Како две советски жени го соборија светскиот брзински рекорд во возење хеликоптер (ФОТО)

Архивска фотографија
Две жени-пилоти на хеликоптер мораа да се изборат за правото да бидат најдобри.

На 13 август 1975 година две советски жени се качија во Ми-24 (во земјите на НАТО познат како „Хајнд“ (Hind)) со намера да го соборат тогашниот брзински рекорд во возење хеликоптер.

Меѓутоа, пред тој победоносен ден, мораа да поминат низ тешка борба.

„Возат како мажиˮ

Кога Галина Расторгуева и Људмила Полјанскаја го донесоа хеликоптерот од 4500 коњски сили до брзина од 332 км/час, соборувајќи го на тој начин претходниот светски рекорд поставен од маж, тие добија официјална пофалба формулирана на начин типичен за машкиот карактер на советското општество: „Возат како мажи“.

Ако се погледне наназад, Расторгуева и Полјанскаја мораа да работат понапорно од мажите не само за да го остварат својот животен сон, туку воопшто и да добијат шанса да летаат.

Кога 1944 година Галина Расторгуева имаше само 8 години, нејзиниот татко Виктор Расторгуев, тест-пилот, кришум ја смести во авион за да има можност да вози со него.

На 17-годишна возраст Галина тргна по стапките на нејзиниот познат татко, кој загина 1945 година за време на пробен лет и по кого подоцна беше именуван кратер на темната страна на Месечината, и се запиша во Московскиот авијациски институт.

Иако Галина дипломираше како инструктор по летање, таа можеше само да сонува да заработува за живот на тој начин. Наместо тоа, работеше како авијациски инженер пет години пред да биде примена во друго училиште за летање, кое го заврши како пилот на хеликоптер.

Како и нејзиниот татко, Галина доби Орден на Црвеното знаме за нејзината работа во авијацијата и се стекна со официјална дозвола да се подготви за поставување нов брзински рекорд во возење хеликоптер.

Патот кон славата на Људмила Полјанскаја исто така беше поплочен со тешка работа и посветеност. Таа порасна во близина на аеродром и нејзиниот татко ја охрабри да се приклучи на аеро-клуб каде што научи да вози едрилица и да скока со падобран. Со својата посветеност Полјанскаја го привлече вниманието на Галина Расторгуева, која бараше навигатор, втора жена во кабината и соработничка со намера да го собори светскиот рекорд.

Низа рекорди

Летото 1975 година ги донесе плодовите од работата што ја вложија двете жени со цел да се подготват за историскиот лет.

Со лесна верзија на Ми-24, кој бил без вооружување, двете жени едно по друго собориле четири светски рекорди за жени и два апсолутни рекорда.

Секој лет со кој бил соборен рекордот беше испит за нив, како и тест за нивното летало.

„Секој лет беше тежок испит за екипажот и леталото. Еднаш за време на лет долг 1000 километри моравме час и половина да останеме во режим на полетување. Како по правило, овој режим трае не повеќе од пет или шест минути. Вибрациите од брзината, како и воздушните турбуленции го прекинаа доводот на гориво и преостанатото гориво истече во кабината, бидејќи се наоѓавме во положба со спуштен нос. Ни се упропастија чевлите и торбата на навигаторот и смрдевме на керозин. Но, тогаш веќе имаше многу малку гориво, па имавме среќа“, ќе изјави подоцна Расторгуева.

И покрај техничките потешкотии, двете жени и понатаму се стремеа да го соборат рекордот. На 13 август 1975 година, Галина и Људмила достигнаа брзина од 332,646 км/час на затворена траекторија од 1000 километри, соборувајќи го претходниот светски (машки) рекорд за цели 84 км/час.

Двете жени со хеликоптер Ми-24 вкупно поставија осум светски рекорди во брзина на летање и во брзина на искачување.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња