Омилениот спорт на царот Николај II (ФОТОГРАФИИ)

Public domain
Во друг живот рускиот цар ќе можеше да стане професионален тенисер. Играше со познатите шампиони речиси како да е еден од нив.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“сме секогаш со вас!

1. Тенисот пристигнал во Русија од Велика Британија во текот на 1860-тите и многу брзо стекнал огромна популарност во аристократските кругови. Го играле и претставници на владејачката династија Романови. Меѓу нив, најстрасен тенисер бил царот Николај II.

2. Рускиот цар првпат излегол на тенискиот терен на 2 јуни 1896 година, кога имал 28 години. Тоа било на неговиот имот Илинское во близина на Москва. „После чајот, отидов да играм тенис на трева со другите, првпат“, напишал тој тогаш во својот дневник. Следните неколку недели речиси целото време го поминувал на теренот.

3. Царот Николај II радо играл тенис и по студено есенско време, кога рацете ѕемнат, и по најголеми летни горештини, кога се цеди потта од кошулата. „Играше многу добро. Неговите соперници, морнарички офицери и дворски дами, беа многу послаби од него“, напишал началникот на Канцеларијата на министерството на Императорскиот двор, генерал-потполковник Александар Масолов.

4. Тениски терени биле направени во резиденциите на царот Николај II кај Санкт Петербург, на Крим и во Спала во Полска. Потоа се појавил уште еден во Финска, во близина на гратчето Виролахти, каде кралското семејство со задоволство престојувало. „Само во морските карпи нивните величества можеа да водат мирен семеен живот на море“, напишал офицерот Николај Саблин, кој служел на царската јахта „Штандарт“.

5. Пловејќи на својот брод по Финскиот залив, Романови редовно излегувале на брегот да си направат пикник, да се прошетаат во шума и патем да наберат бобинки. Се случувало в зори, зачудениот сопственик на некој фински имот на брегот на морето да ја отвори вратата и да го здогледа на прагот царот кој моли за дозвола да одигра некоја партија тенис на неговиот терен.

6. Царот Николај II со задоволство играл тенис против членовите на своето семејство, против дворските дами и офицерите од конвојот, но бидејќи играл маестрално, му бил потребен посериозен противник. И таков противник се појавил во ноември 1913 година. 

7. Додека се одмарал во својата резиденција во Ливадија на Крим, императорот дознал дека во соседството, кај кнезовите Јусупови, на гости дошол нивниот братучед Михаил Сумароков-Елстон. На 20-годишна возраст тој млад студент веќе бил осумкратен шампион на Русија. Царот веднаш го поканил на тенискиот терен.

8. Одиграле четири меча. Николај II изгубил, но бил многу задоволен од играта. „Денес во тенисот учествуваше грофот Сумароков, млад студент, најдобриот тенисер во Русија. Има што да се научи од него“, напишал царот во својот дневник.

9. „Сумароков толку силно го погоди царот в нога со топчето што тој падна и мораше да лежи три дена“, напишал подоцна Мосолов: „Кутиот шампион беше очаен, иако не беше виновен, се разбира. Се зборува дека Јусупови го карале многу. Кога царот оздраве, повторно го покани Сумароков во Ливадија, но шампионот повеќе не можеше да игра толку енергично како претходно“.

10. Царот Николај II во 1914 година го основал „Купот на Неговото Императорско Величество“, и победник на купот бил царевиот познаник и соиграч Михаил Сумароков-Елстон.

Михаил Сумароков-Елстон

Набргу потоа избувнала Првата светска војна, така што рускиот цар морал да се збогува со својот рекет. И тоа засекогаш.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња