Како руска анархистка стана „најопасната жена во Америка“

Фоторобот направен во 1901 година кога Голдман била обвинета за вмешаност во убиството на претседателот Макинли.

Фоторобот направен во 1901 година кога Голдман била обвинета за вмешаност во убиството на претседателот Макинли.

Библиотека на Конгресот
Со години Ема Голдман им создавала големи главоболки на властите во САД, а не можела да најде заеднички јазик ниту со лидерите на советска Русија.

„Протестирајте пред дворците на богаташите, барајте работа! Ако не ви дадат работа, барајте леб! Ако не ви дадат леб, земете си го сами!“, полна со жар извикувала Ема Голдман, држејќи говори на митинзите пред насобраните работници. „Црвената Ема“ е еден од најмаркантните лидери на анархистичкото движење од почетокот на 20 век. Во постигнувањето социјална правда не постоел метод кој на неа би ѝ бил одвратен.

Благодарение на интензивното дејствување против постоечкиот режим во САД станала практично државен непријател. Првиот шеф на Еф-Би-Ај Џон Едгар Хувер дури изјавил дека Голдман е „најопасната жена во Америка“.

Борба против власта

Ема Голдман стои на автомобил и зборува за контролата на раѓање, Јунион сквер парк, Њујорк 21 мај 1916 година.

Ема Голдман е родена во еврејско семејство во близина на западните граници на Руската империја. На свои 17 години се преселила во САД и веднаш се вклучила во тамошното анархистичко движење.

Станала убеден противник на државните и на црковните институции, се борела за рамноправност на половите и била против бракот што ги ограничува женските права. „Јас сакам слобода, право на сопствена афирмација, општо право на нешто убаво и впечатливо, а анархизмот за мене е токму тоа. Јас ќе живеам токму така, без оглед на останатиот свет, на затворите, на прогоните или на што и да е друго. Па, дури и ако ме осудат најблиските другари, јас сепак ќе живеам со својот прекрасен идеал“.

Беркмановиот обид за убиство на Хенри Фрик, илустрација на В.П. Снајдер за списанието „Харперс викли“, 1892 година.

Ема во 1892 година му помогнала на својот љубовник, истомисленик и соборец Александар Беркман да изврши атентат врз индустријалецот Хенри Клеј Фрик, најголемиот непријател на синдикатот и „најомразениот човек во Америка“. Обидот бил неуспешен, а Беркман бил осуден на 14 години затвор. Во таа пригода Голдман ја избегнала затворската казна, но во следните години била повеќепати апсена поради повик на бунт, ширење штетна литература, па дури и за организирање на атентат врз претседателот Вилијам Макинли (иако нејзината вина не била констатирана).

На Ема Голдман уште во 1908 година ѝ било одземено американското државјанство, но таа продолжила да живее во САД и да се бори за своите идеали. Сепак, властите нашле начин да се ослободат од ваквиот непријател.

Советскиот кораб

Ема Голдман со адвокатот Хари Вајнберг на патот кон островот Елис од каде ќе биде депортирана во Русија.

Во јуни 1919 година во неколку американски градови била извршена серија терористички напади кои ги организирале поддржувачите на италијанскиот анархист Луиџи Галеани, насочени против јавните обвинители и судии. Немало жртви, но целата земја била зафатена од паника.

Биле преземени незапаметени мерки за безбедност. Во таканаречените Палмерови акции, односно упади што ги организирал државниот јавен обвинител Александар Мичел Палмер, приведени се 249 екстремни левичари и анархисти. Тие во поголем број биле доселеници од Руската империја без американско државјанство.

Меѓу нив била и Ема Голдман. Таа била обвинета за поттикнување бунт, а не ѝ биле заборавени ниту претходните многубројни кривични гонења. Ема заедно со истомислениците била качена на парабродот „Буфорд“ и била испратена во советска Русија. Во печатот овој брод го добил прекарот „Советскиот кораб“. За протерувањето на „црвената Ема“ особено се залагал Едгар Хувер, кој тогаш бил помошник на Палмер.

Во советска Русија

Ема Голдман и Александар Беркман.

Иако марксистите и анархистите одамна се имале разидено и тргнале по различни патишта, а Голдман зборувала дека марксизмот е „студена, механичка и ропска формула“, сепак таа имала големи надежи во земјата во која победил социјализмот. Но, набргу доживеала големо разочарување.

„Црвената Ема“ воопшто не била воодушевена од тоа што болшевиците ги сузбиваат нејзините соборци-анархисти и што создале толку гломазен бирократски апарат. Во средбата со Ленин ја обесхрабриле зборовите на тој „прониклив Азијат“ дека слободата на говорот може малку да се жртвува во вонредни околности.

Последната капка во чашата на нејзиното трпение било бруталното задушување на Кронштатското востание на морнарите од 1921 година. На Голдман не ѝ биле туѓи бруталните мерки: „Во борбата против социјалното зло допуштени се сите крајности, зашто екстремните сфаќања во најголем дел се најправилни“. Но, бруталноста во Кронштат билa претеранa дури и за неа: „Видов огромна болшевичка држава која го крши секој творечки револуционерен напор, која гази, понижува и уништува сè пред себе“.

Враќање

Ема Голдман, некогаш еден од најопасните лидери на радикалното движење, сега (15 години по депортацијата) радосна што се вратила во САД била благодарна на претседателот Рузвелт за дозволата за престој во Америка 90 дена. Фотографијата е направена на 2.02 .1934, кога Голдман допатувала во Њујорк.

На крајот Ема Голдман и Александар Беркман (кој цело време бил со неа) ја напуштиле Русија и повеќе никогаш не се вратиле. Следувале години на долготрајни талкања по туѓи земји.

Голем број истомисленици ја отфрлиле Голдман поради нејзината аверзија кон болшевиците, но „црвената Ема“ не сакала да се откаже од мислењето што го добила за советска Русија.

Ема Голдман починала во Торонто на 14 мај 1940 година. Американските власти на крајот се помириле со својот стар непријател и дозволиле нејзините посмртни останки да бидат погребани на територијата на САД. На споменикот на нејзиниот гроб во Форест Парк (Илиноис) биле изгравирани нејзините зборови: „Слободата нема да се спушти кај народот, народот треба самиот да се воздигне и да ја дофати Слободата“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња