Товарање на торпедо. (Сликата е симболична)
Scherl/Global Look PressПознато е дека Американците први направија атомска бомба, единствени и ја применија во нападите врз Хирошима и Нагасаки, а покрај тоа вршеа и многубројни проби во разни средини, меѓу другото и под вода. Сето тоа му беше познато на советското раководство, така што меѓу останатото се постави прашањето како е можно да се заштитат бродовите од такво оружје. Кога СССР направи сопствена атомска бомба, работите во таа насока тргнаа со забрзано темпо затоа што се појави можност за тестирање на таа заштита во природни услови.
За таа цел е направен специјален полигон на архипелагот Нова Земја (работите почнаа летото 1954 година) кој подоцна го доби називот „Објект-700“. Одбрано е место оддалечено од населбите, а нуклеарната проба е извршена во заливот Чернаја затоа што водата од тој залив практично не се мешаше со водата во Баренцовото море, така што беше избегнато ширење на радијацијата.
Нуклеарното полнење за торпедото најпрвин беше тестирано на копно, на Семипалатинскиот полигон, по што конечно беа дефинирани основните параметри на нуклеарната боева глава. Како носач беше избрано торпедо Т-5 со стандардниот калибар од 533 милиметри кое овозможуваше да се наоружаат со овој проектил советските подморници од различна класа. Торпедото беше тешко 2,2 тона, а долго 792 см.
Заради проучување на разорните фактори на нуклеарната експлозија на подрачјето беа распоредени неколку бродови и подморници, оддалечени од епицентарот од 300 метри до 3 километри. Пловилата беа снабдени со мерни инструменти, како и со фотографска и видео-техника. За процена на дејството врз живата сила беа искористени 100 кучиња, од кои три четвртини беа сместени на бродовите-мети, а останатите во крајбрежните објекти. Торпедото беше допремено на местото на експлозијата со тегнач и со помош на специјални чекрци спуштено на длабочина од 12 метри, каде што подоцна беше предизвикана експлозијата.
Експлозијата имаше сила еквивалентна на детонација на 3,5 килотони ТНТ. Хидродинамичниот ударен бран веднаш го потопи разурнувачот „Реут“, кој се наоѓаше 300 метри од епицентарот. Исто така целосно беше оснеспособена подморницата С-81 (оддалечена 500 метри, на перископска длабочина). Оштетени беа и пооддалечените бродови и подморници, но тие оштетувања не беа критични. Настрадаа 17 животни. Шест кучиња потонаа со бродовите, а кај 11 кучиња дојде до труење со радијација. Сé на сé, тестирањето покажа дека во соодветна антинуклеарна формација, кога бродовите се на поголемо меѓусебно растојание, нуклеарно торпедо може да потопи само едно пловило.
Треба да се истакне дека Советскиот Сојуз ја изврши втората подводна нуклеарна проба две години подоцна, во октомври 1957 година. Тогаш торпедо Т-5 беше лансирано од подморница, а експлозијата имаше сила од околу 10 килотони.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче