Каде се гробниците на руските цареви?

Legion Media
Ги наведуваме сите места во Русија каде што се погребани руските императори и цареви.

Архангелски храм, Москва – царевите и цариците на Московското царство

Архангелски храм, Москва, надворешен изглед.

Архангел Михаил традиционално се почитува како покровител на војниците. Кнезовите и царевите од династијата Рјурикович биле војсководци, така што храмот посветен на Архангел Михаил станал првата гробница на московските владетели. Изграден е во Москва 1247-1248 година, а во 1333 година, по наредба на кнезот Иван Калита, на тоа место бил изграден храм од бел камен.

Потоа во 1505-1508 г. храмот бил преобликуван од италијанскиот архитект Алојзио Нови, кој направил повеќе простор за царските гробници. Болшевиците го затвориле храмот во 1918 година, но не го срушиле поради неговото огромно историско значење.

Архангелски храм, гробниците на царевите

Архангелскиот храм има 56 гробници. Владетелите биле закопувани во бели камени саркофази во земјата под подот на црквата. Над нив поставувале надгробни плочи од тули со плочи покриени со бронзени капаци. Иван Калита е првиот московски владетел кој бил погребан овде, а последен е императорот Петар II, кој починал во 1730 година.

На ова место во 1929 година беа пренесени гробниците на руските царици и велики кнегињи од урнатиот манастир „Вознесение Господово“ во московскиот Кремљ.

Смоленскиот храм на Новодевичкиот манастир, Москва – ќерките на московските владетели

Смоленскиот храм на Новодевичкиот манастир, надворешен изглед.

Новодевичкиот манастир е основан 1524 година од великиот кнез московски Василиј III. Тоа веројатно бил најпознатиот манастир во цела Русија. Служел и како место за заточеништво на женски членови на руските царски семејства.

Новодевички манастир

Руските царици и нивните ќерки често биле ставани во манастири бидејќи Руската православна црква не давала лесно Вблагослов за развод. Во Новодевочкиот манастир била затворена Софија, сестрата на Петар Велики, која била регент и се обидувала да го преземе тронот во 1689 година. Починала во 1704 година и била погребана во Смоленскиот храм на Новодевичкиот манастир.

Гробот на принцезата Софија Алексеевна Романова во Новодевичкиот манастир, 1908.

Тука е погребана Евдокија Лопухина, првата жена на Петар, како и неговите сестри Евдокија и Екатерина. Во манастирот има и други гробници, меѓу другото гробниците на Ана, ќерката на Иван Грозни, која починала кога имала само една година, и гробницата на Григориј Захариев, предок на династијата Романови.

Храмот Благовештение на Александро-Невската лавра – Романови

Црквата „Благовештение на Пресвета Богородица“ на Александро-Невската лавра.

Храмот „Благовештение“ на Александро-Невската лавра е проектиран од италијанскиот архитект Доменико Трезини. Тој е најстариот храм во Санкт Петербург. Изградбата започнала во 1717 година, а приземјето било проектирано како гробница за членовите на царското семејство и високите великодостојници.

Црквата „Благовештение на Пресвета Богородица“ на Александро-Невската лавра.

Тука прва била погребана царицата Прасковја Салтикова, сопруга на царот Иван V. Тоа се случило на 24 октомври 1723 година. Подоцна на истото место биле погребани сестрата на Петар Наталија и нејзиниот малолетен син Петар (1715-1719). Синовите и ќерките на Екатерина II, Павле I и Александар I кои се упокоиле уште како деца се исто така погребани во Благовештенскиот храм.

Овој храм бил почесна гробница на херои, познати великодостојници и други истакнати личности кои ѝ служеле на Русија. Меѓу нив се познатиот војсководец Александар Суворов и познатиот просветител Иван Бецки.

Храмот „Светите апостоли Петар и Павле“, Санкт Петербург – Романови

Храмот „Светите апостоли Петар и Павле“ во Санкт Петербург.

Храмот „Светите апостоли Петар и Павле“ служел како гробница на Романови со тек на непланирани околности. Имено, во 1715 година во него била погребана Наталија, двегодишната ќерка на Петар Велики и Екатерина I, бидејќи Санкт Петербург сè уште бил во изградба, а недовршениот храм бил единственото достојно место за гроб на царската ќерка. Во истиот храм подоцна 1718 година бил погребан и неславниот син на Петар Алексеј.

А кога во 1731 година бил погребан овде Петар Велики, храмот станал гробница и на другите руски императори, сé до Александар III. Над секој гроб стои бел мермерен саркофаг со бронзен позлатен крст. Саркофазите на руските императори и императорки ги красат двоглави орли.

Храмот „Свети апостоли Петар и Павле“ во Санкт Петербург, царските гробници.

Во 1918 година болшевиците го убија последниот руски цар Николај II и неговото семејство. Посмртните останки останаа неидентификувани Екатеринбуршката област до 1990-тите, кога беа ексхумирани и со генетска експертиза утврдено дека припаѓаат на членовите на царското семејство. Беа погребани на 17 јули 1998 година, 80 години по убиството, во посебна гробница во храмот „Светите апостоли Петар и Павле“.

Гробницата на великите кнезови

Гробницата на великите кнезови, Петропавловска тврдина.

Посебна гробница на територијата на Петропавловската тврдина е Гробницата на великите кнезови, каде што биле погребувани оние велики кнезови и велики кнегињи од Домот на Романови и членовите на царското семејство кои не биле крунисани.

Гробницата на великите кнезови, Петропавловска тврдина.

Оваа гробница не е храм, туку мавзолеј, иако е споена со Петропавловскиот храм. Објектот го проектирал Давид Грим во 1896 година, а изградбата траела од 1896 до 1908 година со цел од Петропавловскиот храм да се изнесат некои посмртни останки на Романови кои не биле владетели, бидејќи во храмот имало сé помалку простор за нови гробници.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња