Тројцата најпознати гангстери во СССР

Kira Lisitskaya (Photo: Иван Куртов/ТАСС, Public domain)
Крадецот кој го опљачкал Ленин, тајниот крал на подземјето и „чесниот гангстер“ – дознајте повеќе за тројцата легендарни припадници на руската мафија.

Јаков Кошељков

Јаков Кузнецов бил само еден од московските гангстери во втората деценија од 20 век, но славата ја стекнал откако го опљачкал лично Владимир Ленин.

Јаков е роден во 1890 година во семејство на криминалци и почнал да краде уште како момче. До 1917 година го товареле за 10 случаи на џепарења и стекнал углед во криминалниот свет. Прекарот Кошељков значи „човек на паричник“.

Кошељков бил храбар криминалец. Во 1918 година го фатила Чека (претходникот на советскиот НКВД и на КГБ) во град во близина на Смоленск. Меѓутоа, на патот кон Москва еден од неговите соработници, преправен како уличен трговец, му дал на Кошељков специјална векна леб. Во неа бил скриен револвер Браунинг. Со него Кошељков го убил чекистот што го уапсил. Јаков избегал. Продолжил да се занимава со криминал како водач на организирана банда која изведувала вооружени пљачки. Една година подоцна го извршил своето најпознато злосторство.

На 6 јануари 1919 година Кошељков и петмина соучесници запреле кола во близина на московскиот реон Сокољники. Имено, потребен им бил превоз за пљачка. Случајно тоа бил автомобилот на Ленин. Водачот на болшевиците и неговата сестра Марија заедно со возачот и стражари оделе на посета во болница кај сопругата на Ленин Надежда Крупскаја.

Бандитите им наредиле на патниците да излезат од колата и ги претресле. „Што се случува? Јас сум Ленин“, протестирал Владимир Иљич, но Кошељков не го слушнал добро. „Можеш да бидеш Левин колку што сакаш, а јас сум Кошељков, ноќниот господар на градот“, рекол Јаков. Му ги одзел на Ленин документите и пиштолите, по што гангстерите заминале со мерцедесот на Ленин. Дури во автомобилот, откако ги видел документите, Кошељков сфатил каква грешка направил. Ја свртел колата и набрзина заминал на местото каде го оставиле Ленин, но водачот на револуцијата веќе бил заминат.

По овој инцидент била распишана потерница по Кошељков и неговата банда. Имало неколку неуспешни обиди да го фатат, при што Кошељков убил неколкумина припадници на тајната полиција. Кога во 1919 година конечно го лоцирале, агентите на Чека не сакале да ризикуваат и отвориле оган од целото оружје што им било на располагање. Кошељков бил изрешетан. Браунингот на Ленин бил пронајден кај него,

Васја Брилијант

Владимир Бабушкин беше неспорен крал на советското подземје сè до 1985 година, кога почина на 57 години. Од нив 35 години ги мина во затвор. Поради тоа и стана легенда.

Владимир започнал како џепчија, а тие беа најугледната класа криминалци. На 20-годишна возраст е осуден на првите 10 години затвор. Во затворот го носел името Васја, за да го скрие својот идентитет, што беше обичај кај руските крадци. Исто така го носеше прекарот Брилијант, поради високата положба во затворската хиерархија. Васја на слобода никогаш немал работено за советската држава, ниту зад решетките соработувал со затворските власти. Бил подготвен поради тоа да ги поднесе најтешките казни.

Како познат криминалец со беспрекорен углед, Брилијант стана врвен авторитет меѓу затворениците. Тие од него често барале да пресуди во споровите меѓу осудениците. Почина во затвор во 1985 година. Неколку години подоцна советските гангстери му подигнаа гранитен споменик тежок 8 тони на гробот во Соликамск, 220 километри јужно од Перм во централна Русија.

Сергеј Мадуев

Сергеј бил предодреден за криминалец. Роден е во притворско одделение во Казашката ССР. Неговиот татко бил Чеченец, уапсен зашто се спротивставувал на депортација, а неговата мајка била Корејка кој била во затвор поради нелегална трговија. Не е никакво чудо што момчето почнало да краде. На 18 години е за првпат осуден на шест години затвор поради учество во пљачка.

Сергеј освен криминал не знаел, ниту умеел да прави што и да е друго. Во 1980 година беше ослободен од затвор, но само една година остана на слобода пред повторно да биде осуден на 15 години. 8 Години подоцна избега од затвор и мина во бегство две години.

Мадуев имаше имиџ на „чесен гангстер“. Во Грозни тој и неговите соработници опљачкаа семејство во нивниот стан, а Мадуев спречи еден од соучесниците да ја силува нивната ќерка. Во Москва еден човек во текот на пљачката доживеа инфаркт, а Мадуев му повика брза помош. Додека беше во бегство Мадуев не се криеше. Во текот на двете години од врвот на неговата криминална активност има опљачкано и убиено десетина луѓе. Конечно беше уапсен во 1990 година во Ташкент и беше одведен во Ленинград (денешен Санкт Петербург) на истрага.

Меѓутоа, додека беше во Ленинград, Мадуев успеа да ја заведе Наталија Воронцова, еден од истражителите и да ја убеди кришум да му даде пиштол. Со помош на ова оружје Мадуев ги нападна стражарите и се обиде да избега, но беше фатен. Наталија Воронцова беше осудена на 7 години затвор.

Мадуев беше осуден на смрт, но во 1995 година во Русија беше воведен мораториум на смртната казна. Последните години од животот Мадуев ги мина зад решетки. Почина во 2000 година во затвор кога имаше 44 години.

Прочитајте исто така: Руски затвори: Кастите и сталежите на робијашите

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња