Зошто Советскиот Сојуз не ја поддржа револуцијата во Авганистан?

Коњица на Црвената армија.

Коњица на Црвената армија.

Zelma/Sputnik
Многумина мислат дека советите за првпат имаат испратено единици во Авганистан во 1979 година, но тоа се случило половина век претходно, кога најголемата социјалистичка земја на светот неочекувано одлучила да не ги поддржи револуционерните народни маси, ами соборениот авганистански владетел.

Војниците на Советскиот Сојуз се бореа на авганистанската територија многу пред Саур револуцијата и советското воено учество во авганистанските внатрешни прашања. Тие уште кон крајот на дваесеттите години од минатиот век учествувале во локалната граѓанска војна. Биле преоблечени во авганистански униформи, но јуришале извикувајќи „Ура!“.

Политичката ситуација во Авганистан отсекогаш привлекувала особено внимание кај советското раководство со оглед на тоа дека директно влијаела на безбедноста во соседниот Средноазиски регион на Советскиот Сојуз. Поради тоа СССР не можел да остане настрана кога во 1929 година револуционерите го собориле авганистанскиот крал Аманулах Кан и со тоа предизвикале граѓанска војна.

Претседателот на Централниот извршен комитет на СССР Михаил Калинин (лево) и авганистанскиот емир Аманулах Кан (десно) пред почесната стража за време на посетата на емирот на Советскиот Сојуз.

Од една страна, народните маси таму се бореле против елитата, а ваквите иницијативи Советскиот Сојуз ги поддржувал во целиот свет. Од друга страна, Авганистан за време на Аманулах Кан бил во добри односи со СССР. И двете земји ја продлабочиле економската и воената соработка, а авганистанскиот владетел ефикасно ги зауздувал припадниците на Басмачи – средноазиски антисоветски востаници кои за времето на руската граѓанска војна пребегнале од СССР во Авганистан и непрекинато вршеле вооружени упади на советската територија. Москва морала да донесе тешка одлука во иницијативата максимално да ја искористи новонастанатата ситуација.

Кој да се поддржи?

Звучи необично, но Советскиот Сојуз не побрзал да го поддржи револуционерните маси на селаните на чело со „синот на водоносецот“ Хабибулах Калакани. Георгиј Агабеков во текот на дваесеттите години бил советски разузнавач во Авганистан, а во текот на триесеттите години од минатиот век пребегал на Запад. Тој тврди дека биле поделени мислењата за тоа која страна во конфликтот треба да ја поддржи СССР (Георгиј Агабеков, „OGPU: The Russian Secret Terror“, 1931).

Советската тајна полиција ОГПУ од која подоцна настанал КГБ, сметала дека треба да се поддржат револуционерите – претставниците на широките слоеви на населението, со надеж дека давањето поддршка на Хабибулах ќе овозможи советизација на целиот Авганистан, пишува Агабеков.

Меѓутоа, Народниот комесаријат за надворешни работи (од 1946 година Министерство за надворешни работи на СССР) изнел спротивен став. Претставниците на овој Комесаријат тврделе дека Хабибулах Калакали како Таџикистанец по националност ужива силна поддршка кај милиони Таџикистанци во северниот дел на Авганистан, односно во близина на јужните граници на СССР. Според мислењето на Комесаријатот, доколку Хабибулах победи и ја зацврсти својата власт, тој неизбежно би се обидел да го прошири своето влијание на советските средноазиски републики и да ја дестабилизира советско-авганистанската граница.

По краткото владеење кое траело 9 месеци, таџикистанскиот востаник Хабибулах Кан и неговите авганистански приврзаници бегаат од силите на Надир Кан, кој го презел Кабил од Аманулах и владееше со Авганистан од јануари до октомври 1929 година.

Излезе дека советските дипломати имале право. Хабибулах склучил сојуз со водачот на Басмачи Ибрахим Бек, по што припадниците на ова движење ги зајакнаа своите напади на СССР. Друг фактор против Хабибулах беше тоа што него интензивно го поддржуваа Британците. Така советското раководство одлучи да му помогне на Аманулах Кан и да испрати свои едници со цел повторно да се воспостави стабилност во овој регион.

Тајна кампања

Советскиот Сојуз не сакал отворено да му го демонстрира на светот своето воено учество во граѓанската војна во Авганистан. Во авганистанската кампања учествувале над 2.000 црвеноамејци, но тие биле облечени како Авганистанци. На нивно чело бил поранешниот советски воен аташе во Авганистан Виталиј Примаков, кој се претставувал како „кавкаски Турчин“, офицер Рагиб-бег.

Единицата ја следел Авганистанскиот совет во СССР на чело со Али Голам Наби Кан, чие присуство овозможило легален статус на оваа акција. Советот се претставувал како одред на приврзаниците на Аманулах кои биле принудени да ја напуштат земјата, а сега одлучиле да се вратат и да се борат за својот крал.

Оваа воена единица, добро опремена и вооружена со митралези и со артилерија, влегла во Авганистан на 15 април 1929 година, и со поддршка од воздух ги разбила пограничните единици и тргнала понатаму во провинцијата Балх, кон големиот град Мазари-Шариф. Во исто време соборениот владетел Аманулах Кан го напуштил Кандагар, каде се криел по бегството од Кабул, и со 14.000 војници тргнал во насока на главниот град на Авганистан кој бил под окупација на Хабибулах.

Групата припадници на Обединетата државна политичка управа со Ибрахим Бек (во средината), водач на вооружениот антиболшевички отпор.

Во јуришот на градот советските војници заборавиле дека се во улога на Авганистанци и тргнале во напад со рускиот извик: „Ура!“.

Кога бил заземен Мазари-Шариф, Авганистанците прогласиле џихад против освојувачите и ги блокирале советските војници во градот. На помош на единицата на Примаков Советскиот Сојуз испратил втора единица од 400 војници на чело со „Залим Кан“ (командирот на советската коњица Иван Петров).

Обединетите советски сили успешно ја ликвидирале опсадата и единиците на националната гарда на Хабибулах и Басмачи, а потоа низ градот Балх поитале во правец на Кабул. Меѓутоа, на 22 мај дознале дека војската на Аманулах доживеала катастрофален пораз кај Кабул и дека тој самиот ја напуштил земјата. Повеќе немало причина за престој на советските војници во Авганистан, така што единицата била итно повлечена од оваа земја.

Во текот на авганистанската воена операција, советските војници ликвидирале 8.000 непријателски војници и изгубиле 120 свои лица. Во советските воени документи оваа операција се споменува како борба против бандитите во Советска Средна Азија. Споменувањето на овој поход било забрането во историската советска литература.

Прочитајте исто така: Последниот бој на Деветтата чета: Шака советски војници против стотици муџахедини во Авганистан

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња