Наседнаа на блеф: Како СССР ја исплаши Америка со џиновска имитација на оружје

Воена парада на Црвениот плоштад по повод 55-годишнината од Октомвриската револуција

Воена парада на Црвениот плоштад по повод 55-годишнината од Октомвриската револуција

Јуриј Абрамочкин/Sputnik
Трката во вооружување помеѓу двете светски сили во текот на шеесеттите години од минатиот век подразбираше користење на сите можни елементи за заплашување. Меѓутоа, никој не можеше да претпостави дека Советите толку добро можат да блефираат.

Кога во 1965 година на Црвениот плоштад поминаа џиновски ракети со нуклеарни боеви глави, на трибините меѓу гледачите беа и амбасадори на други држави. Самите големини на овие ракети кај советските гледачи влеваа стравопочит, а на странските набљудувачи им внесуваа немир во душата.

Советските радиокоментатори го прочитаа подготвениот текст: „Парадата со импресивна борбена моќ ја крунисуваат џиновските орбитални ракетни. Нивното опслужување е во целост автоматизирано. Дострелот на овие ракети нема граници...“

Руска интерконтинентална ракета на воена парада на Црвениот плоштад во Москва по повод 20-годишнината од завршувањето на војната во Европа.

Тоа несомнено беше нов триумф на советското вооружување. Барем така тоа беше прикажано во јавноста. Масивното оружје со огромни цевки и балистички ракети претставени како „одговор од космосот“ кој може да ја дофати секоја точка на планетата излезе на калдрмата пред ѕидовите на Кремљ и веднаш се пресели на првите страници на странскиот печат. Ретко кому можеше да му падне на ум дека не станува збор за вистинско оружје, ами за обична имитација.

Зошто беше потребно тоа?

Никита Хрушчов и Фидел Кастро на првомајска парада на Црвениот плоштад во Москва.

Оваа тајна дури по распадот на Советскиот Сојуз ја откри Владимир Семичастин, поранешниот шеф на КГБ и еден од организаторите за отстранување на Никита Хрушчов од позицијата генерален секретар на ЦК на КПСС. „Во текот на шеесеттите години од минатиот век ракетите предизвикаа огромен интерес. Секоја пат кога ќе се споменеа, а уште повеќе кога ќе се појавеа, на сите им застануваше здивот“, пишува тој во своите мемоари „Специјалните служби на СССР во тајната војна“.

„Ние редовно, отприлика еднаш на две или на три години, официјално соопштувавме за тоа како сме направиле нов тип ракета. Набргу потоа ќе ги прикажевме на парадата на Црвениот плоштад. Само мал број луѓе знаеја дека определени типови ракети се обична имитација, нешто како 'Потемкинови села', и дека тие воопшто не можат да полетаат. Моделите на тегначите беа макети, а не ракети“, тврди авторот.

На парадата на интерконтинентални балистички ракети на Црвениот плоштад по повод годишнината од болшевичката револуција.

На прашањето зошто била потребна таква претстава, Семичастин одговараше дека западните разузнавачки служби не можеле лесно да го проценат потенцијалот на советската армија зашто тоа била строго чувана тајна. Најмоќното оружје се држело во хангарите, така што ниту еден шпионски сателит не можел да ги види. Никој не знаел што има во овие хангари и колкаво е количеството. Единствена можност да се стекне „увид“ во моменталната состојба беа воените паради на 1 мај на Меѓународниот празник на трудот и на 7 ноември на Денот на Големата октомвриска револуција, кога на Црвениот плоштад беа изложувани најважните достигнувања на воената индустрија (воената парада на 9 мај на Денот на победата претходно се организираше само во јубилејните години).

Офицери со војници под ракета која може да носи нуклеарна боева глава пред почетокот на парадата на Црвениот плоштад по повод 65-годишнината од Октомвриската револуција.

Советите виделе дека „непријателот“ нема никаква можност да ја следи вистинската состојба, па решиле да му „фрлаат прав во очите“.

Грандиозна дезинформација

Парада на Црвениот плоштад по повод 20-годишнината од победата над нацистичка Германија.

Сè било осмислено до најситни детали. Пред сè со дезинформација се занимавал лично првиот секретар на ЦК на КПСС Хрушчов. Тој, на пример, во 1962 година во Кремљовската конгресна сала одржа жежок говор посветен на „глобалните ракети“ ГР-1.

Концепцијата на „глобалната ракета“ се потпираше на еден сличен американски проект кој немаше добра перспектива, па затоа не беше ни реализиран, со оглед на тоа што до СССР би стасале и постојните интерконтинентални и балистички ракети. Советите немаа таква предност, па затоа решиле да го реализираат проектот за „глобални ракети“. Тој се состои во тоа што ракета со нуклеарна боева глава се исфрла во орбитата, а потоа по потреба се упатува кон целта. Ваквата ракета немаше ограничен дострел и насока, со оглед на тоа што секој објект на планетата беше достапен за напад.

Советска балистичка ракета пред Кремљ на парадата по повод 50-годишнината од Октомвриската револуција.

„Со глобалната ракета средствата за брзо откривање воздушен напад губат значење. Глобалните ракети не можат на време да се откријат, така што не може да се извршат ниту подготовки за заштита од нив“, велеше тогаш Хрушчов. Тој за ракетата ГР-1 зборуваше како за нешто што веќе постои. А, всушност блефираше, зашто во моментот додека го држеше говорот, конструкторското биро дури немаше ни подготвено извештај за истражувањата. Благо речено, сè уште беше рано за да се зборува за тоа што може, а што не може да направи таквата ракета.

Но, јавниот настап имаше ефект. Странските разузнавачки служби сериозно пристапија на потрагата по податоци за ракетата ГР-1, и дури ѝ дадоа назив SS-X-10 Scrag. А, кога во 1965 година таканаречениот „примерок“ беше изнесен на Црвениот плоштад, повеќе не постоеја никакви сомнежи дека Советите навистина ја имаат направено оваа ракета.

Балистички ракети пред почетокот на воената парада по повод 51-годишнината од Октомвриската револуција.

Покрај тоа, секоја слична мистификација е планирана како претстава во неколку чина. По парадата оваа макета во природна големина требаше да се однесе на некоја од московските железнички станици зашто беше јасно дека службениците на амбасадите го следат нејзиното движење. Имено, по железничката станица можеше да се заклучи на која страна ќе биде насочена ракетата. Киевската железничка станица значеше дека одредиштето ќе биде воена база во Источна Европа.

„Прислушувајќи ги телефонските разговори на воените аташеа и следејќи ги нивните службени патувања 'по трагите' на ракетите се сфаќаше колку е успешен нашиот потфат. И нашите агенти од други земји јавуваа што успеало, а што не“; пишува Семичастин.

Оружје кое никогаш не беше во функција

Воена парада на Црвениот плоштад по повод 20-годишнината од Победата во Големата татковинска војна 1941-1945.

Глобалната ракета е само еден од многуте примери. Слично беше и со стратешките ракети РТ-15 и РТ-20. Самоодниот тегнач ја носеше ракетата долга 18 метри. Ова оружје дури и на прв поглед изгледаше застрашувачки. Но, на тестирањата не беше успешно, така што не беше ставено во арсеналот на советската армија.

Балистички ракети на Црвениот плоштад во Москва за време на традиционалната првомајска парада.

Слично мина и оружјето 2Б1 „Ока“. Тоа беше џиновски минофрлач на гасеници. Теоретски гледано, тоа можеше да испука проектил со нуклеарно полнење кон цел оддалечена 50 километри. Меѓутоа, тресењето беше толку силно што од него се оштетуваше моторот и менувачот, а гасениците под преголемата тежина мораа да се менуваат на секои 20 километри. Поради тоа нуклеарниот минофрлач фактички беше за само една употреба. Во мај 1961 година шест вакви минофрлачи минаа по Црвениот плоштад, а веќе во јули истата година властите се откажаа од ова оружје.

Црвениот плоштад во Москва, парада по повод 40-годишнината од комунистичката власт.

На парадата во 1954 година беше претставен бомбардерот М-4. Тој можеше да носи ракети со нуклеарно полнење, а конструкцијата на шасијата овозможуваше да полета од замрзнатите аеродроми на Чукотка, во близина на САД. Меѓутоа, имаше и многу недостатоци, така што овој модел беше преуреден во авион за полнење гориво во лет.

Кога станува збор за ракетата ГР-1, дојде до застој во производството на моторот, а покрај тоа имаше и многу технички дефекти кога требаше да стартува моделот. За волја на вистината, дури и да функционираше сè како што треба, повеќе немаше потреба од ова оружје зашто блефот „запали“, односно Вашингтон се согласи да го потпише Договорот за неширење нуклеарно вооружување, така што понатамошната работа на фаличниот проект ГР-1 беше запрена.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња