„Во СССР нема секс!“: што се крие зад ова мистериозно тврдење?

Н. Ватолина, Н. Денисов, Russia Beyond
Оваа урбана легенда со текот на времето стана популарна крилатица. А, всушност е извадена од контекст. Еве како се има случено тоа.

Како затворена земја зад железната завеса, Советскиот Сојуз беше мистериозна територија на некој што работите ги гледа отстрана, што често доведуваше до претерани и погрешни интерпретации. За време на студената војна и американските и советските медиуми ги преувеличуваа фактите и спинуваа вести според како што сакаа тие.

Во 1986 година советскиот новинар Владимир Познер и неговиот американски колега Фил Донахју ја направија една од првите американско-советски телеконференции меѓу двете ривалски земји која беше емитуванa во живо. Таканаречените „телемостови“ кои ќе станат традиција требаше да ја пополнат информациската празнина и да им овозможат на луѓето од двете земји да ги надминат предрасудите во меѓусебниот разговор.

Познатата фраза „Во СССР нема секс“ настана во текот на ова емитување. Жените од Бостон и од Ленинград поставуваа многу прашања едни на други, обидувајќи се да дознаат сè за животот од другата страна на железната завеса.

Едно од прашањата од Бостон се однесуваше на советските реклами. Американката рече дека во САД рекламите се многу поврзани со сексот и праша дали во советските реклами има секс. Жената од СССР, Људмила Иванова, одговори: „Не, кај нас нема секс и ние сме решителни против тоа“. Ова веднаш предизвика бура од смеење кај советската публика, но јасно се чу како една друга жена додава: „Кај нас има секс, само немаме такви реклами“.

Подоцна, во 2004 година, во интервју за списанието „Комсомољскаја правда“ Иванова тврдеше дека всушност рекла: „Нема секс во СССР, наместо тоа имаме љубов“, но дека последниот дел од реченицата не се чул од смеењето на публиката.

„Дали грешам? Зборот секс беше речиси непристоен. Ние немавме секс, ами водевме љубов. На тоа мислев“, додаде таа.

Верзијата за „љубов наместо секс“ подоцна ја потврди директорот на телемостот Владимир Мукусев. Исто така рече дека Иванова го замолила да го избрише тој дел од снимката. Објасни дека извесно време размислувал за тоа, но дека на крајот решил да го остави тој дел што советската и американската публика ги обедини во заедничко смеење, давајќи нешто духовито што ги поврзало. Тоа очигледно ја погодило Иванова, вели Мукусев.

Фразата „Во СССР нема секс“ веднаш беше извлечена од контекстот и стана виц како за Американците, така и за Советите. Вторите сакаа да додаваат дека децата во СССР се раѓаат од љубов... кон Комунистичката партија!

Кратка историја на сексот во СССР

По Октомвриската револуција од 1917 година имало предлози „слободната љубов“ да се искористи како поттик за демографски пораст, а бракот да биде прогласен како надминат остаток од буржоаското минато. Навистина можеме да кажеме дека тогаш дошло до сексуална револуција. Дваесеттите години од минатиот век во СССР биле обележани со авангарден вредносен систем кој опфаќал слободна љубов и отворена еротика.

Меѓутоа, советските власти набргу сфатиле дека новата држава нема корист од ваквите морални принципи, па во советското општество биле воведени строги пуритански норми. „Сексуалниот промискуитет“ почнал да се доживува како остаток од капитализмот и со самото тоа како неприфатлива појава.

Отворениот разговор за сексот набргу станал табу во СССР, резервиран само за интимниот круг пријатели или за љубовниците во нивните домови. Освен тоа, во Советскиот Сојуз сексуално образование до триесеттите години од минатиот век речиси не постоело (за разлика од раните денови на Лениновиот болшевизам, кога се водела борба против сексуално преносливи болести, на пример).

„Малата Вера“, Василиј Пичул. Горки филм, 1988 година.

Меѓутоа, во осумдесеттите години од минатиот век, со почетокот на перестројката, советските медиуми почнаа да објавуваат информации за сексот, за контрацепцијата и за слични теми. Дури тогаш сексот се врати во јавната сфера, што може да се види во уметноста, особено во кинематографијата од тој период.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња