Лексо рапортирал дека задачата е извршена. Според некои извори, за овој подвиг Саичиќ во Русија го добил прекарот Муромец. А, Руската влада му определила четириесет руски златни монети годишно до крајот на животот.

На Саичиќ, инаку, не му честитале само руските офицери, ами и јапонскиот адмирал Того Хејхачиро.

Во Манџурија Лексо бил унапреден во чин капетан и до крајот на војната командувал со коњичкиот ескадрон на Амурскиот драгунски полк. Сабјата со која го совладал јапонскиот самурај се чува во Воениот музеј во Москва.

Саичиќ е носител на орденот на Св. Ана, орденот на Св. Станислав од II степен, орденот на Св. Владимир III степен со мечеви, орденот на Свети Станислав од III степен, руски раненички медал, орден на италијанската круна од IV степен. Од црногорските одликувања го има орденот на Данило Први од IV степен, сребрен медал за храброст и споменица 50 години владеење на кралот Никола.

Во битките бил ранет трипати, но никогаш не заминувал на подолго отсуство, ами продолжувал да војува. Загинал во триесет и осмата година по скок од вториот кат на кралскиот дворец на Цетиње за време на пожар. Саичиќ се обидел да ги спаси книгите на богатата библиотека. Црногорскиот јунак од Руско-јапонската војна е погребан со големи воени почести.

Текстот е преземен од порталот Балканист.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња