5 исчезнати градови на Русија

Public Domain / Jуриj Шаров, Sputnik
Зошто се потопени старите трговски градови и што остана од поранешните колонии на Џенова на Црното Море? Дознајте повеќе за градовите-сеништа во различни региони на Русија.

Овие напуштени, потопени и уништени од природни катастрофи населби до неодамна се наоѓаа на мапата на Русија. Што има на нивното место денес?

Молога, Јарославска област

„Руската Атлантида“, како што често се нарекува овој некогаш богат трговски град, беше потопена за време на изградбата на Рибинското вештачко езеро во 1940-тите.

Градот (270 километри од Москва) е познат уште од 12 век. Тој бил важен трговски центар на Руската империја, каде што се одржувале големи саеми. Тука се наоѓал и древниот Афанасјевски манастир, изграден во XV век.

Пред потопувањето, во градот живееле околу 7 илјади луѓе. Нивното раселување траело 4 години. Дрвените куќи биле демонтирани и транспортирани по река. Камените градби и високите згради беа урнати за да не се наруши пловидбата на бродовите.

Повеќето од поранешните жители на Молога се преселиле недалеку од градот Рибинск. Денес тука се наоѓа Музејот на Молошкиот крај.

Понекогаш на просторот на поранешна Молога нивото на водата е ниско и над водата се појавуваат остатоци од градбите. Потопениот град привлекува голем број туристи и нуркачи кои влегуваат во водата за да ги видат старите улици и остатоците од куќите.

Дознајте повеќе за историјата на Молога овде.

Весјегонск, Тверска област 

Судбината на Молога ја доживеа и градот Весјегонск (420 километри северно од Москва) во северниот дел на Рибинското вештачко езеро. Како и Молога, тоа беше стар трговски град со пазар, богати куќи и камени градби. Пред потопувањето во Весегонск живееја околу 6000 луѓе.

Демонтирањето на куќите започна во 1940 година, а градот беше потопон во 1943 година. Тоа беше за време на Втората светска војна и мажите беа повикани во војска. Жените сами мораа да го организираат преселувањето. Граѓаните беа преселени на територијата на колхозот јужно од градот. Новата населба го доби истото име.

Тана, Ростовска област

Во предградието на модерниот град Азов на југот на Русија, постои улица именувана во чест на италијанскиот град Џенова. Тука можат да се видат остатоци од древната Џеновска порта, која била дел од средновековна тврдина. Од XII до XIV век на местото на овој реон се наоѓал градот Тана, основан од италијански трговци. Во еден дел живееле Џеновјаните, а во другиот Венецијанците кои биле во постојан меѓусебен судир.

Сепак, градот се наоѓал на трговскиот пат од Москва до Константинопол и во него цутела трговијата. За време на Златната орда (средината на XII век), Тана (или Тан) преминала во татарско-монголски раце. Градот бил сведок на бројни војни, но секој пат бил повторно обновен, додека во 1475 година не паднал под наездата на Турците. Отоманската империја тогаш ја изградила тврдината Азак, која денес се наоѓа во центарот на градот Азов.

Саркел, Ростовска област

Саркел („бела тврдина“ на хазарски јазик) е древен град изгубен на дното на Цимљанското вештачко езеро. Изграден е во средината на IX век на бреговите на реката Дон на југот на Русија како гранично утврдување на Хазарскиот каганат, државата на номадите. Саркел преминал под власт на Русија во 965 година, а на почетокот на XII век бил срушен од Половците. Жителите го напуштиле градот, уривајќи дел од ѕидовите за да изградат нови куќи.

Во 1930-тите, советските археолози ги ископале овие локалитети и ги пронашле остатоците од Саркел. Мошне добро се сочувани остатоци од ѕидини, кули, порти и линии на одбраната.

Денес, пронајдените предмети од секојдневието се наоѓаат во музеите на Русија, главно во Ермитаж во Санкт Петербург и во музејот на Новочеркаск. Тврдината Саркел потона за време на изградбата на Цимљанското вештачко езеро 1952 година. Нуркачите до ден-денес наоѓаат урнатини под водата.

Нефтегорск, Сахалинска област 

Најголемиот земјотрес во Русија уништи цела населба на Сахалин. Тоа се случи ноќта помеѓу 27 и 28 мај 1995 година. Нефтегорск беше урнат за 17 секунди. Од 3197 жители загинаа 2040. Според очевидците, куќите во Нефтегорск едноставно се распаднале и се претвориле во прашина.

„Кога ги отворив очите, сфатив дека лежам на даска под парче тер-папир“, се присетува Татјана Миронова, која тогаш имала 10 години. „Кога се освестив повторно, ги слушнав врисоците на луѓето, пукањето на даските кои беа зафатени од пламенот и гласот на мојот 14-годишен брат кого можев да го видам низ даските. Веќе не се сеќавам како се извлековме од под урнатините, но сите преживеавме. Мора да сме родени под среќна ѕвезда“.

Преживеаните беа префрлени во други населби, главно во Јужно-Сахалинск. На местото на Нефтегорск е поставена само спомен-плоча со имињата на загинатите.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња