Како скапоценостите на Романови ја напуштиле земјата по револуцијата од 1917 година?

Kira Lisitskaya (Photo: Public domain; Legion media)
За тоа дека жените од семејството на последниот руски цар ги зашивале брилијантите во корсетите од своите фустани се дозна дури по нивното стрелање: „Ќерките имаа корсети кои беа направени од вистински брилијанти и од други скапоцени камења“, се сеќаваше Јаков Јурковски, џелатот на царското семејство. Но, некои Романови имаа повеќе среќа и успеаја не само да се спасат, ами и кришум во странство да го пренесат својот накит, семејното злато и скапоцените камења.

Стари весници и кожна патна торба

Великата кнегиња Марија Павловна (сопруга на Владимир Александрович, вујко на Николај Втори), е една од ретките од царскиот род која по 1917 година успеала да ја напушти Русија и да однесе дел од своето богатство, иако за тоа ѝ била потребна помош. Кога го напуштила својот дом со себе практично не понела ништо. Сите скапоцености останале во нејзиниот дом, но дел од тоа подоцна успеала да префрли преку граница. Во тоа ѝ помогнал семејниот пријател, британскиот дипломат (за кој во некои извори се смета дека бил агент на британската разузнавачка служба) Алберт Стопфорд.

По февруарската револуција великата кнегиња со децата (нејзиниот сопруг починал многу претходно, во 1909 година) заминале во Кисловодск, при што го замолила дипломатот да ги пронајде нејзините скапоцености.

Великата кнегиња Марија Павловна Романова

За тоа како му тргнало од рака постојат само делумни податоци. Наводно, Марија Павловна му рекла дека зад „тајната врата“ во Владимирскиот дворец во Петербург постои премин кон нејзината соба. Тој, велат, влегол таму преправен во работник (според друга верзија: во женски фустан), го зел накитот и го завиткал во стари весници. Потоа отпатувал во Кисловодск и на кнегињата ѝ ги предал скапоценостите. Меѓутоа, таа кај себе задржала само мал дел и го замолила Стопфорд остатокот да го однесе во Велика Британија и да го остави во банка, при што само тие двајца знаеле во која. Се знае дека есента 1917 година тој, користејќи го дипломатскиот имунитет, заминал за Лондон и во својата кожна патна торба зел 244 парчиња скапоцености.

Некои претставници на династијата Романови избегале од Русија со британскиот брод Малборо

Во 1920 година Марија Павловна успеала да отпатува од Новоросијск со италијански брод за Венеција, а потоа се преселила во Париз. Меѓутоа, набргу починала, а накитот го наследиле нејзините деца. Многу скапоцености наследниците продале за да ја подобрат својата финансиска ситуација. Така, на пример, Владимирската тијара денес ѝ припаѓа на Елизабета Втора, а бисерните обетки на сопругата на Мајкл од Кент.

Владимирската тијара (Марија Павловна Романова и Елизабета Втора)

Скапоцености во навлака за перница

Но, најинтересните откритија чекаа 90 години! Излезе дека дел од скапоценостите кои сепак ги задржала од она што дипломатот го донел во Кисловодск Марија Павловна во ноември 1918 година успеала да го предаде на шведската мисија во Петроград со асистенција на својот професор по сликарство Ричард Бергољц. Великата кнегиња не им кажала на своите роднини за ова благо, па дури во 2009 година во архивите на шведското Министерство за внатрешни работи пронајдени се две навлаки за перници во кои имало спакувано над 60 парчиња скапоцени предмети: табакери од Фаберже, манжетни од злато со скапоцени камења и други предмети. Швеѓаните содржината од навлаките ги предадоа на потомците на Марија Павловна, а тие, пак, ги дадоа на аукција. Денес голем дел од ова богатство се наоѓа во приватни раце и повремено се појавува на аукции.

Табакерата на Марија Павловна (на сликата е таа со внуците). Лево е навлаката за перница во која биле скриени скапоценостите.

Под потпетицата

Освен што ги земале со себе членовите на царското семејство, скапоценостите на Романови земјата ја напуштале и со дозвола на болшевиците. Средствата добиени од нивната продажба требале да послужат за финансирање на комунистичките движења во другите земји. На странските царини агентите на Коминтерната често ги фаќале со куфери преполни со скапоцености.

Американскиот новинар Џон Рид, погребан покрај ѕидините на Кремљ, беше сведок на револуцијата и за тоа ја напиша книгата „Десет дена што го потресоа светот“ (воведот за книгата го напиша Владимир Ленин). Според една верзија на историчарите, Рид бил агент на Кремљ, според други бил двоен агент. Како и да е, некои факти укажуваат на тоа дека Џон Рин не бил само новинар кој имал симпатии кон болшевиците.

Џон Рид

Во март 1920 година Рид е фатен на царина во финскиот град Турку со брилијанти скриени во потпетиците на чизмите. Тој тврдел дека ги купил со свои пари, но не му поверувале и го уапсиле. Дури во јуни е пуштен од затвор.

Во мемоарите на Ајно Кусинен, сопругата на финскиот комунист Ото Кусинен, опишан е уште еден интересен случај. По задача на Извршниот комитет на комунистичката интернационала финската агентка Салма Пекало требало да отпатува за Англија. Парите за „патните трошоци“ ги добила од Ото кој штотуку пристигнал од Петроград. Тој „од под поставата извлече четири жолтеникави брилијанти големи речиси колку малиот прст“, се сеќава Ајно.

Ото Кусинен

Брилијантски бонбони

Во 2009 година британската разузнавачка служба ја тргна ознаката на тајност од едно архивско досие за скапоценостите на Романови. Во 1920 година првиот човек на весникот „Дејли Хералд“ Френсис Мејнел во Велика Британија испратил бисери и брилијанти од царското семејство што ги добил од болшевиците во Шведска. Тие биле завиткани во обвивки од чоколадни бонбони и биле испратени по пошта. Подоцна Мејнел изјави дека сите тие скапоцености се вратени во СССР.

Френсис Мејнел

Прочитајте исто така: Каде исчезнале скапоцените тијари на Романови по 1917 година? (ФОТОГРАФИИ)

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња