Како главниот џелат на Сталин лично погубил 15.000 луѓе

Public domain; Анџеј Вајда/Akson Studio,2007
Џелатите од добата на Сталиновите репресии и самите станувале жртви на теророт што го ширеле. Само еден од нив, и тоа оној најлошиот, ги има надживеано сите свои шефови, па дури и самиот Сталин.

Василиј Блохин бил најсиромашниот џелат на Сталин. Тој раководел со стрелачкиот вод (познат под називот „специјална група) кој вршел масовни егзекуции на „народните непријатели“ во СССР. Блохин лично испратил на оној свет околу 15.000 луѓе.

Кога во 1926 година бил поставен за командант на советската служба за безбедност на Обединетата државна политичка управа (ОГПУ), Блохин станал одговорен и за погубувањата. Во текот на следните триесетина години оваа организација во повеќе наврати ќе го менува својот назив (НКВД, МГБ) и своите раководители. Нема да се менува само Блохин.

Ѓаволски џелат

Официјалната партиска фотографија на генерал-мајорот Василиј Блохин.

Секојдневното убивање неминовно влијае на човековата психа. Многу болшевички џелати не можеле да го поднесат тоа – или завршувале во лудница, или паѓале во длабока депресија, или барале спас во алкохолот. Дури и било вообичаено егзекуциите да ги извршуваат во пијана состојба.

Василиј Блохин бил нешто друго. Тој на својата работа ѝ пристапувал „професионално“, односно со ладна глава. Никогаш не пробал алкохол пред егзекуција и им забранувал да останатите да пијат. „Симнувањето на стресот“ било дозволено дури по завршувањето на работата.

„Вотка, се разбира, пиевме до бесвест. Нека кажува кој што сака, но тоа воопшто не беше лесна работа. Толку се изморувавме што понекогаш одвај стоевме на нозе. Се миевме со колонска вода и тоа до појас. Поинаку не можевме да го убиеме тој мирис на крв и на барут. Дури и кучињата ни се тргаа од пат, а ако лаеја на нас, тогаш тоа беше само од далеку“, пишува Александар Емељанов, член на стрелачкиот вод на Блохин (Олег Смислов, Генерал Авакумов. Џелат или жртва. Москва, 2017).

Блохин не се „склопчил“ во својата крвава работа. Тој можеби и бил единствениот високообразован џелат во историјата на човештвото. Освен тоа, бил страстен љубител на коњи. Во личната библиотека имал околу 700 книги посветени на коњите.

Николај Ежов

Бил отпорен, навремено ги извршувал своите задачи и брзо напредувал во кариерата. Нему во текот на масовните репресии кон крајот на триесеттите години од минатиот век му биле доделувани осудениците со највисока општествена положба. Со својот омилен пиштол од марката „Валтер“ (кој не се загревал толку брзо како пиштолите од руско производство) тој лично ги има убиено највисоките чинови на воениот врв осудени во текот на репресиите – Михаил Тухачевски, Јон Јакиро и Јероним Уборевич.

На списокот лични жртви на Сталиновиот џелат се новинарите Михаил Кољцов, театарскиот режисер Всеволод Меерхољд и писателот Исак Бабељ. Без размислување го стрелал и својот поранешен шеф, началникот на НКВД Николај Ежов, кога тој паднал во немилост на врховната власт.

Еден чекор од смртта

Исечок од фотографија со Лаврентиј Павлович Берија, народен комесар за внатрешни работи на СССР.

Сето ова во 1939 година за малку не му се вратило на Василиј Блохин како бумеранг. Кога Лаврентиј Берија дошол на чело на државната безбедност веднаш започнал чистка на органите од луѓето на Ежов, а Блохин не бил последен на овој список.

Но, кога отишол кај „таткото на народот“ на одобрување, Берија неочекувано бил одбиен. „Ј.В. Сталин не се сложи со мене, изјавувајќи дека ваквите луѓе не треба да се затвораат, зашто тие извршувале тешка и валкана работа“, пишува тој во 1953 година („Политбирото и случајот на Берија“, Зборник документи, Москва, 2012).

Откако се вратил во својот кабинет Лаврентиј Берија веднаш го повикал Блохин заедно со другите раководители на неговата „специјална група“. По подолг разговор Блохин и неговите луѓе излегле со овластување да ја продолжат својата работа.

Стрелање полски офицери

Кариерата на Блохин ја достигнала својата кулминација во 1940 година кога биле стрелани полски офицери кои се држени во Осташковскиот логор во Калининската (денес Тверска) област. Блохин бил испратен од Москва како раководител на егзекуцијата. На располагање му биле ставени триесет чекисти.

„Облече специјално одело: кафеав кожен качкет, долга кафеава кожна престилка и кафеави кожни ракавици со долги манжетни кои се навлекуваа над лактовите. Мене тоа ми остави силен впечаток, видов вистински џелат!“, има запишано началникот на Управата на НКВД за Калининската област Дмитриј Токарев (Олег Смислов, Генерал Авакумов. Џелат или жртва. Москва, 2017).

Полјаците ги стрелаа ноќе, во партии од по 250 луѓе. Целата процедура во просек траеше три минути по човек.

По секоја ноќна смена Блохин им даваше алкохол на ѕверските егзекутори. Само тој беше спокоен и сосема рамнодушен кон сето она што се случуваше.

Со цел „растоварување“ на Осташковскиот логор биле стрелани 6.311 луѓе. Блохин лично има убиено 600 Полјаци. Завршувањето на стрелањето било одбележано со голем банкет.

Крајот на џелатот

Василиј Блохин во сопствените очи можеби изгледал како голем среќник, со оглед на тоа дека надживеал многумина свои стрелани шефови. Генрих Јагода, Николај Ежов, Лаврентиј Берија и Виктор Авакумов. Властите го преплавиле со награди. Има добиено Ленинов орден, два Ордени на Црвената ѕвезда, Орден на Татковинската војна од прв степен и медал „Почесен чекист“.

Генералниот секретар на Централниот комитет на Серуската комунистичка партија (болшевици) Јосиф Сталин во работниот кабинет.

Набргу по смртта на Сталин Блохин се пензионирал. Меѓутоа, не му било судено да се одмори. Започнало преиспитувањето на досиејата на репресираните лица и започнати се истраги за злосторствата на Сталиновиот режим,

Рекордерот меѓу џелатите повеќе пати бил повикуван на сослушување. Избегнал кривично гонење зашто се сметало дека тој не бил организатор, ами слепо оружје на теророт.

Сепак, во ноември 1954 година на Блохин му бил одземен чинот генерал-мајор зашто се „дискредитирал самиот себеси во текот на работата во органите... со што не е достоен за високото звање генерал“. Само неколку месеци подоцна Василиј Блохин умрел од инфаркт на 61 година (според друга верзија извршил самоубиство).

Иронијата се состои во тоа што главниот џелат на Сталин е погребан во Москва на Донските гробишта, каде во заедничките гробници почива правта на многу негови жртви.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња