Како се појавил и како завршил несреќниот руски цар Борис Годунов

Сергеj Присекин; Aniacra (CC BY-SA 4.0); Public domain; Russia beyond
Тој бил првиот руски цар кој воспоставил стабилни односи помеѓу Русија и Европа, но бил и жртва на злата судбина, на неродни години и на полска инвазија.

Се чини дека историското наследство на Борис Годунов е обележано со проклетство. Иако поголемиот дел негови одлуки биле рационални и добри за Русија, неговото владеење завршило лошо, а животот му завршил нагло и трагично. Дури и по смртта го следела несреќа. Кога во 1945 година криптата со останките на царот Борис и на неговите блиски роднини била отворена, се видело дека гробницата е опљачкана, а костурите се измешани и искршени. Затоа антрополозите не можеа дури ни делумно да го реконструираат ликот на Годунов.

Пред доаѓањето на власт бил еден од „опричинците“ на Иван Грозни

„Беше висок и крупен човек, чие присуство предизвикуваше чувство на неминовно потчинување на неговиот авторитет. Имаше црна, иако ретка, коса и правилни црти на лицето, цврст поглед и телесна снага“, напишал англискиот трговец Томас Смит кој го запознал Годунов во последните години од животот.

Борис Годунов (1552-1605) се појавил на дворот на Иван Грозни во седумдесеттите години од 16 век, благодарение на својот стрико Дмитриј Годунов. Дмитриј служел на дворот на Јуриј Углички (1532-1563), помладиот брат на Иван за кој се смета дека веројатно бил глув. По смртта на Јуриј Дмитриј станал еден од најблиските соработници на Иван, па својот внук Борис го довел меѓу опричинците, припадници на личната војска на Иван. Во 1571 година Годунов бил повикан на венчавката на Иван, а во 1585 година неговата сестра Ирина се омажила за Фјодор Иванович (1557-1598), помладиот син на Иван. Потоа Борис Годунов стекнал статус на болјар и станал влијателна фигура во државата.

Владеел со земјата како шура на царот Фјодор

Додека бил жив Иван Грозни, Борис мудро стоел во неговата сенка. Но, бил еден од неколкуте луѓе присутни во моментот на смртта на Иван во 1584 година и оној кој овој тажен настан го објавил на московските власти од Црвениот трем на московскиот Кремљ. Никој не може со сигурност да тврди каква улога одиграл Годунов во смртта на Иван, но веќе во 1585 година станал единствен поглавар на руската влада и фактички управувал со земјата наместо следниот цар Фјодор Иванович.

Царот Фјодор не бил во состојба самиот да владее со земјата. Се сметало дека бил интелектуално хендикепиран, иако историчарот Дмитриј Волоткин тврди дека Фјодор сакал луѓето така да мислат за него. Како и да е, Фјодор уздите на власта доброволно му ги препуштил на Борис Годунов.

Поголемиот дел од државните потфати на Годунов биле успешни

Откако станал прв руски „владетел од сенка“ Годунов не почивал на ловорики, ами покажал исклучителна прилична претприемчивост. Најпрво ја забрзал изградбата на тврдини на руската граница: Воронеж 1585, Ливни и Самара 1586, Царицин (подоцна Сталинград и Волгоград) 1589, Саратов 1590, Белгород 1596 година. Сиве овие тврдини придонеле за заштита на земјата од пљчкосувачките походи на татарските номадски племиња на југот од Русија. Во 1604 година во Сибир го основал Томск. Освен тоа, Годунов исто така наредил да се унапредат и да се заштитат градовите во централна Русија.

Смоленската тврдина

По наредба на Годунов подигната е Смоленската тврдина, едно од најимпресивните утврдувања на епохата, која требало да ја штити московската земја од нападите на Полјаците. Во Москва се подигнати две линии на одбрана: ѕидините на Белиот град со 29 кули кои го опкружувале центарот на градот и Скородром, дрвено утврдување кое ја опкружувало пошироката територија на градот. Излегло дека овие нешта имале смисла: во 1591 година кримскиот хан Гази Втори Герај (1554-1607) се обидел да ја освои Москва, но неговата војска била немоќна пред цврсто утврдениот град.

Кула на Белиот град

Годунов водел успешна надворешна политика. По победата во Руско-шведската војна 1590-1595 успеал да ги поврати териториите што Русија ѝ ги отстапила на Шведска по Литванската војна 1558-1583.

За да ги поддржи државните финансии Борис Годунов морал да ги заостри мерките кои се однесувале на кметовите. Започнувајќи од 1597 година кметовите кои ќе избегаат од своите господари морале да бидат пронајдени и вратени во рок од пет години.

Бил првиот руски цар кој воспоставил силни врски со Европа

Во 1598 година, по смртта на Фјодор Иванович, Земскиот собор (своевиден средновековен руски парламент) го избрал Борис Годунов за нов цар. Во текот на своето кусо владеење Годунов кон странците покажувал почитување какво што претходно не било вообичаено за Русија. „Штом влезе амбасадорот, Борис Фјодорович тргна да го пречека, го прими со големо почитување, му се поклони како што наложуваат московските обичаи и му пружи рака“, вака се опишува приемот на Никлас фон Варкоч, австриски амбасадор.

Тоа било неверојатна глетка: руски цар кој станува и му приоѓа на странец, дури и му подава рака! Вакво нешто било незамисливо во времето на Иван Грозни! Според Исак Маса (1586-1643), холандски амбасадор во Москва, Борис Годунов објавил дека „за него сите нации се еднакви и дека сака да живее во пријателски односи со сите“. Годунов поканувал странски трговци, лекари и инженери да работат во Москва, ги опсипувал со пари и со скапи подароци, па дури вовел и странска музика во Кремљ. Неговата сестра Ирина била фрапирана кога ги слушнала оргулите и клавикордот што на Борис му ги донел неговиот англиски пријател, дипломатот Џером Хорси (1550-1626).

Годунов, исто така, воспоставил особено добри односи со Англија. Се допишувал со Елизабета Прва (1533-1603) и дури водел преговори неговиот син Фјодор да се ожени со некоја англиска благородничка, но смртта на Елизабета ги прекинала овие договори.

Неговото владеење завршило со распад

Во 1601 година Русија ја погодил тежок глад. Во текот на летото повеќе од 10 недели постојано паѓал дожд, па житото не родил, а наесен раниот мраз го уништил она што останало од посевот. Следната година слабите приноси се повториле. Причина за ваквите лоши временски услови била ерупцијата на вулканот Вајнапутин на југот од Перу (во февруари 1600 година- која предизвикала облак пепел во Земјината атмосфера, блокирајќи ја сончевата светлина. Но, Русите не го знаеле тоа).

„Во Москва и околината луѓето јадеа коњско месо, кучиња и мачки, па дури и луѓе“, наведуваат руските хроничари од тоа време. Кметовите биле ослободени, а изгладнетите луѓе ги ограбувале минувачите. Настанал хаос. Во Москва Борис Годунов делел помош од царската ризница, но со парите не можело да се купи храна која ја немало. Притоа цената на житото зачувано од претходната година скокнала за 100 пати.

Луѓето за оваа несреќа го обвинувале царот, болјарите и великопоседниците. Востанието на селаните под водство на Хлопок Косолап траело од 1601 до 1603 година и, иако царската војска го задушила, разбојништвата и грабежите продолжиле.

Во 1604 година се појавил Лажниот Дмитриј, узурпатор кој тврдел дека тој му е син на Дмитриј Углич, синот на Иван Грозни кој починал во 1591 година под мистериозни околности. Со мала војска полски приврзаници и разочарани Руси кои им се придружиле, Дмитриј се обидел да ја заземе Москва, но го поразила царската војска и го принудила да се повлече. Среде овој хаос Борис Годунов ненадејно починал.

На 13 април 1605 година по стариот календар холандскиот трговец Исак Маса напишал: „Борис беше многу весел, многу јадеше за ручек и беше порадосен одошто неговото опкружување беше навикнато да го гледа. По ручекот замина во високата кула од каде можеше да се види цела Москва со околината и се смета дека таму испил отров, зашто штом се симна во салата, веднаш испрати по патријархот и по епископите, да му донесат монашка капа и веднаш го замонашија зашто умираше. И штом ја изговорија молитвата, го пострижаа и му ја ставија монашката капа, тој испушти душа и почина во три часот попладне“.

Меѓутоа, не се знае дали Борис навистина се отрул. Тој, имено, од 1599-1600 година често се чувствувал лошо. Но, како и да е, по смртта на Борис и убиството на неговиот наследник Фјодор Борисович за руското царство настапи времето на неволи познато како Смутна доба.

Фјодор Борисович

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња