Зошто Суворов велел дека „куршумот е слеп, а бајонетот јунак“: Битката за Нови

Александар Коцебу. Битка за Нови

Александар Коцебу. Битка за Нови

Public Domain
Италијанската кампања на Суворов претставува врв на неговата војничка кариера не само поради блескавите победи, ами и поради географските услови во кои целата кампања се одигрувала, и неверојатните пресврти во текот на битката. Суворов од невозможни ситуации наоѓал решенија и секогаш излегувал како победник во беспаќата на северна Италија. Битката за Нови претставува една од тие критични битки која уште еднаш ги прослави Суворов и неговата војска.

По победата кај Требија на 8 јуни 1799 година, сојузничката руско-австриска војска го продолжила походот во северна Италија против француската војска на Директориумот со цел целосно да ја исфрли од Италија. Поради забавување на офанзивата од страна на австрискиот крал Франц Први, замислата на Суворов за брз продор во Франција пропаднала. Искористувајќи ја паузата во офанзивата на сојузничката армија, Французите ја формирале Алпската војска на чие чело застанал генералот Жан Виктор Моро. Пред новата армија од 45.000 луѓе поставена е задача да ги уништи офанзивните сили на руско-австриската армија.

Александар Василевич Суворов, гроф Суворов од Рамник, кнез италијански (1729-1800), руски генералисимус и еден од најголемите руски војсководци кој нема изгубено ниту една битка.

Но, Моро го одбил ваквиот амбициозен план, сметајќи дека новата армија само треба да го одбрани влезот низ Алпите на италијанско-француската граница, додека за офанзива нема доволно сила. Поради ваквиот став заменет е со амбициозниот и мошне талентиран триесетгодишник генералот Жубер, кој покрај Наполеон бил ѕвезда во искачување. Жубер тргнал во пресрет на сојузничките армии, сметајќи, според известувањата, дека тие се развлечени и дека може да бидат разбиени со ненадеен удар. Иако делумно неговата претпоставка била точна, француската армија на 14 август ја потиснала од доминантното гратче Нови (денес Нови Лигуре) претходницата на руската армија со која командувал Пјотр Иванович Багратион. Французите зазеле поволни позиции за одбрана, се чекал одговорот на сојузниците.

Армиите на сојузниците веднаш тргнале во офанзива. Генерал Павел Крај кој командувал со австриската војска на левото крило ги нападнал положбите на Французите кај местото Пастурању. По почетниот успех, Жубер успеал да ги потисне Австријците. Колоните на Суворов уште не стапиле во напад на градот Нови и на Жубер му се отворила прекрасна пригода да ги разбие силите на Крај. Но, Жубер уште на самиот почеток на битката бил смртно ранет од еден тиролски стрелец, по што командата врз армијата ја презел генералот Моро. Во 9 часот Суворов издал наредба на Багратион да тргне во напад на Нови со 10 баталјони (околу 2.000 луѓе), но овој напад од доминантните позиции Французите го одбиле. Вториот обновен напад исто така бил одбиен. Веќе во првите два напади се создала специфична ситуација, Суворов бил навикнат во првиот јуриш со напади во колони да ги доведе до борба бајонетите во кои неговата армија била неприкосновена. Овој пат битката „запнала“. Суворов ја вовел коњицата на Дерфелден која тргнала на дивизијата на францускиот генерал Ветрен која била потисната до самата тврдина на Нови, но самиот Нови не бил заземен.

Жак Лук Барбје Валбон. Портрет на Жан Виктор Моро

За овој критичен период од битката постои легенда која има некакво упориште само во француските извори. Имено, откако видел дека по неколку неуспешни напади руските војници се повлекуваат, Суворов направил претстава и почнал да вика „ископајте ми тука гроб, мојот џин јунаци се повлекуваат“. Потоа повторно бил обновен напад во колони, а војската го повратила борбениот морал.

Моро ги сконцентрирал сите свои резерви на одбраната на Нови, што Суворов го искористил и му наредил на генерал Мелас со 9.000 луѓе да го опфати крилото на дивизијата на Ветрен. Дури во три часот попладне Мелас успеал да ја изврши задачата. Дивизијата на Ветрен била опкружена и принудена да го положи оружјето. Петтиот и последен напад бил изведен под команда на Дерфелден во 17 часот што довело до паѓање на Нови. Моро се обидел да ја спаси армијата од окружувањето, тргнувајќи во неорганизирано повлекување. Искачувајќи се на висовите, војниците на Суворов стапиле во борба со бајонети, која на Суворов му давала предност и во која руските војници биле неприкосновени. Додека сојузничките сили го претрпеле најголемиот дел од своите загуби качувајќи се кон утврденото место, Французите катастрофата ја доживеале за време на повлекувањето.

Воена енциклопедија на Ситин (Санкт Петербург, 1911-1915)

Битката за Нови е интересна и поради тоа што поголем дел од жителите бил на страната на јакобинците, па затоа им помагале на Французите, а на неколку места жителите на градот убиле неколку руски војници, пукајќи им в грб, поради што војската извршила одмазда над делот цивили за кој Багратион му рапортирал на Суворов.

Во текот на битката за Нови француските загуби биле над 20.000 загинати, ранети и заробени што речиси во целост ја обезглавило француската Алпска армија. Загубите на сојузниците изнесувале над 6.000 загинати и ранети. Најголем дел од загубите на сојузничката армија бил составен од Австријци (околу 2/3) кои загинале на почетокот од битката. Суворов уште еднаш ја докажал доминацијата на својот начин на војување во колони и давање предност на борбата со бајонети „Куршумот е слеп, а бајонетот е јунак“ (Пуля — дура, штык — молодец).

Прочитајте исто така: Суворов, необичниот воен гениј кој не изгубил ниту една битка

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња