Како се состанаа Реган и Горбачов за да спречат Трета светска војна (ФОТО)

Разговор на Роналд Реган со генералниот секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов, 1985 година.

Разговор на Роналд Реган со генералниот секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов, 1985 година.

Getty Images
Лидерите на двете светски суперсили најпрво меѓусебно се навредија, но на крајот сепак овозможија завршување на Студената војна.

Не може да се каже дека крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години од минатиот век беа период на процут на советско-американските односи. СССР влезе со едници во Авганистан, а САД сесрдно се обидуваа да им приредат „Виетнам“ на Советите. Покрај тоа, откако Џими Картер и Леонид Брежнев се состанаа во Виена во 1979 година немаше никакви средби на лидери на двете земји.

Во советската политика сè се смени по смртта на советскиот лидер Черненко во 1985 година. Истата година по препорака на влијателниот Андреј Громико советската политичка елита за нов генерален секретар на КП на СССР го избра релативно младиот политичар Михаил Горбачов (кој тогаш имаше 54 години).

Американскиот претседател Роналд Реган (втор одлево) и советскиот лидер Михаил Горбачов (десно во преден план) наспроти историскиот „разговор покрај каминот“, 19 ноември 1985 година, Женева, Швајцарија.

Новиот советски лидер имаше посвежи претстави за советската надворешна политика, за советско-американските односи, за Студената војна и трката за вооружување со Америка. Горбачов беше подготвен да ја отфрли стратешката концепција на „гарантирано заемно уништување“, чија теорија предвидуваше дека двете нуклеарни суперсили се безбедни додека имаат доволно нуклеарни боеви глави за меѓусебно целосно да се уништат доколку една од нив прва лансира ракета. Наместо тоа, тој предложи да се истражи потенцијалот на идејата за „сеопшта безбедност“, сметајќи дека СССР ќе избегне опасност од американски напад доколку ја продлабочи соработката со идеолошкиот противник.

Од другата страна на железната завеса 40 претседател на САД Роналд Реган правеше планови како да го ограничи советскиот нуклеарен потенцијал и да осигура безбедност на САД од хипотетички нуклеарен напад, с сето тоа со помош на технологијата која би ѝ овозможила на американската војска да соборува нуклеарни ракети во космосот. Овие планови беа познати како Стратешка одбранбена иницијатива, а медиумите им го дадоа називот „Војна на ѕвездите“.

Кон средината на осумдесеттите години од минатиот век земјите станаа свесни дека е неопходно да се бара излез од тековната трка за вооружување помеѓу САД и СССР. Поради тоа Реган и Горбачов договорија средба во Женева за 19 ноември, 1985 година.

Трикот со капутот

Ненси Реган (лево) и Раиса Горбачова на поставувањето на темелите на музеј во седиштето на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Женева, Швајцарија, 2 ноември 1985 година.

Многумина американски аналитичари во Горбачов видоа советски лидер кој е поумерен, полиберален и поподготвен за компромис од сите свои претходници. Им се допаѓаше неговиот стил на облекување, а им се допаѓаше и неговата шармантна сопруга Раиса, која воедно беше и најблискиот советник на Горбачов, за волја на вистината во неофицијално својство на прва дама. Други, пак, сметаа дека Вашингтон не треба да падне во замката на евентуален лажен впечаток.

Американскиот претседател Роналд Реган го пречекува рускиот лидер Михаил Горбачов во вилата Флор До во Женева.

Роналд Реган на почетокот беше скептичен во врска со намерите на својот колега. Допатува во Женева подготвен за борба, исто така во придружба на својата сопруга Ненси. Реган беше постар од Горбачов. За време на средбата тој имаше 74 години. Тој во Женева дојде за да го убеди младиот советски лидер дека САД ќе продолжат со трката за вооружување до конечна победа, судејќи според сведоштвата на Џек Метлок, поранешен советник на Реган кој подоцна стана американски амбасадор во Москва.

Советската делегација допатува во Женева на 18 ноември 1985 година. Следниот ден Горбачов и Реган за првпат лично се состанаа.

Советско-американската средба на највисоко ниво во Женева. Генералниот секретар на ЦК на КПСС Михаил Сергеевич Горбачов и претседателот на САД Роналд Реган пред почетокот на разговорите.

Реган веќе го чекаше Горбачов кога тој пристигна со својот автомобил. Утрото беше ладно, имаше мраз, така што Горбачов беше во капут и со капа на глава. Кога Реган го виде тоа брзо го соблече својот капут и во елегантно одело побрза во пресрет на советскиот колега.

„На многубројните објавени фотографии американскиот претседател изгледаше енергичен, млад и физички јак во споредба со Горбачов во бундата. Воопшто не се забележуваше разликата во годините“, напиша подоцна Анатолиј Добринин кој за време на средбата беше советски амбасадор во САД.

Диносаурус и болшевик

Советскиот лидер Михаил Горбачов и американскиот претседател Роналд Реган на самитот во Женева во 1985 година.

Средбата не беше многу успешна. Горбачов се сомневаше во планот на Реган за поништување на ефектот за заемно уништување и за премин на Стратешка одбранбена иницијатива. Го предупреди американскиот лидер на можната трка за вооружување во космосот.

Реган од своја страна инсистираше на тоа дека Стратешката одбранбена иницијатива не треба да се третира како космичко оружје, ами едноставно како одбранбена технологија.

Генералниот секретар на ЦК на КПСС Михаил Горбачов и претседателот на САД Роналд Реган пред почетокот на разговорите.

Советскиот лидер не веруваше ниту во ветувањето дека САД ќе ја сподели таа технологија со Советскиот Сојуз штом биде завршена. На крајот Горбачов за Реган рече дека е конзервативец и „диносаурус“, додека американскиот претседател го окарактеризира советскиот лидер како „тврдокорен болшевик“.

Првиот ден од преговорите не донесе никаков напредок, но набљудувачите сепак забележаа нешто што одамна не беше видено во советско-американските односи: беше јасно дека двајцата лидери се наклонети еден на друг.

Советскиот лидер Михаил Горбачов (лево) на средба со американскиот претседател Роналд Реган во Женева, Швајцарија, 19 ноември 1985 година.

„Извесна наклонетост сепак беше очигледна. Тие беа целосно опуштени и лесно комуницираа, се насмевнуваа... Сето тоа добро се гледаше“, напиша подоцна државниот секретар на Реган Џорџ П. Шулц.

И навистина, Реган и Горбачов ги продолжија преговорите и на крајот дојдоа до заедничко разбирање дека обете страни мораат да работат на запирање на трката за вооружување. На крајот американскиот и советскиот лидер издадоа заедничко соопштение кое подоцна служеше како основа за завршување на Студената војна и за биполарниот светски поредок.

Роналд Реган и Михаил Горбачов во пауза на преговорите на Женевскиот самит.

Најважната порака од заедничкото соопштение гласеше: „Страните ги разгледаа клучните прашања за безбедноста и свесни за посебната одговорност на СССР и на САД за одржување на мирот, се сложија дека нуклеарната војна не може да биде добиена и дека никогаш не смее да се води. Признавајќи дека секој конфликт помеѓу СССР и САД може да има катастрофални последици, страните ја подвлекоа важноста од спречување на каква било војна помеѓу нив, нуклеарна или конвенционална. Таа нема да придонесе кон постигнување воена доминација“.

Тука дознајте зошто Џо Бајден ја посети Москва во 1988 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња