Руски археолози подготвуваат 3Д модели на ранохристијански храмови на Сирија

Сирија, урнатините на храмот во Палмира.

Сирија, урнатините на храмот во Палмира.

Вадим Савицки/Global Look Press
Руско-сириска археолошка експедиција врши истражувања на уникатните ранохристијански храмови во Сирија, врз основа на кои ќе бидат изработени 3Д модели на тие споменици, соопшти информативната служба на Институтот за историја на материјалната култура на Руската академија на науките.

„Руско-сириската археолошка експедиција, која од почетокот на 2021 година работи на проектот „Зачувување на ранохристијанските антиквитети на територијата на Сирија“, собра податоци за создавање 3Д модели на неколку споменици во различни провинции на Сирија. По завршувањето на проектот овие податоци ќе бидат достапни за сите во вид на геоинформациски систем и истовремено ќе послужат како помошен материјал за идните реставратори на сириските споменици од раниот среден век“, се вели во соопштението.

Како што се истакнува, еден од најважните резултати од работата на оваа експедиција беше истражувањето на храмот „Св. Елена“ во Алепо, ранохристијанска црква која датира од 5 век. Овој споменик од римскиот период за време на борбените дејствија беше погоден од бомба и е во критична состојба, но дрвените елементи стари околу 1500 години останаа недопрени.

„При истражувањето на овој храм, кој во доцниот период станал дел од конструцијата на медресата Халавија, научниците ја забележаа положбата на секој архитектонски елемент, секој столб и секој камен, како и состојбата на неговата купола. Сега, сите тие податоци ќе бидат вклучени во 3Д модел кој ќе овозможи да се согледа современата состојба на древниот храм од времето на првите христијани, а во исто време и неговиот оригинален изглед“, се наведува во соопштението.

Според Наталија Соловјова, директорка на Центарот за спасувачка археологија на Институтот за историја на материјалната култура на Руската академија на науките, која е и раководител на експедицијата, геоинформацискиот систем што се создава сега ќе им биде предаден на сириските власти.

„Многу е направено и се надевам дека уште многу претстои. Геоинформацискиот систем што во моментов го составуваме ќе биде предаден на сириските власти, како и на УНЕСКО за објектите кои се под заштита на оваа организација. Геоинформацискиот систем ќе помогне, пред сè, да се привлече вниманието на културната јавност кон овие споменици. Кога ќе ги завршиме 3Д моделите, тие ќе бидат изложени на веб-страницата и достапни за секој што ќе посака да ги види, но најважно е што ќе им бидат достапни на стручњаците кои ќе можат да ја проценат состојбата на овие ремек-дела и да вложат напори во насока на нивно зачувување“, вели таа.

Проектот „Зачувување на ранохристијанските антиквитети на територијата на Сирија“ беше организиран од Центарот за спасувачка археологија на Институтот за историја на материјалната култура на Руската академија на науките со помош на Генералната канцеларија за старини и музеи на Сирија. Целта на проектот е да се сврти вниманието на светската културна јавност за состојбата на ранохристијанските храмови во Сирија, за чиј спас е неопходно сеопфатно единство на меѓународната заедница. Во рамките на овој проект, руски и сириски археолози ги истражија и црквите од 5-6 век во селото Деир-Салиб на северот на Сирија во провинцијата Хама, како и базиликата Каср ибн Вардан, позната како Храмот на четирите елементи. Се истакнува дека овие храмови имаат јасни траги од војната и дека нивното понатамошно зачувување и евентуална реставрација ќе зависат од современото фиксирање на оштетувањата на тие објекти.

„Научниците од Институтот за историја на материјалната култура на Руската академија на науките сметаат дека постоењето на 3Д модел како работен инструмент ќе овозможи донесување навремени одлуки поврзани со спасувањето на спомениците и ќе обезбеди мерки за зачувување на секој загрозен објект“, велат од Институтот.

Во рамките на проектот е планирано да се истражат десетина ранохристијански храмови на територијата на Сирија, со бележење на состојбата со помош на фотографии и видеоснимки, ортофото планови и 3Д модели, кои потоа ќе ѝ бидат предадени на сириската страна.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња