Зошто во Русија отсекогаш имало недостиг од ЏЕЛАТИ?

Осуденици и џелати, околу 1860 година. Жигот СК (од зборот ссыльнокаторжный – осуденик протеран на Сибир) се ставал за секој обид за бегство

Осуденици и џелати, околу 1860 година. Жигот СК (од зборот ссыльнокаторжный – осуденик протеран на Сибир) се ставал за секој обид за бегство

Hulton Archive/Getty Images
До почетокот на 19 век сите активни џелати и самите биле осуденици. Како е можно тоа?

Поголемиот број морничави погубувања за време на владеењето на Иван Грозни (1530-1584) се вршени во негово присуство и од страна на неговата лична гарда. Некогашниот шеф за надворешни работи на земјата Иван Висковатов погубен е во 1570 година поради предавство: царевите „опричинци“ еден по еден му ги отсекувале екстремитетите и му го масакрирале телото.

Во 1698 година Петар Први лично погубил петмина „стрелци“ (припадници на елитни единици) за време на масовното погубување по буната во Москва. Неговите министри, кнезовите Ромодановски, Голицин и Меншиков, исто така ја испробале својата рака во погубувањата. Но, зошто царот и неговите блиски морале тоа да го прават сами?

Погубување на стрелците, 1698 година

Казнувањето како занает

Во Русија долго време немало професионални џелати. Пред Москва да стане држава, погубувањата ги вршеле војници по команда на руските кнезови и така било сè до 16 век. Меѓутоа, подоцна, во 1649 година воведено е „Соборное уложение“, законик на руското царство, кој повлекува потреба за професионални извршители не само на погубувања, ами и на телесни казни.

На 16 мај 1681 година Болјарската Дума наредила секој градски „воевода“ да ангажира џелат од локалните жители. Ако никој не се пријави за оваа позиција, џелат се избирал од „слободните луѓе“, „така што ниту еден град да не остане без џелат“. Годишната плата изнесувала 4 рубли, што не било многу, но е помалку од она што го добивале војниците (6 рубли). Во тоа време еден ручек чинел 0, 04-0,05 рубли.

Очигледно се очекувало џелатите да имаат уште некој начин да дојдат до пари. Имено, роднините на осудените на бичување или на шибање биле подготвени да платат за џелатите да бидат понежни или за целосно да се избегне казната. Ова детално го опишува Фридрих Зајдер, свештеник кој бил осуден на камшикување и на прогонство за време на владеењето на Павел Први затоа што нарачувал забранети книги од странство.

„Ме одведоа до столбот на срамот каде ми ги врзаа нозете и рацете. Кога џелатот го префрли ременот околу мојот врат за да ми ја заврзе главата и да ми го свие грбот, ме стегна толку силно што врескав од болка. Очекував дека ќе умрам по првиот удар... Ненадејно нешто свирна низ воздухот. Тоа беше звук од камшик, најстрашен од сите камшици. Без да го допре моето тело, ударите само лесно го допираа појасот на моите панталони...“

Џелатите ги подмитиле некои добри луѓе, па Фридрих Зајдер бил казнет само привидно. Ова мито бил главен приход на извршителите на казни. Многумина осуденици имале роднини кои сакале тие да преживеат (камшикувањето често доведувало до смрт). Сепак, имало малку кандидати за позицијата џелат. Руското општество сепак главно ја избегнувало оваа морничава работа.

Професијата што ја напуштил Бог

Православната црква ги осудувала џелатите. Според православниот поглед на светот, џелатот избрал алчност наместо милост. Така што на извршителите на казна не им било дозволено да се причестуваат, а им биле ускратени и други свети тајни. Исто така јавноста ги презирала, живееле одвоено од заедницата, и се сметало за недолично да се јаде на иста маса со него или да се дружи со него.

До четириесеттите години од 18 век дошло до значителен недостиг од џелати, па Сенатот ја кренал платата на 9,5 рубли. За време на владеењето на Павел Први платата им е покачена на 20 рубли, но ниту тоа не помогнало. Ретко кој доброволно се јавувал за оваа работа. Во 1805 година властите дозволиле да се регрутираат џелати од осудениците, но само меѓу оние кои се осудени за помали престапи како што се дезертери, крадци, манипуланти итн.

Поголемиот дел осуденици кои биле протерани на Сибир биле камшикувани и жигосувани пред да ја напуштат Централна Русија, а тоа не можело да се направи без џелат, па така на почетокот на 19 век речиси сите џелати биле осуденици. Тоа всушност ѝ заштедувало пари на државата. Имено, џелатите кои биле ангажирани од слободните граѓани барале плата, додека џелатите од редовите на осудениците се плаќале повремено. Нивната положба им ускратувала какви било права.

Тренирани за сакатење

Со оглед на тоа што џелатите главно биле осуденици на отслужување казна, живееле во затвор... Меѓутоа, имале повеќе слобода и многумина од нив работеле како чевлари или како кројачи. Но, исто така биле должни да ги унапредуваат своите вештини, па правеле кукли од брезова кора и на нив вежбале камшикување. Тренингот изискувал една година секојдневна работа. Затоа новите џелати минувале доста време како помошници: се навикнувале да присуствуваат на погубувања, да не обрнуваат внимание на крв и на врескање, меѓу другото.

До почетокот на 19 век во Русија имало толку малку џелати што заминувале на „службени патувања“ во различни региони, со оглед на тоа што затворите во некои делови од земјата немале свои џелати. Кога ќе стасал џелатот, неколку десетина луѓе веќе биле сместени во затвор, чекајќи го извршувањето на казната. Џелатот ќе се задржел еден-два дена, а потоа заминувал во друг град. Но, кога постоела потреба да се казнат стотина или дури илјада луѓе, овие патувања траеле со месеци.

Сликарот Лаврентиј Серјаков се сеќавал како изгледало извршувањето на казните во 19 век. „Кобилата (штица со дупки за вратот и за рацете на кои се врзувале осудениците – заб. прев.) беше закопана во земја. Двајца џелати шетаа покрај неа, момци од околу 25 години, добро градени, мускулести, со широки рамена, во црвени кошули, кадифени панталони и чизми со набори. Козаците и резервниот баталјон беа сместени покрај нив, а зад нив се туткаа роднините на осудениците“.

„Околу 9 часот наутро на местото на казната стасуваа осудениците на камшикување кои првиот ден беа 25. Некои беа осудени на 101 удар со камшик, други на 70 или на 50, трети на 25 удари. Нив во ред ги ставаа на кобилата, така што додека еден камшикуваат, останатите стојат и чекаат на ред. Прв го ставаа оној што требаше да добие 101 удари. Џелатот ќе се оддалечи 15 чекори од кобилата, а потоа со лесен чекор ќе почнеше да му се приближува на осуденикот, камшикот му се влече помеѓу нозете по снегот; кога џелатот ќе се приближи до кобилата, високо ќе замавнеше со камшикот со десната рака, низ воздухот се слушаше звук, а потоа удар. Џелатот повторно се оддалечуваше на истото растојание, повторно полека се приближуваше итн. Ми се чинеше дека џелатот од првиот удар мошне длабоко ја засече кожата, зашто по секој удар со левата рака со камшикот шикаше полна шака крв. За време на првите удари обично од осудениците се слушаше придушено стенкање кое набргу замираше, а потоа го удираа како парче месо. За време на самиот чин, кога, на пример, ќе избројат 20 или 30 удари, џелатот се приближуваше до шишето кое стоеше тука на снегот, ќе си налееше чаша вода, ќе ја испиеше и ќе продолжеше со работата. Сето тоа го правеше бавно, многу бавно“.

На 17 април 1863 година царот Александар Втори го забрани телесното казнување (сакатењето, камшикувањето и слично) во Русија. Така оние неколку џелати-осуденици кои во тоа време беа активни, едноставно беа вратени во затворите за како и обичните затвореници да ја отслужат својата казна до крај. Во април 1879 година, откако судовите во воените окрузи добија право на извршување смртна казна во војската, во цела Русија имаше само еден џелат, човекот кој се викаше Фролов. Патуваше од град до град со воена придружба и ги бесеше осудениците.

Прочитајте исто така: Русија прва ја укинала смртната казна во Европа

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња