Трите најдобри советски тенка во Втората светска војна

Тенкот T-34 на Парадата на победата на Дворцовиот плоштад во Санкт Петербург

Тенкот T-34 на Парадата на победата на Дворцовиот плоштад во Санкт Петербург

Алексеј Даничев/Sputnik
Отпорни на поголемиот број тогашно германско вооружување, овие тенкови сееле паника во непријателските редови.
  1. T-34-76 (T-34-85)

„Бевме воодушевени од тенкот Т-34, од неговиот квалитетен оклоп, идеалниот облик и фантастичниот топ со калибар од 76.2 милиметри кој имаше долга цевка. Сите германски тенкисти се плашеа од него до крајот на војната. Што можевме да правиме против овие чудовишта кои во голем број беа употребувани против нас?“, пишува германскиот тенковски ас Ото Кариус во мемоарите „Тигри во кал“.

Советскиот тенк Т-34 на берлинскиот пат во 1945 година

Овие советски тенкови навистина им беа кошмар на Германците на почетокот на офанзивата на СССР. Ниту нивниот противтенковски топ Пак 36, ниту нивните тенкови не можеа да сторат ништо против најдобриот среден тенк од Втората светска воја,

Т-34 лесно ги уништуваше непријателските тенкови на оддалеченост од 1.6 километри, додека непријателските тенкови нему мораа да му пријдат на 450 метри (што беше еднакво на самоубиство), доколку сакаа ефикасно да го пробијат неговиот искосен оклоп дебел 45 милиметри, Најефикасно оружје во борбата против тенкот Т-34 беше воздухопловниот топ кој за таа намена им беше поделен на единиците на германската пешадија.

Т-34 трошеше двојно помалку гориво од тенкот Панцер 4 кој му беше главна конкуренција. Со еден резервоар можеше да мине 300 километри, додека германскиот тенк минуваше 200 километри.

Беше брз, добро заштитен и добро вооружен. Од друга страна, Т-34 имаше и определени недостатоци. Најголемиот проблем се состоеше во тоа што неговата купола беше мала и можеше да прими само двајца членови на екипажот. Затоа командирот мораше да ја извршува и функцијата на нишанџија (а понекогаш беше и командир на тенковскиот вод), што негативно влијаеше на ефикасноста во борбата. 

Пролетта 1942 година Вермахтот ја доби првата партија противтенковски топови Пак 40 со калибар од 75 милиметри кои беа монтирани и на Панцер 4 како Квк 40. Тие беа ефикасни против советските тенкови. Т-34 падна во уште потешка ситуација кога во 1942-1943 година на сцена стапија германските Тигри и Пантери. 

Но, ни Советите не седеа со скрстени раце, така што во 1944 година се појави модификација на тенкот Т-34 со топ со калибар од 85 милиметри и со поголема купола во која имаше место и за нишанџија како трет член на екипажот. 

T-34-85 против тешките германски тенкови имаше многу поголеми шанси од својот претходник. Беше побрз и имаше поголеми маневарски можности. Групи тенкови од овој тип почнаа да ги ловат несмасните Тигри како што чопор волци лови див вепар. 

  1. КВ-1 

Германците овој тежок советски тенк го викаа „руски монструм“ или „привидение“. Летото 1941 година КВ-1 предизвика паника кај војниците на Вермахтот како и прочуениот Т-34. За волја на вистината, КВ не беше толку брз (34 километри на час, додека Т-34 минуваше 53 километри на час), но затоа беше подобро заштитен (дебелина на оклоп од 75 милиметри, додека кај Т-34 само 45 милиметри).

Советски тенк КВ-1 кој е оштетен во борба по поправката минува на парада пред московскиот Кремљ за потоа да се врати на фронтот. Втора светска војна, СССР. 

На овие тешки тенкови не можеа да им наштетат ниту германските тенкови, ниту германското противтенковско артилериско оружје. Најефикасно германско оружје против „монструмот“ беше противвоздушниот топ со калибар од 88 милиметри. Ефикасни беа и бомбардерите Ју-87 кои ја пикираа целта. Тие често беа повикувани штом на хоризонтот ќе се појавеа тенковите КВ. 

Во јуни 1941 година во близина на литванскиот град Расејњај тенкот КВ-1 докажа дека е навистина „неосвоива тврдина“, како што го нарекуваа германските војници. Еден таков советски тенк стоеше насреде патот во непријателската заднина и го блокираше движењето на цела дивизија на Вермахтот.

„Не беше можно да се заобиколи тенкот зашто насекаде наоколу беше бара. Не можевме да дојдеме до муниција, ниту да ги евакуираме нашите ранети, така што тие умираа“, рапортираа Германците. КВ не губеше време – уништи 12 германски камиони за снабдување. 

Обидите да се онеспособи советскиот тенк помеѓу антитенковските топови со калибар од 50 милиметри, па дури и помоќните хаубици до калибар од 105 милиметри не вродија со плод. Напротив, тенкот го возвраќаше огнот и ги уништи антитенковските хаубици заедно со посадата. 

На крајот, херојскиот КВ беше уништен со проектил со калибар од 88 милиметри. Германците во тенкот пронајдоа тела на петмина членови на екипажот и еден неидентификуван војник. Ги погребаа со воени почести. 

И покрај сето тоа, КВ-1 не беше идеален. Најголем недостаток му беше техничката несигурност. Овие тенкови често се расипуваа пред да стасаат на фронтот, па затоа екипажите ги напуштаа. Тоа можеше да му се случи и на споменатиот тенк КВ во Расејњај. Во тој случај посадата одлучила да не го напушти тенкот, ами да остане и да се бори до крај. 

Со појавувањето на германските „Тигри“ советските КВ со топ со калибар од 76 милиметри застари, па беше повлечен за да им го отстапи местото на новата генерација тешки советски тенкови со ознака ИС (руски иницијали за Јосиф Сталин). 

  1. ИС-2

За разлика од Т-34, тешките тенкови ИС-2 не мораа да се групираат во борбата против германските Тигри и Пантери. Имаа оклоп со дебелина од 100 милиметри и топови со калибар од 122 милиметри, така што рамноправно се бореа против германските „диви мачки“.

Тешкиот тенк „Јосиф Сталин“ (ИС-2) во фабрика, 1943 година

ИС-2 имаше топ Д25-Т, кој беше помоќен од KwK43 на Тигарот, но му беа потребни над 20 секунди за да се наполни. Топот во германскиот тежок тенк се полнеше за само 10 секунди, така што Германците имаа повеќе време за отворање прецизен оган. Од друга страна, советските тенкови имаа предност на поголемо растојание, до 1.6 километри.

„Тенкот 'Јосиф Сталин' со кој се соочивме во 1944 година беше, во најмала рака, еднаков на Тигарот. Имаше значително подобар облик (како и Т-34)“, напишал германскиот тенковски ас Ото Кариус во мемоарите „Тигри во калта“. На крајот исходот од двобојот помеѓу ИС и Тигар често зависеше од вештината и обученоста на посадата. 

Но, борбата против Тигрите не беше главната задача на тенковите КВ. Овој „пробоен“ тенк пред сè се користеше за офанзива на европските градови од кои нацистите направија непристапни тврдини.

ИС-2 многу брзо напредуваше по тесните улици на полските, унгарските и на германските градови. Како булдожер ги растураше пред себе непријателските утврдени положби, барикадите и бункерите. Кога овие тенкови стигнуваа на централниот градски плоштад, од нив излегуваа офанзивци со митралези, снајперски пушки и минофрлачи, и ги заземаа одбранбените положби.

Така најмоќните советски тенкови од тоа време јуришаа на Берлин. Тие први отворија оган на Рајхстагот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња