„Турската флота ја разбивме, на небо ја пративме...“: 5 несовладливи руски адмирали

Russia Beyond
Најчесто жртви на руските морнарички гении биле Турците. Иако ни Французите, ни Швеѓаните не минале многу подобро.

1. Григориј Спиридов

„Чесен и храбар офицер“, вака брилијантниот војсководец Пјотр Румјанцев го окарактеризирал Григориј Спиридов кој своите квалитети ги покажал во Седумгодишната војна против Прусија, но кој навистина се прославил за време на руско-турската војна 1768-1774 година.

Во текот на борбените дејствија во Егејското море руската морнарица, во која адмиралот Спиридонов командувал со една ескадра, на 5 јуни 1770 година во Хиоскиот теснец се судрила со двојно помоќните сили на турската морнарица. Клучен момент од битката беше нападот на главниот брод на Спиридов „Св. Евстатија“ на главниот брод на отоманската флота „Реал Мустафа“ во кој обата брода беа потопени.

Загубата на главниот команден брод ја дезориентираше турската флота која се повлече во Чесменскиот залив. Битката која се одигра на ова место од 6 до 7 јули испиша една од најцрните страници во историјата на Отоманската империја. Во нападот на руските брандери (бродови наполнети со запаллива материја), кои предизвикаа пожар и општа паника, речиси целата непријателска флота (15 бојни бродови, 6 фрегати, 5 галии и голем број мали бродови) е уништена или заробена. Загинаа 11 илјади турски морнари, додека Русите изгубија 4 брандера и 20 лица.

„Слава на Бога и чест на Серуската морнарица! Меѓу 25 и 26 јуни (според јулијанскиот календар) непријателската флота ја нападнавме , ја разбивме, ја скршивме, ја изгоревме, на небо ја испративме, ја потопивме и во пепел ја претворивме, и на тоа место оставивме стравотна глетка, која завладеа со целиот Архипелаг на нашата Семилостива Господарка“, ја известуваше Спиридов царицата Екатерина Втора.

2. Василиј Чичагов

Врвот на кариерата на адмирал Василиј Чичагов беше руско-шведската војна 1788-1790. Токму тој им ги побрка сметките на Швеѓаните, кои планирале една по една да ги разбијат единиците на руската морнарица на Балтичкото море. Чичагов извојува победа во Аланската, во Ревелската и во Виборшката битка, при што во секоја од нив непријателот беше надмоќен во бројот. Притоа зароби 5 илјади шведски морнари, 200 офицери, па дури и еден контраадмирал.

Меѓутоа, сите успеси на Чичагов ги поништи катастрофалниот пораз на руската флота под команда на Карл Хенрих Насау-Зигенски во Втората роченсалмска битка на 10 јули 1790 година. Наместо да ја слави победата, Русија мораше да се задоволи со склопување мировен договор под услови на статус кво.

Со Чичагов е поврзана уште една историска анегдота. На ручек кај царицата Екатерина Велика адмиралот раскажувал за своите битки со Швеѓаните, но во текот на раскажувањето почнало да го фаќа јаросно расположение, па повремено употребувал премногу груби изрази. Кога се прибрал, му било многу непријатни и почнал да се извинува. Меѓутоа, царицата се правела дека не ги разбрала непристојните зборови, велејќи: „Нема врска, Василиј Јаковлевич, продолжете, јас не се разбирам во вашите поморски термини“.

3. Фјодор Ушаков

Кон крајот на 18 век Руската Империја имала два виени гении: непобедливиот Александар Суворов на копното и несовладливиот Фјодор Ушаков на морето. Обајцата биле иноватори во вештината на војувањето. Тие предност им давале на брзите маневри, на храброто продорно приближување на непријателот и на нанесување неочекувани смртоносни напади. Како и Суворов, Ушаков многу време посветувал на воената обука на составот на војската, сметајќи дека клучот на успехот во битката лежи во совршената истренираност и челичната дисциплина на морнарите.

Ушаков нема изгубено ниту една битка на море и, како што и самиот тврдел, не изгубил ниту еден брод и не дозволил ниту еден негов морнар да биде заробен, Секогаш учествувал во сите фази на битките, наоѓајќи се на најопасните и на најодговорните положби, цврсто држејќи ги сите конци на управувањето со флотата во свои раце. Притоа не им забранувал на капетаните на своите бродови да покажат лична иницијатива, доколку тие сметале дека тоа е оправдано.

На списокот најголеми успеси на овој војсководец се наоѓаат победите над турската морнарица во Керчката битка (1790) и кај Калиакра (1791), како и двегодишната војна на руската ескадра против силите на француската морнарица во Средозменото море 1798-1800. Во текот на овој поход Ушахов на јуриш ја освоил непријателската тврдина која се сметала за неосвојлива на грчкиот остров Крф, заробувајќи речиси три илјади Французи.

Во 2001 година Руската православна црква го прогласи Фјодор Ушаков за светител како свет воин. Денес тој се почитува како свет заштитник на Воената морнарица на Русија.

4. Дмитриј Сењавин

Младиот и способен офицер Дмитриј Сењавин одлично се покажа под команда на Фјодор Ушаков во војните против Турција (1787-1791) и во Средозмениот поход, со што стана најблизок помошник на адмиралот за време на заземањето на Крф. Сепак, односот помеѓу двајцата големи војсководци не бил пријателски. „Не го сакам Сењавин“, велел Ушаков. „Но, тој е одличен офицер и во сите околности може чесно да биде мој наследник во командата на флотата“.

Од 1805 до 1807 година, за време на Наполеоновите војни, Дмитриј Сењавин бил на чело на походот на руската Балтичка флота во Средоземното море, каде ефикасно ги пресекувал поморските комуникации на Французите помеѓу Италија и Далмација (денешна Хрватска и Црна Гора), предизвикувајќи силно негодување кај Бонапарта. Со влегувањето на Отоманската империја во војната против Русија, флотата на Сењавин преминала на нов непријател. Освојувајќи го островот Тенедос, адмиралот во текот на два месеци успешно го блокирал мореузот Дарданели. За тоа време неколку пати ја поразил турската флота, која се обидела да ја пробие блокадата.

За време на враќањето на ескадрата во Балтичкото море потпишан е Тилзитскиот мировен договор, според кој Русија се приклучи на континенталната блокада на својот поранешен сојузник Англија, фактички влегувајќи во војна против неа. Запирајќи се во Лисабон во октомври 1807 година за да ги дополни резервните намирници, вицеадмиралот Сењавин се нашол меѓу два огна: од мората пристаништето го блокирала британската флота, а од копното на престолнината на Португалија се приближувала француската армија. Царот Александар Први на војсководецот му наредил да исполни сè што „неговото величество царот Наполеон ќе побара“.

Не прифаќајќи ваква радикална промена на курсот во руската надворешна политика, Дмитриј Сењавин избрал друг пат, согласувајќи се на предлогот на Англичаните да ја одведе ескадрата во Портсмут до склопување мир помеѓу Лондон и Санкт Петербург. Откако се вратил во Русија во 1809 година, самоволниот командант на флотата се соочил со незадоволството на рускиот цар и паднал во немилост, принуден со години да живее на работ на егзистенцијата од половина пензија. Дури кога на власт дошол царот Николај Први во 1825 година Сењавин кој веќе бил во длабока старост, именуван е за командант на Балтичката флота и доделен му е чин адмирал.

5. Павел Нахимов

Името на адмирал Павел Нахимов е поврзано за една од највеличествените победи на руската морнарица во целата нејзина историја. На 30 ноември 1853 година во Кримската војна Црноморската флота под негова команда (тогаш уште како контраадмирал) ја блокирала турската ескадра во заливот кај градот Синоп и за 4 часа во целост ја уништила.

Во однос на загубите на двете страни Синопската битка фактички била реприза на Чесманската. Освен еден пароброд кој се пробил, уништени или оштетени се сите 15 бродови на непријателската ескадра, загинале три илјади турски војници, а командантот адмирал Осман-паша е заробен. Русите изгубија 37 лица.

Катастрофалниот пораз на Турците од една страна на Русија ѝ донел доминација во Црното море, а од друга го забрзал влегувањето на Англија и на Франција во војна против неа. Нивните сили излегле на Крим и го опколиле Севастопољ. Павел Нахимов ја предводел одбраната на градот, а тоа го правел толку ефикасно што заслужил голема почит кај војниците и морнарите, кои го нарекле „татко-добротвор“. На 10 јули 1855 година за време на проверката на едно утврдување на првата линија на фронтот бил ранет со куршум во главата, од што починал два дена подоцна.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња