Последниот император: цар-маченик или Николај Крвавиот?

Извор: ИТАР-ТАСС.

Извор: ИТАР-ТАСС.

Ликот на последниот цар Николај Втори во постсоветска Русија помина низ три етапи. На почетокот на деведесеттите години од минатиот век Николај Втори се гледаше преку перцепцијата на периодот на перестројката. Соборувањето на Николај, на неговите деца и слуги во тој период се сфаќаше како прорекување на целата идна историја на советските репресии со сета нивна безмилосност. Во тој период не постоеше голем интерес за неговото владеење, за неговата политика. А, неговиот меланхоличен и политички слаб лик не се оспоруваше.

Но, во првата половина од деведесеттите години на минатиот век во Русија започна активно да продира литературата на емигрантската Руска православна црква, а во неа Николај беше прогласен за светец уште во 1981 година. Од тој момент во Русија полека започнува почитувањето на последниот цар како светец. На почетокот на деведесеттите години од дваесеттиот век Московскиот патријарх беше против прогласувањето на Николај за светец. Специјалната комисија имаше приговори во врска со ова прашање. Тие се однесуваа и на абдикацијата која била недопустлива според црковните канони, и на внатрешната политика на Николај во поглед на црквата. Без оглед на желбата на епископатот, тој се противеше на обновата на патријархатот кој бил укинат за време на владеењето на Петар Велики. 

Освен тоа, не беше до крај јасно што се случува со останките на царското семејство. Оние што беа пронајдени уште во 1971 година од страна на групата Рјабов-Авдонин, беа оспорувани од страна на црковната и на историската јавност. Не помалку е важно и тоа што патријархот Алексеј ги има наследено погледите на оној дел од дореволуцискиот епископат, кој бил крајно критички настроен во однос на Николај. Тие се ориентираа на Помесниот собор од 1917-1918 година, кој се одвиваше по уривањето на монархијата. На него црквата изгради важни принципи за животот на целата монархија. Згора на тоа владеењето на Николај беше затемнето со Распутин, чие фаворизирање направи раскол во рускиот епископат.

Во првите години по распадот на советскиот блок, Николај беше еден од многуте политички жртви на комунизмот

Расправите за канонизација предизвикаа појавување на огромен број литература на оваа тема. Во Русија во тоа време повторно беа издадени книгите „Императорот Николај како човек со силна волја“. Се појавија многубројни статии и документарни филмови кои го рехабилитираа Николај како добар семеен човек и како мудар „народен цар“. Во првите години по распадот на советскиот блок, Николај беше еден од многуте политички жртви на комунизмот. Но, во втората половина на деведесеттите години од минатиот век неговиот лик поприми поинаква смисла. 

По 1996 година либералните позиции во Русија беа размрдани. Вториот мандат на Елцин беше проследен со длабок општествен раскол. Исчезнаа надежите за брза интеграција во западниот свет по комунизмот. И Николај Втори станува важен симбол на конзервативниот отпор и симбол на светата руска власт, која го чува народот и верата од светскиот заговор на безбожната западна цивилизација. Политичките чекори на Николај се толкуваат во светската борба за зачувување на единството на православното христијанство – „вербата во Третиот Рим“.   

Темата за царското семејство во деведесеттите години од минатиот век не се симнува од страниците на весниците и поради тоа што во 1993 година Елцин ја основаше комисијата за идентификација на посмртни останки. Многубројните расправи и стручни анализи завршија со државна свеченост на погребување на останките во 1998 година. Притоа, дел од јавноста и по државната одлука продолжи да ја оспорува автентичноста. Ваквата ситуација трае и до денешен ден. 

За Елцин судбината на Николај имаше и посебен карактер. Елцин беше на чело на Комунистичката партија во Свердловск (Екатеринбург) токму во годините кога беше донесена одлука да се уништи зданието (Ипатевскиот дом) во кој беше стрелано царското семејство. Поради тоа тој му даваше големо значење на историскиот лик на Николај Втори и на неговото семејство.

Со доаѓањето на власт на Путин заслабна целата историја околу Николај во кремљовската „политика на сеќавање“. Путин не се занимаваше многу со периодот на руската историја пред Советскиот Сојуз. Татковците-основачи на постсоветска Русија не успеаја, како што тоа беше случај со другите држави од источниот блок, брзо да го уништат комунистичкото наследство. Путин се обиде веднаш да изгради политика на симболично запирање на „долгата руска граѓанска војна на 20 век“ и да ги смири „белите“ и „црвените“. Од една страна ја остави старата советска химна, а од друга се дружеше со ројалистички расположениот Солженицин, ја пренесе во Даниловскиот манастир пепелта на белите генерали кои умреле во емиграција. 

Откако во 2005 година се зацврсти неговиот политички режим, Путин и неговата власт се обидоа да создадат определен заеднички пантеон на симболи на руската величина. Во него влегоа Александар Невски, Сталин, Ленин, Јуриј Гагарин, најпопуларниот руски светец Серафим Саровски, маршалот Жуков. Во тој пантеон се најде и Николај Втори. Путин имаше подобар резултат во создавањето на извесна „граѓанска религија“ од симболични настани и фигури од минатото, одошто Елцин. Но, сето тоа си имаше и своја цена. Тоа е зашто станува збор за историја која не е за „граѓанската нација“, ами пред сè за „поданиците на просветниот авторитаризам“. 

Целата втора половина од минатата деценија беше исполнета со телевизиски дебати за величината на Сталин и на неговите генерали. Руската историја повторно почна да се толкува како историја на „моќна власт“. Пристапот на Путин кон историјата е лишен од топлина. Тој кон неа се однесува „менаџерски“, технолошки. Затоа денес Николај Втори, како последен цар и носите на посебното сфаќање за руската власт, не се издвојува од другите руски владетели. За современите руски официјални гласила се многу поважни победите во Втората светска војна и улогата на Сталин, отколку економскиот напредок за време на владеењето на Николај Втори. Затоа и ликот на Николај во службените гласила сега е само еден од многуте ликови на руски владетели, претходници на путиновиот „просветен авторитаризам“. И тој, секако, не е најуспешниот од нив, бидејќи не можел да ги надмине немирите. Но, без оглед на сето тоа, тој се наоѓа во почесната низа на современата руска антилиберална симболика.

„Умре главниот човек“
По повод 60-годишнината од смртта на Јосиф Сталин, веројатно најконтроверзниот прв човек на советската и на руската држава, „Руска реч на македонски“ ви претставува спомени на луѓе кои овие настани ги засведочиле со сопствени очи.

Формирањето на постсоветската граѓанска нација не е завршено, и понатаму постои општествена поделба. сè уште се нема случено помирувањето со сопствената историја. Таа сега не е „дом“, туку „подрачје за борба“. Во 1994 година според резултатите од анкетата „Кој, според Вас, од историските личности е вистински руски патриот?“, Николај Втори не успеа да влезе ниту во првите десет. Само 5% од испитаниците го вброиле меѓу патриотите. Во тие години во анкетите на јавното мислење Николај Втори воопшто не влегувал меѓу првите значајни историски дејци на Русија. 

Но, до 2013 година ситуацијата значајно се измени. Последните анкети на Левада-центарот покажува дека 3% од Русите позитивно ја оценуваат улогата на Елцин и на Горбачов. Николај Втори (14%), Сталин (13%) и Брежњев (13%) имаат голема предност пред нив. Притоа Николај има најнизок антирејтинг. Него го почитуваат и не го сметаат ниту за тиранин, ниту за злосторник. Откако по трет пат стана претседател на Руската Федерација, Путин им нареди на руските историчари да се обидат да напишат и доследна и, како што тој се изрази, „непротивречна“ руска историја. Како во неа ќе биде обработена темата за Николај Втори, сè уште не се знае. Затоа и 400-годишнината од домот на Романови оваа година се празнува тивко, без голема културна и официјална програма. Затоа Кремљ донесе одлука масовно да се одбележи друг јубилеј – почетокот на Првата светска војна, зашто воената тематика и „доблеста на руското оружје“ полесно се вклопува во идеолошките потреби на „просветниот авторитаризам“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња