Очајничко востание на советските заробеници во логорот Бадабер

Getty Images
Во муџахединскиот камп за обука на територијата на Пакистан имаше и околу 40 авганистански и 14 советски заробеници. Советите се мачеа и вршеа врз нив притисок да го прифатат исламот. Ситуацијата стана неподнослива, па созреа план заробениците да ги заробат своите чувари. И да ги потепаат сите по ред ако не им е судено да се ослободат.

Помеѓу 1983 и 1985 година во малото место Бадабер на територијата на Пакистан, 24 километри од границата со Демократската Република Авганистан, се наоѓаше логор на авганистанските бегалци. Во близина на логорот беше центарот за обука „Халид ибн Валид“ каде под раководство на странски воени инструктори муџахедините поминуваа обука, а потоа се враќаа во Авганистан. Во центарот се наоѓаа 65 воени инструктори, поголемиот дел од Пакистан и од Египет. Шестмина беа државјани на САД. Центарот за обука беше под ингеренција на партијата Исламско друштво на Авганистан.

Во рамките на базата се наоѓаше и логор за околу 40 авганистански и 14 советски заробеници. Советските војници беа под строг надзор, повремено беа физички мачени или врз нив беше вршен притисок да го прифатат исламот. Ситуацијата стана неподнослива и созреа план заробениците да ги заробат своите чувари и да побараат помош од советската амбасада во Исламабад.

Вечерта на 26 април 1985 година кога сите муџахедини освен неколкумина стражари беа собрани на отворенo за вечерна молитва, групата советски заробеници успеа да ги разоружи стражарите и да се вооружи со автоматско оружје и со тешки митралези ДШК, како и со фрлачи на гранати РПГ, ослободувајќи ги останатите заробеници. Според друга верзија нивниот првичен план бил да се пробијат до радиостаницата и да ги пренесат своите координати на советската акција која би го бомбардирала кампот. Организатор на востанието беше Шевченко Николај Иванович заробен во 1982 година.

Николаj Иванович Шевченко (1956-1984)

Во 11 часот навечер по наредба на лидерот на Исламската партија на Бурхандудин Рабани местото на борбата беше блокирано со трикратен прстен, составен од одреди муџахедини, пакистанска погранична полиција и пакистанска војска, вооружени со тешка борбена техника. Рабани им предложил на советските заробеници да се предадат, а тие тоа категорично го одбиле, заканувајќи се дека ќе го кренат во воздух целиот магацин со муниција. Барале врска со советската и со авганистанската амбасада во Исламабад, а исто така и врска со Црвен крст. Рабани ги одбил барањата на бунтовниците и наредил прв напад кој траел цела ноќ.

Утрото на 27 април во 8 часот станало јасно дека бунтовниците не сакаат да се предадат и Рабани наредил артилериска офанзива врз самиот магацин. За време на еден од нападите самиот Рабани за малку не загинал, а неговиот телохранител го погодил шрапнел. По ударот на пакистанската тешка артилерија магацинот со муниција експлодирал. Според една верзија експлозијата ја предизвикала пакистанската артилерија, а според друга тоа го сториле самите заробеници кои сфатиле дека се во безизлезна ситуација.

Советските војници кои подигнаа востание во логорот Бадабер

Пакистанската страна колку што можела подолго ги криеше податоците за големите загуби кои ги претрпе за време на задушувањето на буната. Според податоците на советската разузнавачка служба загубите на муџахедините и на пакистанската армија беа големи. Загинаа повеќе од 120 авганистански муџахедини и бегалци, 6 американски советници, 28 офицери на пакистанската регуларна војска, 13 претставници на пакистанските власти. Базата Бадабер беше во целост уништена, а како резултат на огромната експлозија, муџахедините изгубија 3 системи „град“, повеќе од 2 милиони парчиња муниција, околу 40 уреди, минофрлачи и тешки митралези и околу 2 илјади ракети од различен тип. Според верзијата на Рабани загинале вкупно 20 муџахедини.

Подоцна истрагата го утврди идентитетот на загинатите советски заробеници. Водачи на востанието беа Шевченко Николај Иванович заробен во 1982 припадник на петтата мотострелечка гардиска дивизија и Духовченко Виктор Василевич заробен во 1985 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња