Долга историја на односите на Џо Бајден со Москва

Reuters
Според една теорија, тој на Владимир Путин дури требало да му понуди неочекувана позиција.

Новоизбраниот претседател на САД има долга историја во политиката. На списокот на неговите потфати се и преговорите со Москва. Бајден притоа имал работа како со Советскиот Сојуз, така и со современа Русија. Ова е кратка приказна за односите на Бајден со земјата која неодамна ја окарактеризира како „моментално најголема закана за Соединетите Држави“.

1979

Во 1972 година Џо Бајден стана американски сенатот, а во 1973 година го посети СССР. Шест години подоцна, во август 1979 година, повторно беше во официјална посета на земјата. Негово одредиште беше Ленинград (денешен Санкт Петербург), а целта му беше да ги убеди другите американски сенатори да го поддржат Договорот помеѓу САД и СССР за намалување на стратешкото вооружување.

Во тоа време двете суперсили водеа сложени преговори среде општата атмосфера на недоверба во Студената војна. Меѓутоа, Бајден беше голем поборник на преговорите за ограничување на стратешкото вооружување помеѓу САД и СССР.

Со оглед на нивото на недоверба помеѓу САД и СССР, да се убедат американските „јастреби“ да ја поддржат идејата за преговори со својот идеолошки непријател беше тешка задача на која се нафати младиот Бајден

„Во 1979 година младиот Бајден генерално ја застапуваше контролата на вооружувањето, а особено преговорите помеѓу СССР и САД. Целта главно беше сомничавите сенатори да го поддржат договорот што беше потпишан во јуни, но кој ја чекаше ратификацијата на Сенатот“, вели професорот Питер Кузник, експерт за американска историја на 20 век.

„Интересно е да се види каква улога во тоа време одигра помладиот и очигледно попрогресивен Џо Бајден. Бајден имаше целосна верба во меѓународните договори. Сакаше да дојде до значително намалување на нуклеарниот арсенал и на конвенционалното вооружување. Се обидуваше да ја разлабави тензијата на Студената војна“, вели Кузник.

Во текот на августовската посета Бајден се запозна со клучните личности на советскиот политички естаблишмент, вклучувајќи го и советскиот лидер Леонид Брежњев, премиерот Алексеј Косигин и познатиот советски министер за надворешни работи Андреј Громико.

Многу години подоцна Бајден ја спомена посетата од 1979 година во говор пред руските студенти на Московскиот државен универзитет во 2011 година:

„Брежњев беше многу повеќе болен одошто мислевме тогаш. Се извини и рано го напушти состанокот. Зборот му го препушти на Косигин, премиерот Косигин, кој во воведот го кажа следново нешто, кое никогаш нема да го заборавам, рече: 'Пред да го започнеме разговорот, сенаторе, ајде да се сложиме околу тоа дека ние не ви веруваме вам и дека вие не ни верувате нам. А, за тоа и едните и другите имаме добри причини'.

Советскиот печат објави кус текст за посетата на Бајден на СССР по назив „Увод во Ленинград“. Статијата во весникот „Правда“ зборува за посетата на Бајден на Пискарјовските меморијални гробишта во Ленинград.

„Човештвото им е благодарно на жителите на Ленинград за нивниот голем подвиг. Мирот што тие го извојуваа треба да биде целта на нашите животи“, го цитира весникот Бајден.

Бајден повторно го посети Советскиот Сојуз во 1988 година како член на Одборот за меѓународни односи на американскиот Сенат. За оваа посета постои малку материјал. Тука спаѓаат и неколку црно-бели фотографии на Бајден со советскиот министер за надворешни работи Андреј Громико.

На фотографиите може да се види широката насмевка на Бајден, додека Громико, познат како резервирана личност и тврд преговарач, има прилично мрачен израз на лицето за време на ракувањето со сенаторот.

Понуда за Путин

Со распаѓањето на Советскиот Сојуз студената војна беше завршена, а Бајден напредуваше на политичкото скалило. Тој со новата независна Русија односите ги градеше од положба на потпретседател на САД во администрацијата на Обама.

Првите години администрацијата на Обама ја прокламираше таканаречената политика на „ресетирање“ во односите помеѓу Москва и Вашингтон со цел руско-американските односи да се нормализираат по руско-грузиската војна во август 2008 година. Со Бајден како потпретседател, двете земји во 2010 година потпишаа важен договор за намалување на стратешкото вооружување.

Во 2011 година потпретседателот Бајден ја посети Москва како пратеник на Обама, каде се запозна со претседателот Дмитриј Медведев и со Владимир Путин, кој тогаш беше премиер на Русија.

Бајден ја подготви посетата на Обама на Русија, разговараше за иднината на „ресетирањето“ на руско-американските односи и за членството на Русија во Светската трговска организација, се сретна со руските и со американските бизнисмени и го одржа споменатото предавање на Московскиот државен универзитет.

Некои руски интелектуалци се обидоа да насетат што се крие зад официјалната агенда на Бајден. Познатиот стручњак за меѓународни односи и уредник на списанието „Русија во глобалната политика“ Фјодор Лукјанов објави статија во која тврдеше дека планот на Бајден е да му понуди на Владимир Путин изненадувачко место на генерален секретар на НАТО.

Според Лукјанов, за време на посетата на Москва во 2011 година Бајден требал на тогашниот руски премиер Путин да му понуди престижна позиција во алијансата во замена за руска воена интервенција во Либија. Колку и да звучи неверојатно оваа теорија, авторот тврди дека таа му била потврдена од страна на два независни извори во Брисел.

Како што знаеме, Русија се противеше на воената интервенција во Либија која се случи набргу по посетата на Бајден во 2011 година. Владимир Путин, кој во 2012 година се врати на местото претседател, никогаш не спомена дека добил таква понуда.

Од 2011 година Бајден покажуваше сè поголемо сомневање во намерите на Москва и повеќе пати ја критикуваше меѓународната политика на Владимир Путин. Неодамна во текот на претседателската дебата 2020 изјави дека Русија е „моментално најголемата закана за Соединетите Држави“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња