Советски екипаж на тенк Panzerkampfwagen III.
Archive photoТоа се случи во Белорусија за време на Лепелската контраофанзива. Германските механизирани корпуси во налет го зазедоа Минск и продолжија да напредуваат на исток, трудејќи се што побрзо да стигнат до Москва. Народниот комесаријат за одбрана ѝ нареди на Црвената армија да изврши контраофанзива од крилата и од непријателската заднина за да го запре напредувањето на непријателот и да ја подобри состојбата на Западниот фронт. Во Лепелската контраофанзива тргнаа два свежи механизирани корпуса, но без успех. Германската авијација доминираше во воздухот и уништи десетици советски тенкови фрлајќи запаливи бомби врз колоните. Советските трупи за три дена изгубија 832 тенка.
Воениот техничар Рјазанов се најде во жариштето на битката. Во жестоката борба за градот Сено, неговиот Т-26 онеспособи три германски тенка, уништи противтенковско орудие и уби неколку десетици хитлеровци пред самиот да биде погоден. Нишанџијата и механичарот загинаа. Германците го зазедоа градот, а Рјазанов се најде во непријателската заднина. Таму ги собра преживеаните тенкисти од десетина изгорени тенкови, ги закопа командирот на четата и баталјонот, а потоа, заедно со останатите, поправи два тенка Т-26, им стави нови гасеници наместо старите, со борба се проби низ германската линија на фронтот и стигна до своите истовремено дошлепувајќи германски PzKpfw III, чиј екипаж едноставно го напуштил тенкот и побегнал. Заедно со Рјазанов, во пробивот учествуваа уште 13 тенкисти.
Германски тенк од средна големина Panzerkampfwagen III во служба на советската армија.
Archive photoКомандантот на дивизијата го истакна Рјазанов како кандидат за звањето Херој на Советскиот Сојуз, но четири дена подоцна, во нова битка кај реката Лиса, воениот техничар исчезна без трага. Дури една година подоцна на мајката на Анатолиј Рјазанов во Моршанск ѝ е јавено дека нејзиниот син загинал.
По првиот тенк, бројот на трофеи брзо растеше. На 5 август два германски тенка „Шкода“ нагазија на мини на приодите кон Ленинград, по што беа запоседнати од питомците на тенковската школа. Шест дена подоцна, за време на одбраната на Одеса, 12 германски тенкови беа онеспособени, од кои три тенка потоа повторно беа оспособени и испратени да се борат против поранешните сопственици. Во септември кај Смоленск екипаж на тенк Т-26 под команда на поручникот Климов го загуби својот тенк, а потоа заплени германското самоодно орудие „Штуг“ (StuG III) и со него онеспособи два тенка, два камиона и оклопен транспортер. На 8 октомври Климов веќе командуваше со вод од три „Штуги“ (во советските документи тие се водеа како „германски тенкови без купола“) и изврши „дрзок продор во непријателската заднина“. Кон крајот на 1941 година во управата на Црвената армија за тенкови и оклопна техника е формирано одделение за евакуација и собирање на трофејна техника.
Јуришна самоотка Sturmgeschütz III (StuG III)
Слободан ЃукиќВо текот на зимата 1941-1942 година беа запленети и испратени в заднина 38 германски тенкови, 6 самоодни артилериски орудија, 5 оклопни возила, 462 камиони и 52 мотоцикли. Расипаната непријателска техника беше сервисирана во московските фабрики. На поправената непријателска техника ѝ беа давани имињата на руски војсководци: „Александар Невски“, „Дмитриј Донској“, „Александар Суворов“ итн., а потоа беше префрлувана на фронтот. На трофеите беа цртани големи црвени петокраки за своите да не отворат оган врз нив по грешка. Но, тоа не помагаше секогаш. Така, во 1943 година, во реонот на Прилук, екипаж на тенкот Т-70 на растојание од 300 метри отвори оган врз „Штуг“ кој црвени петокраки на страните. За среќа, тенкистите не успеаја да го пробијат оклопот на германската самоотка.
Самоодното орудие StuG III имаше големи маневарски можности и беше добро заштитено. Црвената армија го користеше за уништување тенкови. Советските тенкисти го ценеа PzKpfw III затоа што имаше добра оптика и радио-врска. Толку голем број од нив беа собрани, што во населбата Митишки почна да се прави самоотката Су-76И со германска шасија (буквата „И“ во ознаката значи „странски“). Запленетите тенкови PzKpfw V Panther им беа доверувани на искусни екипажи и се користеа за поставување тенковски заседи.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче