Тенкот од кој стрепеа западните сојузници: „Национален Интерес“ се потсети на тешкиот тенк ИС-3

ИС-3 имаше голем психолошки ефект врз сојузничките офицери кога првпат го здогледаа во тенковскиот ешалон на заедничката воена парада на сојузничките сили што се одржа во Берлин на 7 септември 1945 година. Неговиот робустен и по малку застрашувачки изглед имаше силно влијание врз западните конструктори тие итно да ја забрзаат реализацијата на своите проекти за развој на тежок тенк, кои немаа некаков посебен успех.

Американското списание „Национален Интерес“ објави текст под наслов „Тешкиот тенк ИС-3: руското супероружје за кое никогаш не сте чуле“. Според Кејлеб Ларсон, авторот на овој текст кој редовно пишува за ова американско списание, очекувањата на советските конструктори од ИС-3 биле такви што тој би бил најмоќниот тежок тенк на Советскиот Сојуз кој се карактеризира со многу силно основно вооружување и практично непробојна оклопна заштита.

 

Една од карактеристичните особини на ИС-3 беше неговиот зашилен „штукин нос“ кој се наоѓаше во предниот дел на корпусот на тенкот (пред седиштето на возачот). Ова специфично закосување имаше за цел намалување на тежината на тенкот преку употреба на помало количество оклоп, што истовремено обезбедуваше еднаква заштита. Покрај тоа, ИС-3 имаше „рамна“ тркалезна купола, што му даваше на тенкот низок профил на бојното поле, со што стана покомплексна мета за противничките тенкови и другите противтенковски оружја, пренесува веб-порталот РГ.

Сепак, еден од главните недостатоци на овој тенк беше фактот дека топот не можеше да се спушти доволно ниско како кај другите орудија (недоволен вертикален агол на орудието/елевацијата – заб. на прев.). Ова ќе беше особено незгодно ако, на пример, ИС-3 заземеше позиција на гребенот на некој рид. Меѓутоа, овој ризик се сметаше за прифатлив, бидејќи ИС-3 како главно офанзивно оружје беше замислен за употреба на рамен терен.

Покрај исклучително силната оклопна заштита, овој тенк беше вооружен и со тенковски топ, со тогаш исклучително голем калибар 122 мм. Самиот факт кажува дека во тоа време ИС-3 немаше конкуренција кога е во прашање основното ударно вооружување на копно.

Иако Советскиот Сојуз го разви ИС-3 додека Втората светска војна сè уште беше во тек (нејзината последна фаза), тој влезе во употреба дури по завршувањето на активните борбени дејствија пролетта 1945 година. Сепак, тој учествуваше во други воени конфликти, бидејќи Советскиот Сојуз го извезуваше ИС-3 во сојузничките земји ширум светот (особено регионот на Блискиот исток). Имено, неколку модифицирани ИС-3 служеа во египетската војска за време на шестдневната војна против Израел. На ужас на Израелците, овие тенкови можеа да издржат директни погодоци на кумулативни гранати од 90 мм со кои беа вооружени основните борбени тенкови М48 „Патон“, вклучувајќи ги и другите противоклопни средства.

Меѓутоа, овие тенкови имаа и свои слаби точки. Покрај горенаведената ограничувачка елевација на основното оружје, тоа се однесуваше на неговиот дизел мотор, кој можеше да генерира недоволни 600 коњски сили. Овој мотор според својата конструкција и перформансите беше посоодветен за употреба кај средните тенкови Т-34, додека кај ИС-3, кој беше речиси 20 тони потежок, тоа влијаеше на намалувањето на неговите параметри на подвижност (забрзувањето, максималната брзина) како и на опсегот (во км) со полн резервоар гориво.

ИС-3 имаше голем психолошки ефект врз сојузничките офицери кога првпат го здогледаа во тенковскиот ешалон на заедничката воена парада на сојузничките сили што се одржа во Берлин на 7 септември 1945 година. Неговиот робустен и по малку застрашувачки изглед имаше силно влијание врз западните конструктори тие итно да ја забрзаат реализацијата на своите проекти за развој на тежок тенк, кои немаа некаков посебен успех. Некои од нив, како американскиот тежок тенк М103, ги промашија големите очекувања, бидејќи и тие, како ИС-3, страдаа од проблемот на недостиг на доволно потентен мотор.

Во целина, ИС-3 не беше толку успешен проект како што се надеваа советските контруктори. Покрај тоа, советската тенковска школа со текот на времето реши да се откаже од концептот за развој на тешки тенкови во корист на полесни, универзални, кои комбинираа параметри на голема брзина и мобилност со добра оклопна заштита и огнена моќ. Но, сепак, не може да се каже дека советскиот ИС-3, според сите свои параметри, не беше тенк кој со својата појава знаеше да им втера страв во коските на потенцијалните непријатели на СССР и неговата Црвена армија.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња