Кон средината на минатиот век СССР почна интензивно да работи на технологијата на нуклеарно оружје. Имаше тенденција сè да биде „атомско“ – и ракетите, и бомбите, и подморниците, па дури и авионите.
Така, во текот на 1950-тите, Мјасишчев и Туполев, двајца големи советски конструктори на авиони, добија задача да конструираат стратешки бомбардер со нуклеарен мотор. Тој авион требаше да стане најмоќното и најдолговечното оружје на советската армија.
Воронешка фабрика за авиони
Олег Иванов/SputnikБеше замислено Ту-120 да стане првиот стратешки бомбардер со мотор на нуклеарен погон. Според проектот, требаше тој авион да фрла атомски бомби врз непријателот од височина од неколку илјади метри, каде што би бил надвор од дострелот на противвоздушното оружје што постоеше во тоа време.
На крилата на авионот Ту-120 беа прицврстени два турбомлазни мотори, кои тукушто се појавија во тоа време. Моторите добиваа „гориво“ од реакторот сместен во задниот дел на авионот, на максимално растојание од пилотот. Луѓето ќе беа сместени во специјална капсула која би ги заштитила од радиоактивното зрачење од нуклеарниот реактор.
Трупот на Ту-120 беше дизајниран како класична аеродинамична конструкција со ниски крила. Однадвор, авионот ќе наликувашена советскиот стратешки бомбардер Ту-160 „Бел лебед“, кој сé уште е во арсеналот на руската армија и неодамна беше целосно модернизиран, така што моментално е еден од најдобрите авиони во светот. Повеќе за овој авион можете да дознаете во овој материјал на порталот Russia Beyond.
Благодарение на конструкцијата, нуклеарниот реактор и турбомлазните мотори, бомбардерот ќе можеше да носи 5 тони планирачки бомби и ракети.
Меѓутоа, военото раководство одлучи да го замрзне проектот во фазата на изградба на првиот прототип. Зошто?
Според експертите, тој авион имал низа технички детали кои се недозволиви во авијацијата.
„Нуклеарниот реактор се подготвува за стартување неколку недели. На пример, пред да замине нуклеарна подморница на море, екипажот врши многу работи поврзани со стартувањето, стабилизирањето и контролирање на реакторот. Со авион такво нешто е недопустливо. Авионот е средство за брза реакција што треба да се подигне во воздух 15 минути по издавањето на наредбата“, објаснува Дмитриј Литовкин, главен уредник на списанието „Независимое военое обозрение“.
Друг детал е опасноста што ја носи со себе евентуалниот дефект на нуклеарниот мотор додека авионот е во воздух.
„Ако нуклеарна подморница потоне во морето, таа ќе остане на дното и никого нема да загрози. Но, доколку авионот со нуклеарен мотор падне во град, ќе предизвика радиоактивно загадување на теренот како што беше случајот со хаваријата во нуклеарната централа во Чернобил“, истакнува експертот.
Репродукција на сликата „Норвешко море. Нуклеарната подморница „Комсомолец“, која го прикажува истражувањето на стручњаците на потонатата нуклеарна подморница со помош на длабоководниот апарат „МИР-I“.
Сергеј Компанијченко/SputnikСпоред него, и Русија и САД имаат подморници и нуклеарни торпеда на дното на морето.
Една од нив е нуклеарната подморница „Комсомолец“. Потона 1989 година во Норвешкото море кога во подморницата избувна пожар, и се спушти на длабочина од 6000 метри. Таму е и денес, а војската нема намера да ја извади на површина.
Експертот истакнува дека во светот ниту еден проект за стратешки бомбардер на нуклеарен погон не бил отелотворен во опиплива „метална“ варијанта.
„И Американците, како и ние, се обидуваа да направат стратешки бомбардер. И тие како нас наидоа на непремостлива пречка т.е. во одреден момент сфатија дека радијацијата порано или подоцна ќе продре во авионот и ќе ги уништи сите членови на екипажот што се наоѓаат во него, а потоа тој „нуклеарен проектил“ ќе падне на земја и ќе предизвика нова светска трагедија“, нагласува Литовкин.
Балистички ракети пред настап на воената парада во чест на 51-годишнината од Големата октомвриска социјалистичка револуција.
Борис Кауфман/SputnikСпоред него, Американците се откажале од работата на таков авион во исто време како и Русите и се сконцентрирале на производство на интерконтинентални балистички ракети со нуклеарни боеви глави, со што ја поттикнале „трката во вооружување“.
На проектирањето на нови „воздухопловни“ нуклеарни проектили му се вратија во овој век, поточно кон крајот на 2010-тите, кога Русија му ги демонстрираше на светот своите нови технологии засновани на знаењето стекнато при проектирањето на авионот Ту-120.
Тестирање на крстосувачката ракета „Буревесник“ со мотор на нуклеарен погон.
Министерство за одбрана на РФ„Технологиите на проектот Ту-120 денес се реализирани во ракетата „Буревесник“. Нејзиниот принцип на работа е сличен на принципот на работа на нејзиниот „предок“. Имено, „Буревесник“ е проектил кој може со години да „виси“ во воздух додека од земјата не добие команда да изврши напад или да се врати во базата“, објаснува Литовкин.
Покрај тоа, Русија денес работи на создавање на вселенското летало „Бурлак“, кое исто така има нуклеарен погон. Според концептот на конструкторот, тој вселенски брод ќе може да ја истражува подалечната вселена благодарение на нуклеарниот реактор.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче