Со оглед на тоа што веднаш по интервенцијата на Советскиот Сојуз во Авганистан и симнувањето на претседателот Амин од власта дојде до побуна на противникот на НДПА, чија власт Советите се обидоа да ја стабилизираат, конфликтот од кратка интервенција беше претворен во долготрајна мачна војна. Бројот на држави кои беа директно или индиректно вмешани во конфликтот се мереше со десетици, учество зедоа најголемите светски сили каде во практика беше формиран голем блок на САД и Кина против советското присуство. Авганистан беше само платформа за судирот.
Почетните побуни на одметнатите делови од војската, или обидите за директна конфронтација со советската армија, беа завршени со брзи порази, по што веднаш дојде до промена на начинот на дејствување против СССР и неговиот сојузник – авганистанската војска. Војната доби карактер на целосна герилска војна, каде клучна улога имаа отворените граници со Пакистан и во помала мера со Иран. Ограничениот контингент на советската армија од околу 50.000, по неколку години војна беше зголемен на 100.000. И покрај тоа, по четири и пол години на војната не ѝ се наѕираше крајот. Советската команда и политичкиот врв испланираа амбициозен план со цел целосно отсекување на територијата на Авганистан од Пакистан, од каде доаѓаа оружјето, странските борци и инструкторите.
Со оглед на тоа што беше одбиен планот за поголемо воведување сили во Авганистан и зголемување на Ограничениот контингент до половина милион лица, беше пристапено кон порационално решение со цел да се блокираат границите. Најголем дел од живата сила на советската армија беше составена од војници на мотострелачките дивизии кои не беа погодни за планинско војување и за брзи акции. Набргу се пристапи кон зголемување на силите на спецназот и на извидувачко-диверзантските единици во рамките на падобранските, како и на моторизираните сили. Сите овие реформи требаше да создадат предуслови за границите со Пакистан и со Иран да се блокираат со мали сили кои по пат на извидување добиваа прецизни податоци за местата на преминување на карваните кои требаше да бидат пресретнати и уништени во заседни дејствија.
Во февруари 1984 година советската армија започна со примена на планот под кодно име „Завеса“, а во мемоарите на учесниците во војната се споменува едноставно како „војна со карваните“. Хеликоптерите кои станаа незаменливи поради непристапноста на терените, тука си ја најдоа својата улога. Најголем дел од карваните беше лоциран со помош на извидувачките единици кои со десанти беа оставени на непристапните терени со радиолокациска и оптичка опрема со која се лоцираа карваните, по што се јавуваа на прифатната група каде беа пресретнувани и уништувани, а се собираа податоците кои се однесуваа на вооружувањето и на бројноста. Групите за дејствување беа поставени во непосредна близина на границата и можеа да бидат префрлени во очекуваните реони со хеликоптери, со моторни возила или пеш во зависност од оддалеченоста и од теренот. Најголем број заседи изведуваа падобранците и припадниците на спецназот, чиј број во Авганистан поради овие операции беше зголемен на неколку бригади. Идеално планираните заседи беа покривани со поддршка на артилеријата или можеше да се повикаат дежурните хеликоптери Ми-24 како поддршка. Така советската команда недостигот од луѓе на теренот се обиде да го надомести со квалитет и со напреден начин на војување.
Советски специјални служби и запленет преносен противвоздушен ракетен систем „Стингер“.
Андреј Соломонов/SputnikРезултатот за време на петте години дејствување против карваните ја потврди претпоставката дека со толку мали сили е невозможно да се покријат повеќе од илјада километри граница и дека заседните дејствија успеаја да уништат околу 15% од сите карвани, што секако ја намали ефикасноста на бунтовниците на терен, но не беше прекинат протокот на оружје и на луѓе. Загубите само на припадниците на спецназот во текот на изведувањето на овие операции беа над 500 загинати, додека самите имаа уништено на 17.000 муџахедини, заробено околу 800, а уништени беа 990 карвани. Со акциите во другите родови од војската овој број значително се зголемува во текот на целото изведување на операцијата „Завеса“.
Операцијата беше прекината откако Горбачов во април 1988 година го прочита својот говор, по што започна повлекувањето на единиците наменети за операција во поголемите гарнизони, а оттаму следната година назад во Советскиот Сојуз. Советските војници во изведувањето на операцијата покажаа висок професионализам и мотивираност, што се докажува со односот на загубите во текот на воените дејствија. Сепак, воено-политичките одлуки донесени во самиот врв, го означија и крајот на операцијата, а потоа и целосно повлекување од Авганистан.
Прочитајте исто така: Очајничко востание на советските заробеници во логорот Бадабер
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче