По каква тајна трагале Хитлеровите окултисти во Советскиот Сојуз?

Getty Images, Russia Beyond
Идејата за ариска расна доминација во нацистичка Германија доживеала неколку метаморфози. Едно време СССР било местото на кое нацистите се обидувале да пронајдат (според нивното мислење) највалидни докази дека се виша раса.

„Ние немаме ништо заедничко со оние кои национализмот го сфаќаат само како збир легенди и мотиви [...] Сега тие почнуваат да вршат истражувања засновани на митската култура на Атланта!“, рекол Адолф Хитлер во 1936 година, само една година по основањето на структурата „Аненербе“ (во превод: „Наследство на предците“), која била нешто како германски „истражувачки институт“ за проучување на окултната практика и легендите. Како фирерот воопшто допуштил постоење на ваква организација?

Со текот на времето Хитлер го менувал ставот кон окултистите. До 1920 година тој и неговите соборци од идната Национал-социјалистичка партија покажувале голем интерес за мистичните аспекти на потеклото на германските племиња. Се појавувале во разни друштва (како Друштвото Туле) каде се проучувани старогерманските култови и паганизмот. Неопаган, на пример бил Алфред Розенберг кому Хитлер во 1934 година му го доверил идеолошкото воспитување на партијата (и покрај негодувањата од страна на црквата). Подоцна овој интерес на Хитлер за окултистите спласнал. Тој во книгата „Мајн кампф“ отворено ги критикува.

И покрај тоа, организацијата „Аненербе“ постоела до 1945 година зашто во германската елита имало многу луѓе кои и понатаму биле загреани за ваквите идеи. Структурата „Аненербе“ набргу по основањето официјално станала дел од СС-дививизиите. Во нејзините рамки над 300 научни организации се занимавале со потрага по наследството и традициите на таканаречената „германска раса“. За волја на вистината често со ваквите „истражувања“ се занимавале така што низ целиот свет трагале по необични нешта како мечот на кралот Артур или Светиот грал. Окултистите сметале дека сето тоа се траги од „ариевската ризница“. Некои од тие нешта, според нив, се наоѓале во Советскиот Сојуз, и конкретно на Кавказ.

Каде се кријат Атлантите?

Тибетска експедиција на СС „Аненербе“, Ласа 1939 година. Зоологот Ернст Шефер (1912-1992), раководител на експедицијата (во средината), археолозите Бруно Негер и Едмунд Гер (лево) и Карл Винерт (десно) со Тибеќанци.

Според теоријата на некои нацисти Тибет би можел да биде колепка на ариската раса. Припадниците на организацијата „Аненербе“ во 1938 година под раководство на зоологот Ернст Шефер, човек од блиското опкружување на Хитлер, заминале на експедиција на Тибет каде покрај научните задачи требале да пронајдат и траги од „ариската“ прарелигија, а исто така и од Атлантите, за кои верувале дека се предци на ариевците.

Се претпоставувало дека Атлантите сè уште постојат и дека се кријат длабоко во пештерите на Тибет. Се подразбира дека од локалните лами Германците не добиле никакви податоци за овие пештери, но потрагата не завршува на тоа. Имено, во тој момент се појавила теорија дека постои „таен влез“ во тибетските пештери, и дека тој се наоѓа на Кавказ.

Германски единици се качуваат на Елбрус (Русија), најголемиот врв во Европа. Август 1942 година

„Дејствувањето на организацијата Аненербе на Кавказ е познат факт“, вели докторот по историски науки Игор Василев. „Германските окултисти веројатно го третирале Кавказ како некоја попристапна варијанта на Тибет каде исто така барале разни 'чуда'“.

Во август 1942 година елитната алпска дивизија на Вермахтот со припадници на организацијата Аненербе се искачила на врвот Елбрус во Кабардино-Балкарија и таму поставила нацистичко знаме. Оваа операција под називот „Рунолист“ (германски Edelweiss), според мислењето на истражувачите, немала никаква воена цел. Нацистите сакале да стасаат до јужен Кавказ, односно до црноморските пристаништа и нафтените наоѓалишта во Баку, а не да се искачуваат на врвот.

Згора на тоа, министерот на Третиот рајх за вооружување и муниција Алберт Шпер му забележал на Хитлер во врска со ова и многу се налутил: „Дури и неколку дена подоцна тој пред сите и во секоја пригода зборуваше против 'овие ударни алпинисти' кои 'треба да бидат изведени пред воен суд' затоа што во екот на војната се поведуваат по 'идиотски амбиции', освојуваат 'идиотски врвови', а тој им наредил сите сили да бидат насочени на пробој кон Сухуми“.

Првата брдска стрелечка дивизија на Вермахтот на Кавказ. Русија, Втора светска војна.

Како и да е, врвот бил освоен и во негова близина била основана база. Во подножјето на Елбрус во 2015 година под лавината беа пронајдени посмртните останки на чета германски војници од дивизијата “Еделвајс“. Недалеку од ова место, во планинскиот масив Хара-Хора, во пештера долга 78 метри најден е помал сив куфер и во него симболот на Аненербе – череп и коски чие потекло е мошне тешко да се определи.

Череп и коски

Куфер на организацијата Аненербе

„На ова подрачје навистина дејствувала екипата на Херберт Јанкун [професор и археолог кој во тоа време бил познат во Германија] што ја има испратено Аненербе“, потврдува Константин Залески, историчар на Третиот рајх. „Таа најпрво била на Крим, а потоа стасала до Кавказ. За тоа постојат документирани докази. Експедицијата ја обезбедувале вооружени СС-единици. Оваа екипа се занимавала исклучиво со наоѓање и пљачкосување археолошки артефакти“.

Најверојатно и черепот бил еден таков артефакт кој требало и да биде однесен во Германија, смета Залески. Судејќи според черепот, тоа суштество имало екстремно големи очи, ноздри и два израстоци како рогови, но немал отвор за уста.

Фотографија на черепот од куферот

Палеонтологот Николај Оводов, постар научен соработник на Институтот за археологија и етнографија на Сибирското одделение на Руската академија на науките, вели дека нацистите можеле да помислат дека тој череп е нешто мистично, а тоа можеби е обичен овнујски череп. „Черепот најверојатно извесно време се наоѓал во проточна вода со песок и седимент, па со текот на годините се деформирал“, претпоставува тој.

Долмени

Дрвен мегалитски објект на долмени, село Пшада, Краснодарски крај, Русија

Организацијата Аненербе ја привлекувале и долмените, објекти од камени плочи со тркалезен отвор во ѕидот. Ги има на југот од Русија (пронајдени се и во Франција, Шпанија, Кореја, Кина и во Северна Африка). Нацистите своевремено верувале дека таинствените долмени имаат врска со Атлантите и дека се градени на места на некакви аномалии. „Германците најверојатно барале потврда дека овие артефакти се производ на древните Аријци или можеби на Готите кои минале низ овие краишта“, претпоставува Игор Василев.

Сè уште се дискутира за тоа на кој начин биле подигнати овие градби. Во научните кругови честа е верзијата дека долмените, како и сите мегалити (градби од тешки камени плочи) се подигнати во бронзената доба на подрачјата со геолошка аномалија на Земјината кора, на нејзините раседи. Истовремено се подигнати по неколку стотини вакви објекти, предвидени за погреб (нешто како семејна гробница). Во еден долмен можело да има по неколку десетици човечки останки.

"Жива вода“

Езерото Рица

По овој „пронајдок“ Аненербе трагал уште пред Втората светска војна. Како што пишува „Росијскаја газета“ хидролозите од тајното друштво дошле до заклучок дека водата од пештерата пред езерото Рица (Абхазија) е идеална за правење плазма на човечка крв. Германските стручњаци за планински патишта, наводно, од таа причина му ја понудиле својата помош на СССР кога се правел патот Пицунда-Рица. Овој пат имал стратешко значење.

„'Живата вода' од Абхазија во сребрени канистери најпрво се носела до брегот на морето, а потоа со подморници во базата во Констанца, и на крајот со авион во Германија. Постоела дури и намера од морето до Рица да се направи тунел за подморниците“, вели Иван Бормотов, стручњак за ова подрачје и доцент на Мајкопскиот државен технолошки универзитет. Овие планови ги попречила војната.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња