Седум свирепи убиства на руски владетели и претенденти на престолот

Библиотека на слики на Мери Еванс/Global Look Press
Патот до рускиот трон бил „трнлив“. Многумина на тој пат ја изгубиле главата.

1. Фјодор II – задавен

„Агенти на Дмитриј Самозванецот го убиваат синот на Борис Годунов. 1862.“

Кога во 1584 година починал царот Иван Грозни по него останал наследник кој бил или премногу побожен, или заостанат во менталниот развој. Во секој случај не бил способен да управува со земјата.

Рускиот трон фактички го узурпирал Борис Годунов, регентот на наследникот, и тој фактички станал цар. Поучен од примерот на покојниот цар кој немал оставено способен наследник, Годунов вложил средства во образованието на својот син и во стекнување знаења неопходни за управување со државата.

Кога Борис Годунов починал во 1605 година, неговиот шестнаесеттогодишен син Фјодор го наследил на тронот. И покрај сите напори на таткото, московската елита не му била лојална на Фјодор Втори. Тој управувал со државата нешто повеќе од еден месец. Русија потонала во период на нестабилност познат под називот „Смутна доба“. Во Москва се појавил самозванец познат како Лажниот Дмитриј Први и го тргнал Фјодор Втори, претставувајќи се како син на Иван Грозни кој божем го преживеал обидот за убиство.

Фјодор Втори имал само 16 години кога бил задавен заедно со својата мајка. Неговото тело било изложено пред народот и на него се гледале траги од мачење.

2. Лажниот Дмитриј Први – заклан на сопствената свадба

„Последните моменти од животот на Лажниот Дмитриј Први“, Карл Богданович Вениг.

Како и претходниот узурпатор на рускиот престол, и овој, секако, имал доста непријатели во влијателните кругови. Тој претерувал во организирање разно-разни веселби, што предизвикало хаос на улиците на Москва, кој преминал во немири за време на свадбената венчавка со благородничка од Полска. Тоа бил идеален момент за заверниците кои биле незадоволни од состојбата во земјата, па организирале дворски преврат против лажниот цар.

Голем број болјари и вооружени доброволци на 17 мај 1606 година упаднале на Црвениот плоштад и во одаите на омразениот самозванец. Исплашениот владетел се обидел да избега. Скокнал низ прозорецот на тротоарот и тешко се повредил. Толпата го стасала и го заклала. Заверниците го извлекле телото на Црвениот плоштад, го соблекле, му ставиле во устата свирка и му ставиле карневалска маска на градите. Потоа два дена се изживувале над мртвото тело за на крај да го погребат зад Серпуховската порта на старите гробишта. Кога започнале да се шират гласови за чудата кои божем се случуваат на неговиот гроб, ги ископале посмртните останки, ги запалиле, ја помешале пепелта со барут и го испукале од топ,

3. Иван Дмитриевич – обесен кога имал само три години

„Бегството на Марина Мнишек“, уметник Леон Јан Вичулковски.

На 16 декември 1614 година на тригодишното момче џелатот му ставил јамка околу вратот, за по неколку моменти потоа детето да остане да виси во воздух. Современиците тврделе дека јажето не се затегнало околу вратот зашто детето не било доволно тешко. Поради тоа се смета дека момчето починало од хипотермија неколку часа подоцна.

Овој трагичен настан е последица на обидот на мајката на Иван, сопруга на двајца нелегитимни претенденти за престолот, за во Смутната доба да го „протурка“ својот син на рускиот трон како законски наследник, и покрај тој што непосредно пред настанот за цар бил избран Михаил Први со што била основана новата династија Романови.

4. Иван Четврти – доживотно затворен кога имал само една година, а потоа убиен во зандана.

Мирович покрај телото на Иван Четврти. Уметник Иван Творожников.

Кога втората ќерка на царот Петар Велики Елизавета го зазела рускиот трон по државниот преврат, го отстранила од власт најмладиот руски монарх. Така Иван Четври ја изгубил власта кога имал само една година.

Момчето било одведено надвор од престолнината и остатокот од животот го минало во заробеништво и во непрекината животна опасност зашто на чуварите им било наредено да го убијат момчето на лице место доколку биде направен каков било обид тоа да се ослободи и доколку само почнат да се шират такви приказни.

Момчето немало свој идентитет, не можело да комуницира со луѓе, па дури немало ни име. На чуварите им било забрането да разговараат со „безимениот“, како што го нарекувале.

На Иван животот му бил одземен ненадејно. Тоа се случило на 5 јули 1764 година кога еден офицер на императорската армија дознал кој е затвореникот и се обидел да го ослободи отстранетиот император и да го врати на тронот. Стражарите на Шлиселбуршката тврдина дејствувале во согласност со кобните инструкции и го погубиле принцот веднаш штом дознале дека се подготвува завера.

5. Павел Први – претепан и задавен во спалната соба

Убиството на рускиот цар Павел Први, март 1801 година. (1882-1884)

Ноќта помеѓу 11 и 12 март 1801 година ширум се отворила вратата кон царската спална соба во Михајловскиот замок во Санкт Петербург, и 12 завереници упаднале во неа. Гневни што царот одбил да се одрече од престолот, го нападнале, го претепале и на крајот го задавиле.

6. Александар Втори – загинал во атентат од експлозија

Убиството на Александар Втори, цртеж на Г. Бролинг, 1881.

Терористите и револуционерите 11 пати се обидувале да го убијат рускиот император Александар Втори во текот на неговото владеење. Користеле пиштоли, револвери, динамит и рачни бомби. Императорот имал среќа, ги избегнал сите куршуми и експлозии, освен една.

По десет неуспешни обиди за убиство од различни видови оружје, терористите решиле да фрлат бомба во кочијата на императорот кога таа ќе минува по улица. Еден член на илегалната организација „Народна волја“ на 1 март 1881 година фрлил боба во кочијата на царот. Александар Втори по некакво чудо и овој пат останал жив, но посакал да поразговара со терористот што го фатиле, па затоа благовремено не го напуштил местото на атентатот и веднаш потоа друг терорист извршил уште еден напад.

Втората бомба паднала пред нозете на царот. Експлозијата му ги откинала двете нозе. Александар Втори бил довезен во Зимскиот дворец во безнадежна состојба. Починал по неколку минути. Меѓу другото, вториот напаѓач исто така загинал во експлозијата.

7. Николај Втори – стрелан заедно со целото семејство

Погубувањето на царот Николај Втори и неговото семејство во Екатеринбург.

Последниот руски император бил погубен од стрелачки вод ноќта помеѓу 16 и 17 јули 1918 година во подрумот на куќата на трговецот Ипатиев во Екатеринбург. Заедно со него биле стрелани и членовите на неговото семејство – сопругата Алекснадра и петте деца.

Постоеле болшевици кои планирале да организираат отворено судење на поранешниот император, но постоела голема опасност од контрареволуционерна завера во која монархот би можел да биде ослободен и можеби вратен на престолот од кој се откажал, и оваа околност најверојатно била кобна за рускиот цар и за неговото семејство.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња