Тито и Советскиот Сојуз: Темната страна на историјата

Getty Images
Како е заробен во Првата светска војна и што правел во руско заробеништво? Дали Тито бил Јосип Броз или го замениле? Што се знае за неговиот престој во СССР, работата во Коминтерната и конфликтот со Сталин? Зошто Сталин не сакал да го види Тито на чело на Југославија? На овие прашања за Russia Beyond-Македонија одговара д-р Никита Бондарев, историчар, политиколог, доцент на Рускиот државен хуманистички универзитет, автор на книгата „Загатката на Тито. Московските години на Јосип Броз“.

Тито и самиот сакал да зборува за тоа како, наводно, го заробиле Черкези од „дивата дивизија“. Дедиер во биографијата на Броз опишува како некој страшен Черкез со копје скокнал директно во ровот во кој бил Тито. Веднаш се поставува прашањето: зошто воопшто седел во ров ако бил извидувал? Тоа е веќе чудно.

По проучувањето на документите од архивата утврдено е дека таму ниту во близина немало никакви Черкези, ами Тито го заробиле единиците со кои командувал Манерхајм. Идниот претседател на Финска го заробил идниот претседател на Југославија. Вистински историски куриозитет!

Подоцна судбината добро го прошетала Тито низ Русија. Откако бил ранет, најпрво бил сместен во болница во која се наоѓал православниот манастир во Свијажск, во далечен Татарстан. И подоцна постојано се наоѓал на периферијата на Русија, во краишта каде живеело мнозинство неруско население. Татарстан, Мордовија, југот на Сибир, казашките степи. Долго, како што и самиот раскажувал (а, архивските податоци го потврдуваат тоа), се криел во казашките степи кај казашкиот „кулак“. Генерално, за време на своите патувања по Русија, Тито ретко и кусо престојувал меѓу луѓе од руска националност.

Дали Тито за време на своите талкања низ Русија (1915-1920) ги видел Москва или Петербург?

Дедиер во биографијата пишува дека Тито тргнал во Петербург, дека имал намера да ја премине советско-финската граница и да избега. Но, бил фатен и затворен во Петропавловската тврдина од каде одвај бил пуштен. Но, оваа информација, според моите податоци, документите не ја потврдуваат.

Доколку судиме само врз основа на фактите, најголем руски град што го видел Тито за време на својот престој во Русија е Омск. А, тоа ниту оддалеку не е престолнина. Покрај тоа, токму во Омск Тито се венчал во православна црква со својата руска жена Пелагија. Овој податок покажува дека Тито отсекогаш бил индиферентен кога станува збор за религијата. Тој не бил некој закоравен атеист: ниту во младоста, ниту во зрелите години. Да, кога дошол на власт тој, како комунист, спроведувал антирелигиска пропаганда. Но, подоцна, на пример, кога кипарскиот архиепископ Макариос бил избран за претседател на Кипар, во Југославија престанале активните прогони против Православната црква, за да не се расипуваат односите со него. Тито, едноставно, секогаш бил мошне прагматичен.

Тито, неговата сопруга Пелагија и синот Жарко.

Дали Тито бил Јосип Броз или бил заменет?

Постојат голем број претпоставки за тоа кој всушност бил Тито. Се зборува дека не бил Хрват, дека во СССР бил заменет, дека е вонбрачно роден потомок на Хабзбурговци или унгарски Евреин со презиме Амброз... Изворите ништо од ова не докажуваат.

Инсинуациите за тоа дека не знаел добро да зборува српско-хрватски и дека според својата надворешност не личел на човек од Балканот, започнаа дури кога се најде на чело на Југославија. Велат дека имал чуден „полски“ акцент. Се поставува прашањето: зошто никому не му паднало на ум да го анализира неговиот акцент или неговата надворешност додека го предводел партизанското движење?

Воопшто не се сомневам дека Тито бил Јосип Броз. Всушност, очигледно е дека жителите на земјите од поранешна Југославија, особено од подрачјето од кадешто е тој родум, можат да изгледаат сосема различно, па, меѓу другото, можат да имаат и сини очи како Тито. Кога станува збор за познавањето на јазикот, ги имам видено анкетите што Тито ги пополнувал на руски јазик додека работел во Коминтерната. Таму се појавуваат грешки кои може да ги направи само носител на српско-хрватски јазик. Освен тоа, за необичниот изговор на Тито обично пишуваат само Србите, додека на Хрватите тој не им се чини чуден и необичен.

Што се знае за работата на Тито во Коминтерната?

Кога Тито конечно излегол од затвор во 1934 година, партиското раководство заклучило дека во Југославија многу брзо повторно ќе биде уапсен и затворен, па затоа го испратиле во Москва. Што правел во Москва е големо прашање. Формално требало да работи во Коминтерната, но фактички не работел таму, ами на сосема други места.

И јас и српскиот новинар Перо Симиќ независно еден од друг дојдовме до заклучок де. .........    а Тито бил на обука во извесни структури кои истовремено биле подредени на Коминтерната и на советската надворешна разузнавачка служба. Условно да ги наречеме овие структури „Партизанска академија на Коминтерната“, а секако, официјален назив не постоел. Некаде во Московската област тие подготвувале кадри за партизански борби. Постојат сите основи да претпоставиме дека Тито и Едвард Кардељ, како и голем дел од југословенските комунисти кои во тие години се нашле во Москва, ја минале обуката во истата академија. Во Шпанија се водела граѓанска војна и советското раководство почнало да верува дека социјалистичка револуција може да се крене насекаде низ Европа, вклучувајќи го и Балканот. За тоа биле потребни обучени кадри.

Ниту еден извор директно не зборува за тоа дека Тито се школувал во таков центар. Сите документи носат ознака „доверливо“ и ќе ја носат уште сто години. Но, постојат неколку индиректни докази кои го потврдуваат тоа.

Денес за издавање на руски и на српски јазик се подготвува прирачник кој е користен за обука во таа партизанска академија. Доколку упатствата од оваа книга се споредат со она што Тито го правел за време на Втората светска војна, сè станува јасно. Кога оваа книга ќе биде објавена, сите прашања во врска со ова ќе бидат решени.

Зошто во 1948 година дошло до несогласување помеѓу Сталин и Тито?

Ова прашање не е докрај јасно. Се знае дека Тито од самиот почеток не бил човек кој Сталин би сакал да го види на чело на Југославија. За тоа постојат многу причини. Можеби затоа што Тито имал мошне блиски врски со Велика Британија. Некои велат дека уште пред војната бил врбуван од страна на англиската разузнавачка служба. За време на војната тој, во секој случај, многу се зближил со нив. Кај него доаѓал дури и синот на Черчил Рандолф. Тој бил многу задоволен и восхитен по разговорот со Тито и му велел на својот татко дека тој е неверојатен и прекрасен човек. Општо земено, Тито бил премногу близок со Англичаните, а на Сталин му бил потребен човек кој е во многу помала мера поврзан со Западот.

Првомајската парада во 1946 година со ликовите на Сталин и Тито поминува пред хотелот „Москва“ во Белград.

Друг можен одговор е: Тито имал премногу сопствени амбиции. И тие биле оправдани зашто тој раководел со единственото успешно и масовно партизанско движење во цела Источна Европа. Бил на чело на држава која добила најголема територија од сите „земји со народна демократија“. Југословенската војска беше, ми се чини, трета во Европа за време на распадот на Југославија. За време на настанувањето на Југославија војска во вистинска смисла на зборот не постоела, а била создадена голема, квалитетна, способна војска. Односно, Тито несомнено имал основа за сопствени геополитички амбиции и, секако, на Сталин тоа не му се допаднало. Тој во државното раководство во Источна Европа сакал да види попослушни, помалку амбициозни луѓе.

Кога станува збор за формалната причина за конфликт, во науката сето тоа е веќе опишани и многу малку може да се додаде. Каменот на спрепнување бил прашањето за Балканската федерација, за тоа дали Бугарија и Албанија треба да бидат составен дел од неа. Тито започнал да работи во таа насока без договор со Москва. Сталин, кој цело време чекал повод да му се налути на Тито, ја искористил оваа можност, што за Тито било сосема неочекувано. Ниту Тито, ниту југословенското раководство во целина, не можеле да сфатат што се случува, зашто самиот повод бил сосема формален. Сталин се решил за одделување.

Што уште го налутило Сталин?

Американците имаа свој придонес за ова. Американското списание „Лајф“ објавило портрет на Тито на насловната страна и огромен текст посветен на него со наслов „Пролетерскиот проконзул“. Ова страшно го разбеснело Сталин.

* Д-р Никита Бондарев е историчар, политиколог, доцент на Рускиот државен хуманистички универзитет, автор на книгата „Загатката на Тито. Московските години на Јосип Броз“.

Прочиајте уште: Пелагија Белоусова, прекрасната Русинка која прва го освоила срцето на Тито

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња