„Најпреданата и најсигурната сојузничка“, вака за Албанија зборуваше советскиот дипломат Дмитриј Чувахин кој во оваа земја беше амбасадор на СССР од 1945 до 1952 година. Во тоа време беше тешко да се најдат две толку блиски држави како што беа СССР и Албанија.
Јосиф Сталин и Енвер Хоџа
Archive photoИнтересно е што оваа балканска земја воопшто не ја ослободила Црвената армија, ами единиците на Народноослободителната војска на Југославија. Меѓутоа, Албанците го третираа Советскиот Сојуз како ослободител зашто, според нивниот лидер Енвер Хоџа, „решавачки фактор за нашата победа беше победата во Големата татковинска војна, како и помошта што СССР ѝ ја даде потоа на Албанија“ (В.В. Волков. Советско-албанските односи (1940-те-1950-те). Санкт Петербург, 2008).
Советскиот Сојуз по војната навистина ѝ дал голема помош на Албанија. Ѝ испорачувал жито, опрема и вооружување, испраќал стручњаци, градел фабрики и давал поволни кредити. Москва имаше големо влијание на внатрешната и на надворешната политика на Тирана. Дури и кога Сталин во 1948 година се скара со југословенскиот лидер Јосип Броз Тито, Енвер Хоџа веднаш застана на страната на СССР и ги расипа мошне важните односи со најблискиот сосед.
Советското раководство не вложуваше во далечната Албанија од добротворни побуди. Во односите меѓу Москва и Белград имаше извесни проблеми, така што само Тирана можеше да му обезбеди на СССР непосреден пристап до Јадранското и до Средоземното море. Советските воени бродови редовно наминуваа во албанските пристаништа, во официјална посета на Албанија доаѓаа високи офицери на советската воена морнарица. Се разгледуваше и основање на постојана воено-морска база за советската флота.
Енвер Хоџа на врвот од својата моќ
Forrásjelölés Hasonló/ (CC BY-SA 3.0)Првата сенка на советско-албанските односи падна по смртта на Сталин во 1953 година. Набргу по овој настан Енвер Хоџа ја посети Москва за со новото раководство да го разгледа пакетот помош за Албанија, но беше примен прилично студено, а поголемиот дел негови молби беа одбиени.
Студен туш за албанското раководство беше 20 конгрес на Комунистичката партија во 1956 година на кој Никита Хрушчов раскрсти со култот на личноста на Сталин. Десталинизација беше спроведена на целата територија на Советскиот Сојуз и надвор од неговите граници, во земјите-сателити. Енвер Хоџа, кој во меѓувреме стана албански Сталин, со причина се загрижи за својата положба.
Веднаш изби политичка криза позната како „Лажлива пролет 1956“. На Партијата на трудот на Хоџа ѝ се спротивставија политичарите кои сакаа да одат по „патот на Хрушчов“. Од таа внатрешна борба Хоџа излезе како победник, а тоа неговите политички опоненти го платија со слобода, а некои и со живот.
Наскоро Албанија остана единствената земја во Европа која го исповеда култот на личноста на Сталин и ја спроведува политиката на неговите принципи. „Сталин правилно ја водеше класната борба, непоштедно се бореше (и добро го правеше тоа) со непријателите на социјализмот. Сталин се покажа како исклучителен марксист-ленинист, се придржуваше на јасните принципи и се одликуваше со голема храброст, одмереност, зрелост и далековидост на револуционер-марксист“; пишуваше Енвер Хоџа во својот труд „Следбениците на Хрушчов“, издаден во 1976 година.
Во текот на педесеттите години од минатиот век советско-албанските односи постепено се влошуваа (Тирана особено ја иритираше помирувањето на Хрушчов со Тито), но соработката продолжуваше. Албанија во 1955 година стана еден од основачите на Варшавскиот пакт, а во 1958 година на советската воена морнарица ѝ ја стави на располагање воено-морската база во Валона.
Генералниот секретар на КПСС Никита Сергеевич Хрушчов разговара со албанските лидери во текот на посетата на Централниот комитет на Албанската партија на трудот во Тирана. Албанија, 26 мај 1959 година. Лево е албанскиот претседател на Советот на министри Мехмет Шеху, а десно е Енвер Хоџа.
APСепак, заемното незадоволство растеше. Албанија кон крајот на педесеттите години од минатиот век ја преориентираше надворешната политика кон Кина, како втора голема сила на социјалистичкиот блок. Тогаш во земјата потекоа кинески инвестиции. Пекинг ги ценеше податоците што му ги проследуваше албанската разузнавачка служба – од движењето на американските бродови низ Тихиот океан до тестирања на крајбрежната одбрана која ја спроведуваше Тајван.
На Московскиот собир на претставниците на комунистичката партија во октомври 1960 година Хрушчов и Хоџа се обвинуваа еден со друг за предавство на идејата на комунизмот и отстапување од „Лениновата класна линија“. Во Следните неколку години албанско-советската соработка беше згасната.
СССР во 1961 година ја запре економската помош за Албанија и ги повлече од земјата своите стручњаци. Истата година беше затворена базата на воената морнарица на СССР во Валона. Советската флота набрзина ја напушти Албанија и дури остави неколку подморници чии екипажи беа составени од Албанци.
Во меѓувреме во самата Албанија беше организирана завера против Енвер Хоџа. Заверениците беа поддржувачи на промената на политичкиот курс на земјата и за зачувување на добрите односи со СССР. Благодарение на дејствувањето на органите за државна безбедност заверата беше спречена, а нејзините лидери (вклучувајќи го и командантот на воената морнарица Темео Сејко) беа стрелани, поради наводна соработка со југословенската и со грчката разузнавачка служба.
Истата 1961 година Советскиот Сојуз ги повлече своите дипломати од Тирана и ги раскина дипломатските односи со Албанија. И источноевропските сојузници на СССР под притисок на Москва го спуштија нивото на своите дипломатски претставници во Тирана. Албанците го напуштија Сојузот за заемна економска помош (1962) и Варшавскиот пакт (дефакто од 1961, а официјално од 1968 година) иако учествуваа во основањето на оваа организација.
Варшавскиот совет на европски држави за обезбедување мир и безбедност во Европа, 1955 година
TASSАлбанија во 1975 година се скара дури и со Кина која исто така започна внатрешни политички реформи. Губејќи го последниот сојузник, Тирана 15 години беше во целосна изолација, во непријателско опкружување на капиталистичкиот и на социјалистичкиот свет.
Албанците сметаа дека се единствени вистински социјалистички земји во светот се Виетнам, Северна Кореја и Куба. Само на нивните претставници им беше дозволено да присуствуваат на погребот на Енвер Хоџа во 1985 година. Телеграмите од советските лидери (а, меѓу нив и од Михаил Горбачов) со изрази на сочувство Албанците им ги вратија на испраќачите.
Албанија фактички „заглави“ во педесеттите години од минатиот век. Од изолација излезе кога во Европа падна комунизмот и веднаш потона длабоко во економски хаос и во разуздан организиран криминал. Тогаш Москва и Тирана ги обновија дипломатските односи по триесетгодишен прекин.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче