Зошто во Руската империја имало толку многу Германци?

Доаѓање на странци во Москва во 17 век./Работниците истоваруваат вреќи со жито во германската дијаспора на Волга. 1921 година.

Доаѓање на странци во Москва во 17 век./Работниците истоваруваат вреќи со жито во германската дијаспора на Волга. 1921 година.

Сергеј Васиљевич Иванов/Третјаковска Галерија/Sputnik
Германците служеле во руската армија, ја подигале руската наука, па дури и управувале со Русија. По Елисавета Петровна Сите руски цареви имале германско потекло. Како?

Во Москва сѐ уште може да се слушне легендата дека многу згради во текот на педесеттите години од минатиот век ги „изградиле заробени Германци“. Вистината е дека до 1950 година сите воени заробеници од Германија веќе биле вратени во татковината и дека никој од нив нема градено никакви згради, но е споменатата легенда е популарна пред сѐ поради врежаниот став за „германскиот квалитет“, а тој се засновува на фактот дека Русите и Германците уште од 15-16 век биле во извесна смисла „збратимени“ народи.

Со крст и со меч

Тевтонски витез (лево) и неговиот брат по оружје (десно).

Секако, сето тоа започнало со окупација. Уште во 1147 година, кога руските земји тукушто почнале да се собираат, а Москва сѐ уште била мала тврдина (иако прилично моќна), саксонските кнезови тргнале во Вендската крстоносна борба со цел да ги христијанизираат и да ги покорат паганските племиња на Балтикот. Во тој поход учествувала и војската на еден руски кнез, но не се знае точно кој. Русите тогаш веќе биле христијани и исто така „фрлиле око“ на Балтикот.

Конрад Мазовецки со сопругата. Уметничка фантазија на Јан Матејко.

Кога полскиот кнез Конрад Мазовецки во 13 век побарал помош од Тевтонските витези во борбата против пруските пагани кои ја нападнале полската земја, на тој потег го наговорила неговата сопруга Агафја Свјатославовна, Русинка од родот Рјурикович. По неколку векови Русите и самите војувале против Ливонските витези кои биле огранок на Тевтонскиот ред.

Германците на Балтикот главно биле присутни како владејачка аристократска врхушка и не оделе во руските краишта. Кога од 15 век Москва почнала да се ослободува од политичката власт на Златната орда и да ги обединува руските земји, на московските кнезови им биле потребни искусни воини, инженери и научници, а Германците биле прочуени во сите овие области.

„Во лов на чинови и среќа“

Василиј Трети на француска гравура, Андре Тевет.

За волја на вистината, кога станува збор за Германците во Русија пред Петар Први, големи забуни внесува фактот што Русите тој назив го користеле и за Французите, и за Британците, и за Швеѓаните, и за Холанѓаните и за многу други странци. Само за Италијанците бил „резервиран“ зборот „Фрајзи“ или „Фрајзини“. Сите останати дојденци од Западна Европа за Русите биле „Немци“ од зборот „нем“, односно оној што не умее да зборува (разбирливо). Поради тоа не е лесно да се именуваат првите Немци, односно Германци, (во денешната смисла на овој збор) кои служеле на дворот на Иван Трети Велики и на Василиј Трети.

Се знае дека на московските кнезови им биле потребни мајстори за правење оружје и за утврдување, минери и артилерци, а исто така и стручњаци за ископување руда. Познато е дека во 1491 година во Русија се повикани двајца германски стручњаци за руда. Тие во Печора пронашле резерви на сребро. Во Москва немало образовани лекари и аптекари. На дворовите на московските кнезови во 15 и во 16 век живееле лекарите Николаус Билов и Теофил Маркварт од Либек.

За време на владеењето на Иван Четврти Васиљевич во Москва се појавила првата германска населба, таканаречена Немецкаја слобода. Иван во 1551 година испратил во германските земји човек чие презиме било Шлите, за да врбува Германци кои сакаат да живеат и да работат во Русија. Тој довел 123 лица. Тоа биле лекари и аптекари, теолози и правници, архитекти и резбари, златари и леари. Подоцна, за време на Ливонската војна, германското население од градовите што ги зазела Москва исто така се прошириле низ руските земји. Некои германски наемници дури и станале многу познати (по лошо). Еден од нив е авантуристот Хајнрик фон Штаден, кој служел како опричинец во цревата гарда.

Населбата Немецкаја слобода. Од гравурата на Хенрик де Вито, почеток на 18 век

По смртта на Иван Грозни во Русија за време на Борис Годунов доаѓаат сè повеќе германски трговци и се појавува нова германска населба на реката Јауза. Кон средината на 17 век имало толку многу Германци што царот Алексеј Михајлович го ограничил правото на купување куќи од руското население зашто стравувал дека предприемчивите и трудољубиви Германци ќе ги остават Русите без покрив над главата. Германците живееле компактно, во Немецкаја слобода, исповедале лутеранство и имале свои храмови и празници. Куќите ги правеле во европски манир, покривите со коси страни и остри врвови, палисадите ги украсувале со цвеќе, со дрвени павилјони и рибници. Носеле европска облека и живееле во западен стил. Имало тука и Англичани, Холанѓани, Данци, Швајцарци, Французи и Швеѓани, и сите комуницирале на германски.

Лутеранска црква св. Михаил. Била на местото на центарот ЦАГИ (Централен аерохидродинамички институт) на аголот на улиците Радио и Новокирочната улица. Урната е во 1928 година.

Познати жители на Немецкаја слобода биле лекарот Лаврентиј Блументрост, златарот Јуриј Форбос, аптекарот Јохан Гутеменш, пасторот Јохан Готфрид Грегори, кој дал голем придонес во развојот на рускиот театар, а исто така и генералот Франц Лефорт кој е родум од Женева и одиграл голема улога во руската историја, спријателувајќи се со младиот цар Петар.

Германофили на рускиот трон

Франц Лефорт

Германецот Франц Лефорт и шкотскиот генерал Патрик Гордон биле најблиски и најдобри пријатели на младиот цар кој често наминувал во Немецкаја слобода. Петар од татка си ги наследил љубовта и пристрасноста кон сето она што доаѓа од Европа. Тој во 1697-1698 година заминал на Големата мисија во Европа, каде врбувал странски инженери и офицери, по што Русија била преплавена од нов бран „висококвалификувана работна сила“.

Финансистот Хенрик фон Фик, бароните Георг Густав фон Розен и Карл Евалд Рене (обајцата биле генерали), поетот и преведувач Јохан Паус, офицерот и чиновник (и иден канцелар) Андреј Остерман, грофот Бурхард Кристоф фон Миних, генерал-фелдмаршалот и инженер Георг Вилхелм де Генин, генералот Јохан Вејсбах, генералот Адам Вејде... Сите овие Германци биле пријатели и соработници на Петар Велики, заедно со него ги поставиле темелите на Руската империја и направиле многу работи за нејзината слава. Често овие луѓе потекнувале од прилично сиромашни семејства, но со своите дела ги потврдиле принципите што ги поддржувал Петар: не потеклото и националноста, ами талентот и заслугите го прославуваат човека во служењето на Русија.

„Императорката Екатерина Втора“, литографија на непознат автор.

Државниот систем што го изградил Петар Први практично бил ископиран по германскиот пример. Ова особено се однесува на Табелата на рангови, односно на списокот цивилни, армиски, морнарички и други чинови и звања во Руската империја. Затоа на Германците им било „мило“ да живеат и да работат во Русија.

Прослава на 250-годишнината од Манифестот на императорката Екатерина Втора „За повикување странски доселеници“ и 90-годишнината на Државниот историски архив на Германците во Поволжје, во градот Енгелс, Русија, 19 јули 2013 година.

Делото на Петар го продолжила Екатерина Велика, чистокрвна Германка која дошла на власт најпрво како сопруга на императорот Петар Трети (исто така Германец), за потоа по превратот да ја преземе власта во свои раце. Таа во 1762-1763 година, штом седнала на тронот, издала два манифеста во кои ги повикувала странските колонисти да се преселат во Русија. На сите кои биле заинтересирани власта им ветувала дека ќе им ги плати трошоците за преселување. Овие луѓе во Русија добивале лична слобода, слобода на движење и вероисповед, биле ослободени од плаќање даноци и, што е најважно, не морале да служат во армијата. Германските кнежевства во тоа време непрекинато војувале, па Германците бегале во Русија со цели семејства. Екатерина, меѓутоа, ги повикувала од други причини. Имено, во Русија немало доволно селани кои би ја обработувале земјата и би ја хранеле војската, па се надевала дека со колонизацијата ќе се смени ситуацијата.

Лидија Мертес (лево) од Екибастуз ѝ покажува на Аљона Шмит како да ракува со стара ткајачница. Германците во Казахстан се трудат да ги зачуваа своите народни обичаи.

Првата „партија“ колонисти, околу 25.000 луѓе, биле испратени во Поволжје. Условите при патувањето биле ужасни. Германците не биле навикнати на такво нешто. Секој десетти не стасал на одредиштето. И покрај тоа, наскоро во Поволжје се појавиле над 100 германски села. Следниот „бран“ емиграција следувал по манифестот на Александар Први од 1804 година, кога императорот повторно ги повикал Германците да ја обработуваат земјата. Во Русија во текот на 18 и 19 век се појавиле поволшки Германци, Германци кои живееле на територијата на Казахстан, во Донскиот крај, а исто така кримски и украински Германци. Тука се набројани само најголемите заедници на германската дијаспора. Веќе во 1913 година во Руската империја имало околу 2.5 милиони Германци, без да се сметаат русифицираните Германци и нивните потомци.

Секоја заедница Германци во руската дијаспора има свој историјат, свои искачувања и падови. Во времето на СССР во Поволжје 18 години постоела германска Автономна Советска Социјалистичка република, а Германците на Крим во 1918 година дури и се обиделе да основаат сопствена држава. Но, сето тоа се теми кои заслужуваат посебно внимание. Во секој случај, историјата на рускиот народ и историјата на германскиот народ непрекинато биле во таков сплет што една без друга не можат ни да се замислат.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња