Насмевка на усните, кнедла в грло: Пет шеги на Сталин

Аркадиј Шајхет; Fortepan; Григориј Вајл/Sputnik
Кога Сталин се смеел, многумина се смееле со него, но ректо кому му било до смеење.

„Сериозните шеги“ често биле своевидно оружје на многумина тирани, па и на Јосиф Сталин. Не можеме со сигурност да тврдиме дека сите шеги што му се припишуваат на Сталин се веродостојни, но во суштина го доловуваат мрачниот период на репресиите и на тешкиот живот во Сталинова Русија, и тоа понекогаш многу повеќе од определени книги кои се посветени на оваа доба.

1. Да му позавидиме на другарот Рокосовски

Константин Константинович Рокосовски.

Лев Мехлис, висок претставник на воениот врв, еднаш го известил Сталин дека маршалот на Советскиот Сојуз Константин Рокосовски (1896-1968)* е забележан со некоја убава жена на јавно место, а таа жена не била неговата сопруга. „Што да правиме“, прашал Мехлис, очигледно надевајќи се дека ќе добие некаква наредба насочена против Рокосовски. „Што да правиме?“, лукаво одговорил Сталин. „Да му завидуваме на другарот Рокосовски“.

* Истата анегдота се раскажува за генералот Иван Черњаховски (1907-1945)

2. „Без глава“

Адмиралот на флотата на Советскиот Сојуз Иван Степанович Исаков (1894-1967). Репродукција на фотографија.

Во февруари 1946 година Сталин му се јавил на Иван Исаков (1894-1967), адмирал на флотата на Советскиот Сојуз и заменик-министер на Воената морнарица на СССР и му соопштил дека е именуван за началник на Генералштабот на советската воена морнарица.

- Другар Сталин, должен сум да ве известам дека имам сериозен недостаток. Ја изгубив ногата во војната, - му одговорил Исаков.

- Дали е тоа единствениот недостаток што имате да го пријавите?

- Да.

- Претходно имавме началник на Генералштабот кој беше без глава*, и сè беше во ред, ги извршуваше своите обврски. Вие немате само нога, тоа е дреболија, - заклучил Сталин.

* Сталин мислел или на адмиралот Владимир Алафузов (1901-1966), осуден во 1948 година за шпионажа на 10 години и рехабилитиран во 1953 година, два месеци по смртта на Сталин, или на Степан Кучеров (1902-1973) кој во 1946 година беше сменет од должноста началник на Генералштабот на воената морнарица на СССР и беше поставен за командант на Касписката флота.

3. „Колку чини татковината?“

Погон за составување автомобили М-20 („Победа“) во фабриката за автомобили „Молотов“, град Горки (денешен Нижни Новгород).

Во текот на работата на проектот за новиот советски автомобил, првото сериско патничко возило по Втората светска војна, планирано било моделот да се вика „Родина“ („Татковина“). Кога тоа му било соопштено на Сталин, тој веднаш прашал: „Добро, а колку ќе чини 'Татковина'“?* По ова идејата беше отфрлена, а новиот автомобил го доби името „Победа“.

Но, документацијата потврдува дека моделот од самиот почеток го носел името „Победа“, така што приказната веројатно е измислена.

*Суптилна алузија на предавник што ја продава татковината.

4. „Ако нема нафта, нема да го има ни Бајбаков“

Николај Бајбаков, заменик-претседател на Советот на министри на СССР и претседател на Државниот комитет за планирање.

За време на Втората светска војна на фронтот се чувствувал недостиг од нафта, па пронаоѓањето и индустријализацијата на нови нафтени наоѓалишта Сталин му го доверил на Николај Бајбаков (1911-2008), министер за нафтена индустрија на СССР.

Бајбаков се спротивставил, тврдејќи дека со тогашните ограничени ресурси, потрагата по нови наоѓалишта е невозможна.

„Ако има нафта, ќе го има и Бајбаков. Ако нема нафта, нема да го има ни Бајбаков“, одговорил Сталин.

Набргу потоа пронајдено и индустријализирано е Ромашкинското наоѓалиште во Татарстан Русија_, најголемо наоѓалиште на нафта во базенот на Волга и Урал. Покрај тоа, откриени се и наоѓалишта во Башкортостан. Бајбаков живееше 97 години.

5. „Незгрижените деца се заблагодаруваат“

Вилата на Сталин во Москва

Во оваа анегдота варираат имињата, но суштината е секогаш иста. Сталин дознал дека некој висок функционер направил луксузна вила надвор од градот, па го повикал на разговор.

„Другар, ве повикав само да ви ја пренесам благодарноста на домот за незгрижени деца кому сте му ја подариле својата убава вила“. Шокираниот функционер очигледно немал забелешки.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња