Рускиот војсководец кој ја столчи Големата армија на Наполеон

Воено советување во Фили, Алексеј Кившенко, 1880 година.

Воено советување во Фили, Алексеј Кившенко, 1880 година.

Третјаковска галерија/Public Domain
Кутузов ја победи најдобрата армија во Европа со лукавство и со исцрпување. Од 600.000 нејзини војници за неколку месеци останаа помалку од 100.000.

1. „Не знам дали ќе го победам, но ќе се обидам да го насамарам“, одговори врховниот командант на руската армија Михаил Кутузов на прашањето како планира да го победи Наполеон чии единици влегоа на територијата на Руската Империја во јуни 1812 година. Рускиот војсководец поседуваше воено лукавство и умееше да го наведе непријателот на погрешни заклучоци во поглед на намерите на рускиот воен врв, и умееше да дејствува незабележливо. „Паметен, паметен, лукав, лукав... Него никој не може да го прелаже“, рече за Кутузов еден друг прочуен војсководец Александар Суворов.

Портрет на кнезот М.И. Кутузов-Смоленски, Р Волков, помеѓу 1812 и 1830 година.

2. Пред да стане „стариот лисец од Северот“, како што го нарекуваше Бонапарта, Кутузов беше храбар и млад офицер кој прв одеше во напад и последен се откажуваше од гонењето на непријателот. Ваквата луда храброст за малку ќе му го одземеше животот кога во борбата против Турците во јули 1774 година беше тешко ранет. Куршум му влезе во слепоочницата и му излезе покрај десното око. Потоа, 14 години подоцна, повторно во војна против Османлиското царство, беше уште еднаш ранет – куршумот му мина „низ обете слепоочници зад двете очи“. „Може да се заклучи дека судбината го подготвува Кутузов за некаква голема мисија зашто остана жив по две ранувања кои се смртоносни по сите правила на медицинската наука“, истакна тогаш хирургот Масо кој го лекуваше.

3. Кутузов често и многу војуваше против Турците. Командуваше со една колона во нападот на тврдината Измаил за која се сметаше дека не може да се освои, и одигра клучна улога во нејзиното освојување на 22 декември 1790 година. За оваа тврдина Суворов подоцна ќе каже: „Не постои посилна тврдина, ниту пожестока одбрана од Измаил... Во ваков напад се оди само еднаш во животот“. Покрај тоа, Михаил Иларионович учествуваше во задушувањето на Ногајското востание на Крим во 1783 година и во Руско-полската војна од 1792 година. Често како искусен дипломат беше ангажиран за водење мировни преговори.

Руската војска под команда на генерал-аншеф А.В. Суворов ја зазема тврдината Измаил на 11 декември 1890 година. Михаил Иванов, 1971 година.

4. Со името на Кутузов е поврзан и големиот пораз во битката кај Аустерлиц на 2 декември 1805 година, кој фактички претставуваше крај на Третата антифранцуска коалиција. Како командант на руско-австриската армија тој сфати дека неговите единици во тој момент не беа подготвени за соодветен судир против Наполеон, но беше принуден да се потчини на волјата на императорот Александар Први, кој имаше спротивно мислење. Токму поради тоа подоцна Михаил Иванович беше многу критикуван. „Кај Аустерлиц тој немаше граѓанска храброст да му ја каже целата вистина на младиот император и да ја спречи една од најголемите неволи на нашата татковина“ напиша рускиот историчар на 19 век, генерал Генрих Лер.

Битката кај Аустерлиц, 2 декември 1805 година. Франсоа Жерар, 1810 година.

5. Впечатливо сведоштво за воениот талент на Михаил Кутузов беше руско-турската војна 1806-1812. Рускиот војсководец го столчи непријателот во битката кај тврдината Русе (стариот назив е Рушчук) на 4 јули 1811 година, но не сакаше да ја гони турската војска и наместо тоа се повлече на другиот брег на Дунав, Запрепастениот непријател доби погрешен впечаток дека руската армија поднела премногу загуби и дека е целосно исцрпена. Великиот везир Ахмет-паша потоа сакаше еднаш засекогаш да раскрсти со Русите, па есента тргна со гломазна армија од 56.000 војници да ја форсира реката и така ги подели своите единици. Кутузов имаше двојно помалку војници, но веднаш ја искористи можноста да ги столчи Турците дел по дел. Подоцна Михаил Иларионович лично учествуваше во потпишувањето на Букурешкиот мировен договор од 1812 година кој на Русија ѝ донесе победа и во кој таа ја доби Бесарабија (Молдавија).

Кутузов ја заробува турската армија во Слобоција, 1811 година.

6. Големата армија на Наполеон ја премина границата на Руската Империја на 24 јуни 1812 година. Михаил Барклај де Токи тогаш беше врховен командант на руската армија. Тој избегнуваше решителен судир со Французите и се повлекуваше во длабочината на територијата на Русија, Руската јавност беше незадоволна поради ваквата тактика, што ја крајот на краиштата го поттикна Александар Први на 17 август да го именува Михаил Иларионович за врховен командант. „Конечно во единиците што се наоѓаа кај Царево-Зајмиште стаса веста дека доаѓа Кутузов, ветеран на руската армија кој е именуван за врховен командант. Сите бучно се радуваа, сè оживеа, повторно се појави надеж. Целата армија во овој сед воин го виде ангелот-спасител“, напиша подоцна офицерот Иван Дрејлинг.

7. Кутузов, меѓутоа, не брзаше во бој. Во целина гледано, тој постапуваше како и неговиот претходник, сметајќи дека Големата армија треба да се исцрпува. На крајот под притисок на јавноста беше принуден сепак да ја прифати решавачката битка која се одигра на 7 септември во близина на Москва кај селото Бородино. Тоа беше една од најкрвавите битки во 19 век. Загинаа околу 80.000 луѓе, но ниту една страна не однесе убедлива победа. Како што подоцна истакна Наполеон „Бородинската битка беше најубавата и најморничавата, Французите покажаа дека се достојни за победа, а Русите заслужија да бидат непобедливи

Битката за Москва, 7 септември 1812 година, Луј Франсоа Лежен, 1822 година.

8. Поради огромните загуби и истрошените резерви Кутузов се откажа од нов судир. Донесе тешка одлука да му ја препушти Москва на непријателот. „Со губењето на Москва не е изгубена Русија. Сметам дека најважна задача е зачувувањето на армијата“, изјави Михаил Иларионович на 13 септември на военото советување во селото Фили западно од Москва.

9. Руската армија ја напушти Москва на 14 септември 1812 година и се упати на југоисток, во правец на Рјазањ, но по два дена нагло сврте кон запад, со тоа што нејзината претходница продолжи да се движи кон Рјазањ, водејќи ја на таа страна коњицата на маршалот Мурат кој ги следеше. Така Французите помислија дека ја следат главнината на руските сили. Дури по пет дена станаа свесни за грешката. Дванаесет дена Наполеон сè уште не знаеше каде се наоѓа руската армија и во која насока се движи. „Непријателот ја изгуби нашата армија од видик и сега е во недоумица, па испраќа силни одреди на различни страни за да нè открие“, му рапортираше Кутузов на Александар. Французите ја најдоа руската армија дури кога таа беше утврдена во близина на селото Тарутино 90 километри југозападно од Москва и добро ги чуваше јужните губернии со нивните магацини и бази. „... Лукавиот Кутузов ме насамари со својот смел марш“, лелекаше императорот.

Битката кај Тарутино, 6 октомври 1812 година, Петер фон Хес, 1847 година.

10. Така Наполеон остана во Москва како во замка, каде неговата армија беше принудена да мирува. Борбениот дух набргу падна поради пијанствата и пљачкосувањата. Без да го почека одговорот од рускиот цар за понудениот мир, Наполеон со своите единици го напушти градот на 19 октомври. Кутузов не му дозволи да се пробие на југ, принудувајќи ја Големата армија да се повлекува по Смоленскиот пат, којшто таа истото лето го опустоши. Во текот на целиот пат до границите на империјата како ранета ѕверка ја напаѓаа многубројни партизански и таканаречени „летачки“ одреди, кои беа настанати од коњичките и од козачките единици, а руските единици цело време им беа зад петиците.

Портрет на Михаил Иларионович Кутузов, Џорџ Дои, 1829 година.

11. На почетокот на кампањата во 1812 година Големата армија на Наполеон заедно со зајакнувањето од Европа броеше 600.000 луѓе, а во декември истата година од Русија се извлекоа само неколку десетици илјади измрзнати и исцрпени војници. Во јануари 1912 година руските единици влегоа во Источна Прусија, обележувајќи го на тој начин почетокот на таканаречениот Задграничен поход на руската армија. На Михаил Висарионович Кутузов, меѓутоа, не му беше судено да го дочека конечниот пад на Наполеон Бонапарта. Прочуениот руски војсководец се упокои во шлеското гратче Болеславјец (претходно Бунцлау).

Прочитајте исто така: Кои се причините за војната помеѓу Русија и Франција од 1812 година?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња