Зошто Сталин го одликувал романскиот крал кој бил сојузник на Хитлер

Михај I, 1941.

Михај I, 1941.

Ullstein bild/Getty Images
Откако стана пријател на Советскиот Сојуз, Михај Први успеа да го задржи престолот. Во Москва Романија на шега ја нарекуваа „социјалистичка монархија“, а Михај „крал-комсомолец“.

Тешко е да се каже дека Михај Први бил среќен крал. Двапати се нашол на романскиот трон и двата пати морал да игра улога на марионета на влијателни политички сили. Меѓутоа, благодарение на него земјата можеше успешно и на време да ја промени страната во завршната фаза на Втората светска војна, што на крајот им ги спаси животите на илјадници нејзини жители и војници на Црвената армија.

Крал без власт

Периодот на процутот на Кралството Романија започна веднаш по завршувањето на Првата светска војна, кога до неодамна водечките европски земји сè уште лежеа на урнатините. Користејќи ја слабоста на соседите, Романија од нив одзеде големи територии на кои живееше романско и нему сродното молдавско население, а кои во Романија ги сметаа за свои исконски земји.

Во 1927 година, по смртта на Фердинанд Први, на чело на Голема Романија, како често се нарекувала тогаш оваа балканска земја, се најде неговиот внук Михај. Момчето тогаш сè уште немало ни шест години.

Михај I

Првобитно престолот бил наменет на неговиот татко, престолонаследникот Карол, но поради скандалозната љубовна афера тој бил принуден да се откаже од правото на круната и да ја напушти земјата уште во 1925 година.

Михај Први владеел под покровителство на регент мошне кратко. Во 1930 година во Романија се вратил протераниот престолонаследник кого го повикала незадоволната опозиција. Тој го сменил својот син на тронот и се крунисал како Карол Втори, а Михај притоа бил прогласен за престолонаследник.

Карол II и Михај I, 1939.

Десет години подоцна земјата западнала во длабока политичка криза. Нејзините соседи се зајакнале и решиле да ги повратат изгубените територии. Романија морала на Советскиот Сојуз да му ја препушти Бесарабија, а покрај тоа и Северна Буковина, а на Унгарија Северна Трансилванија.

Земјата која изгуби пространи територии беше зафатена со бран народни востанија, а популарноста на Карол Втори нагло опадна. На 6 септември 1940 година премиерот на земјата, генералот (од 21 август 1941 година маршал) Јон Антонеску со поддршка на националистичката партија „Железна гарда“ го принудил кралот да се откаже од престолот. Тој, сепак, решил да ја задржи монархијата, која во земјата и понатаму уживала голема почит.

Михај I и Јон Антонеску

Карол Втори повторно, и овој пат засекогаш, ја напушта Романија, а на престолот повторно доаѓа Михај Први, и овој пат лишен од какво било политичко влијание. Сета власт се наоѓала во рацете на Антонеску, кој во јануари 1941 година е прогласен за национален лидер – кондукатор (пандан на фирер и дуче).

Романија се приклучила на германскиот табор, очекувајќи од Третиот рајх помош во намерата да ги поврати своите изгубени земји.

Во сојуз со Хитлер

„Оваа одлука ја донесе Антонеску, со мене не се ни консултираше“, го коментираше во интервју од 2011 година кралот Михај Први влезот на Романија во војната против Советскиот Сојуз на страната на нацистичка Германија. „Иако, морам да кажам дека романскиот народ тешко ја поднесе анексијата на Бесарабија од страна на СССР и затоа војната за враќање на оваа територија беше популарна. Но, тоа што Антонеску му дозволи на Хитлер да ја вовлече Романија во долготрајна војна доведе до катастрофа“.

Германски единици во Букурешт, ноември 1940 година.

Кралот, сепак, во обраќање до нацијата војната против СССР ја нарече „света“, а по повод брзото напредување на германската и на романската војска во длабочините на советската територија му испрати на кондукаторот телеграма во која ја изрази својата благодарност за направената „радост од денот на некогашната слава“. Лично ја посети војската и врачуваше ордени.

Во 1942 година односот на Михај кон воената кампања почна да се менува. Тој почна отворено да го изнесува својот став за тоа дека војската на Источниот фронт треба да се испраќа само во случај на гарантирано враќање на Северна Трансилванија во составот на Романија.

По поразот кај Сталинград кралот стана активен учесник во завери со цел да се тргне од власта Антонеску и земјата да се извлече од војната. Воспостави контакти со лидерите на опозициските сили, со претставниците на земјите од коалицијата против Хитлер и со дел од незадоволното романско воено раководство.

Крим, септември 1941 година.

Долго време ниту Германците, ниту самиот кондукатор не знаеја ништо за превратот којшто се подготвува. „Во Романија сè е мирно. Кралот Михај е најдобриот гарант на силите на сојузот на Романија со Германија“, редовно го известуваше Берлин германскиот амбасадор во Букурешт Манфред фон Килингер.

На страна на сојузниците

Поразот на германската војска во текот на Јашко-Кишиневската операција во август 1944 година и пристигнувањето на Црвената армија на романската граница ги наведоа заверениците да преминат во акција. „Кога се разбудив утрото на 23 август, не бев сигурен дека ќе го доживеам следниот ден. Но, цврсто решив да ја извлечам Романија од сојузништво со Хитлер. Војската на Сталин беше на прагот на Романија, фронтот се распадна, а на жителите им беше преку глава од војна“, се сеќаваше Михај Први.

Истиот ден Антонеску е доведен во дворецот, каде кралот му наложи веднаш да започне мировни преговори со СССР. Откако тој го одби ова, Михај нареди апсење на кондукаторот и на членовите на неговата влада.

Апсењето на Антонеску

Потоа комунистите, како што и беше планирано, во Букурешт подигнаа вооружено востание и ги зазедоа клучните објекти во градот. Кралот им се обрати на жителите на Романија преку радио, објаснувајќи ја смената на власта во земјата, крајот на војната против СССР и западните сојузници и формирањето нова влада под раководство на генерал Константин Сенетеску.

„За мене лично оваа вест беше целосно изненадувачка“, има запишано во мемоарите командантот на групата армии „Јужна Украина“ генерал Јоханес Фриснер. Ниту денес не можам да поверувам дека Антонеску не знаел за заверата кога ме посети на 22 август. Несфатливо е како шефот на владата не успеал да ги препознае сплетките кои околу него се плетат до најситен детаљ“.

Веќе на 31 август 1944 година Црвената армија без отпор го зазеде Букурешт. Романија се приклучи на коалицијата против Хитлер, а нејзината војска под советска команда стапи во жестоки борби против довчерашниот сојузник.

Жителите на Букурешт ја пречекуваат Советската армија, август 1944 година.

„Крал-комсомолец“

На 6 јули 1945 година маршалот Фјодор Толбухин на кралот Михај Први му го врачи советскиот орден Победа. По правило, него го добиваа војсководците по успешно спроведена голема стратешка операција која значајно влијаела за текот на војната.

Кралот, како што се наведува во официјалниот документ, е одликуван „за храбриот чин на решително вртење на политиката на Романија кон раскинувањето со нацистичка Германија и сојузништвото со Обединетите Нации во моментот кога поразот на Германија сè уште не беше извесен“. Освен него, носители на ова одликување кај странците беа генералот Двајт Ајзенхауер, фелдмаршалот Бернард Монтгомери, маршалот на Југославија Јосип Броз Тито и маршалот на Полска Михал Роља-Жимерски.

Откако од непријател стана пријател на Советскиот Сојуз, Михај Први успеа да го зачува престолот. Се случи парадоксална ситуација, во која земјата која влезе во сферата на влијанието на интересите на СССР и понатаму остана кралство. Во Москва Романија на шега ја нарекуваа „социјалистичка монархија“, а Михај „крал-комсомолец“.

Романскиот крал со сопругата во Лондон, 1947 година.

Меѓутоа, ваквата ситуација не можеше да трае долго. На 30 декември 1947 година локалната комунистичка власт го принуди Михај Први да се откаже од престолот и да ја напушти земјата. Тој ден беше прогласена Романската Народна Република.

Прочитајте исто така: Како и зошто Романците се бореле против СССР во Втората светска војна? (ФОТО)

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња