Путин обелодени детали за запоседнувањето на аеродромот Слатина на Косово 1999 година

AFP
Претседателот на Русија Владимир Путин во разговор со новинар се присети на настаните од 1999 година, кога припадниците на здружениот баталјон на руските десантни падобрански сили го запоседнаа аеродромот Слатина на Косово.

Рускиот претседател раскажа како од него било побарано мислење за таква акција и дека тој одговорил дека тоа треба да се стори доколку тоа е целисходно.

На 12 јуни 1999 година руска единица изведе засилен марш и влезе во Приштина. Тоа беше операција на здружениот баталјон на руските десантни падобрански сили во рамките на меѓународниот мировен контингент во Босна и Херцеговина (Угљевик). Целта беше Русите да го запоседнат аеродромот Слатина и да ја преземат контролата над него пред да стигне британската единица на мировните сили на НАТО.

Познато е дека во мај 1999 година мајорот Јунус-Бек Евкуров доби од воениот врв на РФ тајна задача со група од 18 борци на спецназот на Главната разузнавачка управа (ГРУ) на Генералштабот на Русија незабележливо да продре на Косово и Метохија, да го запоседне аеродромот Слатина и да се подготви за доаѓањето на главнината на рускиот мировен контингент.

Јунус-Бек Евкуров

„Можам да раскажам како е донесена таа одлука (да се запоседне аеродромот – ред.). Јас тогаш бев секретар на националниот Совет за безбедност. Ми пријде началникот на Генералштабот, тогашниот генерал (Анатолиј – ред.) Квашнин, и рече дека постои идеја за запоседнување на аеродромот (Слатина – ред.). На моето прашање „Зошто?“ тој одговори дека ние секако ќе мораме еден ден да си заминеме од таму, но ќе можеме да бараме нешто за возврат“, рече Путин во интервјуто за емисијата „Москва. Кремљ. Путин“ на каналот „Русија 1“ кога му беше поставено прашањето кој и кога ја донел одлуката за запоседнување на аеродромот.

Рускиот претседател тогаш, како што вели, знаел дека Квашнин не сака да ризикува и тоа прашање да го усогласи со највисоките функционери, па ни со Министерството за одбрана, но сепак го повлекол тој потег. Путин истакна дека генералот поразговарал со него за тоа и го прашал за мислење.

„А јас му реков: „Ако сметаш дека тоа е целисходно, направи така“, заклучи Путин.

Прочитајте повеќе: Со фрлач на гранати против колоните на НАТО: Сеќавање на руски падобранец на аеродромот Слатина

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња