Што барале окултистите на СС дивизијата во планините на Адигеја?

Владимир Аносов/РГ
Во планините на Адигеја (република во состав на РФ) беа пронајдени два черепи на битија кои им беа непознати на научниците и сандак со амблем „Аненербе“ – тајно друштво при Хитлеровите СС единици кои се занимавале со окултни науки и ги истражувале задгробните сили.

Според научниците, есесовците најверојатно ги интересирале тајните на древните долмени, како и аномалиите на зголемената природна радиоактивност во подрачјето на Кишинскиот кањон. Исто така, можеби и биле во потрага по златото на Кубањската Рака, која во текот на Руската граѓанска војна исчезнало во овој крај.

Меѓу другите ретки пронајдоци треба да се спомене и германската карта на Адигеја во боја направена во 1941 година. Научниците биле изненадени од прецизноста на вцртаните објекти и детали.

Артефактите, секако, ги заинтересирале и стручњаците. На историчарите им се познати многу детали од операцијата на Вермахтот под шифрираниот назив „Еделвајс“, за време на која на Елбрус (највисокиот врв на Европа) во Кабардино-Балкарија, се поставени знамиња со фашистичка симболика. Но, што барала тајната германска организација во планините на Адигеја?

Пронајдок во шума

Во населбата Каменомостски, во етнографскиот комплекс „Беловодје“ се чуваат и мистериозни черепи и тајни куферчиња на есесовските окултисти. Сето тоа може да се види и да се допре.

„Еден постар локален жител ми донесе сандак со кафеава боја со кожна рачка и со амблем на тајното друштво Аненербе на капакот“, раскажува сопственикот на „Беловодје“ Владимир Меликов. „Овој мештанин е вистински пустиник, живее во шума во колипка, но никој не знае каде точно се наоѓа таа. Тогаш си помислив дека можеби старецот нашол некое засолниште во шумата. Сите најдени работи се добро зачувани. Чкорчињата, на пример, изгледаат како сега да можат да се запалат. Ретко кој има среќа да најде нешто вакво“.

...Го гледаме поклопецот на сандакот на кој јасно се гледа официјалниот амблем на друштвото „Аненербе“. Гарнитурата е стабилизирана во облик на руно. Што барале тие во овие краишта?

Целосниот назив на друштвото „Аненербе“ е „Германско друштво за истражување на древната германска историја и на наследството на предците“. Оваа организација постоела во Германија во периодот од 1935 до 1945 година и е основана за проучување на традицијата, историјата и наследството на таканаречената „германска раса“.

„Тие проучувале сè што е таинствено и неидентификувано во целиот свет. Организирале експедиции на Тибет, на Антарктик и на Кавказ, барале контакт со неидентификувани летачки објекти, обидувајќи се да ја откријат тајната на апсолутната власт. Хитлерова Германија интензивно се занимавала со конструирање на нови видови оружје кое можело пресудно да влијае на текот на војната. Во друштвото Аненербе имало 350 стручњаци со извонредно образование, прекрасна научна кариера и со научни звања“.

На малкумина им е познато дека германските стручњаци за планински патишта од една воено-градежна организација неколку години пред почетокот на војната му понудиле помош на Советскиот Сојуз во изградбата на патот Пуцинда-Рица, демек од интернационални побуди. Патем речено, по завршувањето на работата германските стручњаци трагично загинале кога нивниот автомобил излетал на кривина во провалија. А, низ тунелите што ги имаат направено тие и денес во Рица патуваат многу туристи.

„Жива вода“ од Рица

Подоцна излезе дека тие не го изградиле туку-така овој стратешки пат. Имено, хидролозите од друштвото „Аненербе“ процениле дека составот на водата земена од изворите во пештерата во близина на езерото Рица е идеален за правење плазма за човекова крв.

„'Живата вода' од Абхазија во сребрени канистери најпрво била испорачувана на брегот од морето, а потоа со подморници на базата во Констанца, и на крајот со авион во Германија“, вели Бормотов, доцент на катедрата за економија и управување со претпријатијата на Мајкопскиот државен технолошки универзитет. „Дури постоела и намера од морето до Рица да се изгради тунел за подморница, но започнала војната и со тоа овој план изгубил на важност“.

Кога станува збор за Адигеја, познат е фактот дека во Мајкоп престојувал планински корпус на Вермахтот од планинско-стрелечките дивизии кои се искачиле на Елбрус. Во долината на реката Бела, во близина на станицата Даховска, во подножјето бил сместен СС полкот „вестланд“, а меѓу реките Пшеха и Пшиш се наоѓале тенковските полкови „Германија“ и Нордланд“.

Есента 1942 година на аеродромот во Мајкоп била базирана Третата германска извидувачка ескадрила на четиринаесеттата извидувачка група во која се наоѓале двомоторни авиони за набљудување FW-189. Тоа всушност биле летачки лаборатории.

„Тоа било и повеќе од доволно обезбедување за тајните истражувања кои организацијата Аненербе ги вршела во планините на Адигеја“, смета Бормотов. „Во Мајкоп биле сместени штабовите на единиците на Вермахтот. Од овој град Германците командувале со целокупната воена кампања на Кавказ. Есента 1942 година во планините на Адигеја не постоела непрекината одбранбена линија, и ние знаеме дека имало продор на определени германски единици длабоко во планините. Нејасно е зошто германските падобранци во август 1944 година извршиле десант на планинскиот гребен Пшекиш, каде во тој момент линијата на фронтот била отидена далеку на запад. Што не стасале да завршат фашистите на Пшекиш? Дали е тоа можеби поврзано за истражувањата на стручњаците од друштвото Аненербе?“

Според овој научник може да се претпостави дека Германците биле заинтересирани за долмени, сметајќи дека тоа се „градби на праисториските атланти“ и „влез во паралелните светови“. Ваквиот нивен интерес е и разбирлив зашто научниците на Кавказ редовно пронаоѓале чудни артефакти. На пример, во медиумите се појавуваа информации дека археолозите во Боржомската кланица во Грузија пронашле скелети долги три метри, кои им припаѓале на луѓе од непозната раса.

Черепи на богови

Пред неколку години на Владимир Меликов спелеолозите му донеле два необични черепа со рогови, кои, како што тврделе тие, биле пронајдени во една пештера на планинскиот венец Бољшој Тхач. На прв поглед потсетуваа на фосили на животни, и тоа можеби мошне древни. Но, кога Меликов внимателно ги проучил черепите (сепак тој порано работел како стоматолог), почнале да го лазат трпки.

„Погледнете го тркалезниот отвор со величина на прст во долниот дел од главата“ покажува Меликов еден череп. „Тоа е корен на 'рбет. Неговата положба ни говори дека ова суштество се движело на две нозе. Друга чудна околност е отсуството на вилица и делот од черепот во кој се наоѓа големиот мозок. Наместо уста има неколку отвори распоредени во круг. Отворите за очите се необично големи, а од нив се одвојуваат два израстоци во вид на рогови. Коската на лицето е сплесната како кај антропоид.

И навистина, артефактите изгледаат необично. Дури и ако се споредат со череп на мечка која стои пред нив. Човек лесно паѓа во искушение да помисли дека во рацете држи череп на некое суштество од друга планета. Фотографиите од овие пронајдоци се испратени на московските палеонтолози, но тие само беспомошно замавнувале со главите, признавајќи дека никогаш претходно немале видено вакво нешто, внимателно алудирајќи дека тоа се можеби черепи на овни кои долго биле под дејство на воден тек со наноси од песок и дека поради тоа толку се деформирале. Но, ако е така, тогаш зошто двата черепи се деформирани синхронизирано и на ист начин.

Истражувачите претпоставуваат дека овие пронајдоци можеле да дојдат во рацете на Хитлеровите „волшебници“ кои трагале по необични артефакти.

Уште подалеку со своите претпоставки одат луѓето кои се занимаваат со митови. Тие веднаш изјавија дека станува збор за анунаки на Древните Сумери, односно рогато божество чие име се интерпретира како „оние кои се дојдени од небото“. Во сумерскиот епос тие учествувале во создавањето на светот.

„Ние можеме да измислуваме и да изнесуваме разно-разни верзии и идеи, но едно е сигурно: артефактите пронајдени во планините на Адигеја тешко можат да се објаснат“, заклучува Иван Бормотов.

Летото 2015 година на подрачјето околу Елбрус ловците на скриено благо најдоа уште едно куферче од друштвото „Аненербе“ со череп со необично потекло за кој се претпоставува дека му припаѓал на војник од ловечкиот полк кој учествувал во операцијата „Еделвајс“. Исто така пронајдоа прстен и комплетна фашистичка униформа. На прстенот е прикажан профил на војник во планински војнички качкет на кој се закачени листови од даб, а на дното цвет од бела рада. Минатата година локалните жители соопштија дека пронашле некропола со двесте тела на припадници на ловечкиот полк. Веројатно пред неколку децении ги затрупала снежна лавина.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња